Филипче секој ден прегледува пациенти, а еднаш неделно оперира
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој е неврохирург, откри дека и покрај политичките обврски, секојдневно работи со пациенти, а еднаш неделно влегува и во сала да оперира. Тој рече дека никогаш не ја напуштил својата професија како неврохирург, а во исто време како професор е активно вклучен и во наставниот процес на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” , каде што држи предавања и испити за студентите.
„Прегледувам пациенти секој ден, прават доаѓаат луѓе за консултација, мислења, а еднаш неделно влегувам во операциона сала. Држам и предавање и испити. Јас предавам васкуларна, неврохирургија, траума и сега функционална. Ние имаме еден специфичен начин, поделени се студентите од петта година во повеќе групи, точно се знае во семестарот кога се предавањата“, изјави Филипче.
Говорејќи за предизвиците во медицината и политиката, Филипче нагласи дека и двете професии ги обединува желбата да им се помогне на луѓето.
„Предизвикот е на двете места еднаков. Во едната ситуација се спасуваат животите и веднаш се видливи резултатите. Во другата ситуација, во политичкиот живот, резултатите доаѓаат малку подоцна. Меѓутоа, што ги обединува двете работи? Желбата и волјата да им се помогне на луѓето. И сметам дека политиката дава дополнителни инструменти преку имплементирање и креирање на политики, да повеќе луѓе видат бенефит, повеќе луѓе конечно живеат подобро и во држава како што замислувале со децении наназад“, изјави Филипче.