По кавгата меѓу Белград и Загреб, Македонија ќе го организира состанокот „Брдо-Бриони“ во октомври
Македонија во октомври треба да биде организатор на состанокот „Брдо Бриони“, кој требаше да се одржи на Бриони, но беше откажан по заострувањето на реториката меѓу Хрватска и Србија.
„Морам да кажам дека колегата Зоран Милановиќ го разбирам зошто ја откажа веќе договорената средба на Бриони. И двајцата секако почнавме да размислуваме каде да најдеме решение. Сите во рамките на процесот ‘Брдо-Бриони’ се согласуваме дека ова е единствена платформа каде што сите држави на Западен Балкан и Словенија и Хрватска, еднаш годишно разговараме. И тоа е навистина битно“, рече словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова по средбата во Љубљана.
Пирц-Мусар истакна дека не е одлучено во кој град во Македонија ќе се одржи но најави дека ќе биде во октомври.
„Сега до мај не можеме на брзина да го организираме, значи октомври, датумите ќе ги кажеме дополнително, тоа е во рацете на претседателката“, рече Пирц-Мусар.
Смета дека навистина е важно процесот да продолжи и сите да се присутни на состанокот.
„Значи тоа е навистина битно, и Косово и Србија се тука. И јас мислам дека некои задршки или проблеми на страна претседателот нема да има, бидејќи треба да се случи во Северна Македонија и мислам дека тоа сега е веќе факт. И уште еднаш навистина благодарам на претседателката на Северна Македонија дека ќе го организира овој процес“, нагласи Пирц-Мусар.
Процесот „Брдо-Бриони“ е инициран од Хрватска и Словенија во 2013 година. На него учествуваат земјите од Западен Балкан и Словенија и Хрватска.