Руските гасоводи можеби се уништени засекогаш, пишува „Тагесшпигел“


 

Германскиот дневен весник „Тагесшпигел“ известува дека германските власти претпоставуваат дека три делници од „Северент тек 1 и 2“ би можеле да бидат „засекогаш неупотребливи“, бидејќи солената вода би ги кородирала цевководите доколку не се поправат брзо.

Поради сложеноста на нападот, експертите и оние во германските владини кругови веруваат дека тој би можел да го изврши само државен актер, пишува весникот.

Една теорија е дека нуркачи можеби поставиле експлозиви на цевките на длабочина од 70 до 80 метри, пишува „Тагесшпигел“.

Весникот тврди дека има сѐ поголеми докази за таргетирани напади врз гасоводи. Русија е осомничена за поткопување, но не е јасно која би можела да биде нејзината мотивација.

Гасоводот „Северен тек 1“ се протега на 1.200 километри од рускиот брег во близина на Санкт Петербург до североисточна Германија преку Балтичкото Море. Тој беше отворен во 2011 година и испраќаше максимални 170 милиони кубни метри гас дневно од Русија во Германија.

Изградбата на вториот, паралелен гасовод – „Северен тек 2“ – беше завршена минатата година, но проектот беше стопиран откако Русија ја нападна Украина и тој никогаш не почна да испорачува гас.

Шведската Крајбрежна стража објави нова видео снимка како клокоти морето на местото каде што истекува гасот.