Мицкоски со Касами и Меџити, но без Димитриевски, барал решение за правосудниот испит


 

Не заглавениот пат кон ЕУ, не борбата против корупцијата, туку полагањето правосуден испит на албански јазик беше поводот јавно да се објави дека премиерот Христијан Мицкоски се сретнал со лидерите на Влен за да разговараат за овој проблем. Забележливо на средбата на коалициските партнери, не бил и лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, иако неговиот кадар го води Министерството за правда.

Во соопштението од средбата во владата се вели дека премиерот Мицкоски одржал работна средба на која присуствуваа копретседателите на Влен, Билал Касами и Изет Меџити, на која се разговарало за темата со употребата на јазиците при полагање на правосудниот испит.

„Беше нагласено дека само преку заеднички, мудар и достоинствен пристап може да се дојде до решенија кои ќе значат напредок, меѓусебна доверба и заедничко чекорење кон иднината.

Соговорниците се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја современа и успешна држава. Оттука, институциите активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност“, се вели во соопштението.