СДСМ бара истрага зошто Славески го кочи изборот на вицегувернери на НБРМ


Богданка Кузеска

Скандалот со блокираниот изборот на вицегувернери во Народната банка отвора сериозни прашања за работењето на Трајко Славески и за состојбите во оваа клучна институција, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, се вели во соопштението од СДСМ.

Од СДСМ прашуваат зошто се кочи изборот на вицегувернери и дали Трајко Славески намерно ја блокира постапката?

Притоа, посочуваат дека мандатот на двете вицегувернерки е истечен уште од лани, изборот е законски регулиран со прецизни рокови кои се истечени а се уште нема избор.

Според Кузеска, прекршен е член 55 став 1 од Законот за Народна банка и рокот од 22 декември 2025 година е изминат. 

„Ова доцнење отвора и дополнителна дилема, дали одлуките на Советот на Народната банка во вакви услови се целосно легитимни и функционални“, вели Кузеска, додавајќи дека кога клучни позиции не се пополнети, се доведува во прашање фукционирањето на Народната банка.

Притоа, Кузеска обвини дека гувернерот Славески има директна одговорност за оваа состојба и дека не е првпатда носи политики на штета на граѓаните, а како аргументи наведе дека Славески бил против зголемување на минималната плата, како и дека како претседавач на Советот на Град Скопје во изминатите четири години, бил „дел од хаосот во главниот град – нефункционалност, застој на проекти и целосен институционален распад“.

„СДСМ бара, итна истрага за причините. Финансиската стабилност не смее да биде жртва на политички игри и на неспособноста на Славески“, изјави Кузеска.