Муцунски до опозицијата: Правевте отстапки, а не направивте ништо
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска уште еднаш повтори дека во овој момент и во вакви услови нема можност за уставни измени. Ова, според Муцунски, не значи дека треба да се прекине со дијалогот, туку, напротив, треба да се води проактивна дипломатија поради што побарал средба со својата бугарска колешка за крајот на оваа недела.
– Треба да дискутираме за многу работи, вклучително и за овој неевропски спор што ѝ се наметнува на нашата држава, а да бидеме реални, го дозволивте вие да ѝ се наметне на нашата држава – рече Муцунски од собраниската говорница одговарајќи ѝ на пратеничкото прашање на Арбана Пашоли од ДУИ.
Муцунски посочи дека Владата го гледа патот напред со максимална фокусираност на реформската агенда и дополнителни гаранции дека државата нема да биде условувања со прашања од билатерален карактер во иднина.
– Во однос на политичките очекувања, очекуваме земја членка на Европската Унија да го презеде товарот на одговорност да ја применува Европската конвенција за човекови права, да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Како држава очекуваме и дека ќе добиеме дополнителни гаранции дека државата понатаму нема да биде условувана во однос на билатерални прашања – рече Муцунски.
Во делот на реформската агенда Муцунски рече дека државата испорачува поради што и добиваме пари од планот за раст.
– Тоа не е мој субјективен став, видете што ни испорачува Европската Унија од европските фондови, а е поврзано со нашата испорака. Ако не испорачуваме, не би добивале средства од планот за раст. Но, тука сте потребни и вие – кога ќе дојдат законите од реформската агенда да го притиснете зеленото копче, не само да зборувате за европската агенда туку и да ги поддржите рефомските закони – следуваат Изборниот законик, правосудните реформи – рече Муцунски.
Осврнувајќи се на она што е направено од претходната влада, Муцунски рече дека недостигот на реформи бил видлив. Застапувате политичка опција, која на полето на евроинтеграциите нема кредибилитет. Иако направивте низа отстапки, не направивте ништо, ѝ рече Муцунски на Пашоли.