Албански студенти на втор протест за правосудниот испит


Фото: Б. Грданоски

 

Денеска попладне во Скопје се одржа втор протест на албански студенти кои бараат правосудниот испит да се полага на албански јазик.

„Знаењето нема забранет јазик“; „Не допирајте ја нашата иднина“; „Закон на хартија, дискриминација во практика“ беа дел од пораките што беа испишани на транспарентите. Протестот почна од плоштадот кај влезот во Старата скопска чаршија, а потоа преку Камениот мост и плоштадот „Македонија“ продолжи пред Министерството за правда.

Протестот се одржа под слоганот „Обединете се со студентите – сите заедно“ и е втор собир организиран од студентите по, како што велат, одбивањето на нивното барање од страна на Министерството за правда.

Организаторите најавија дека ќе продолжат со активностите и притисокот врз институциите сѐ до исполнување на нивното барање.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со копретседателите на коалицијата Влен, Билал Касами и Изет Меџити, каде што главна тема беше изнаоѓањето решение за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит.

Првиот протестен марш се одржа на почетокот на април во Скопје.