Рокас оцени дека Скопје има уште многу работа пред себе како Европска престолнина на културата во 2028
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, денес, на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, одржана во рамки на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, во присуство на дипломатскиот кор на земјата и функционери од Матера, Подгорица, Торино, Валета, Инстанбул… истакна дека титулата европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој.

– Европската престолнина на културата покажува дека културата не е само забава, туку катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија – рече Рокас.
Тој потсети дека оваа иницијатива постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки.
– Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите – нагласи тој додавајќи дека културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата.
Рокас оцени дека Скопје има уште многу работа пред себе, но изрази поддршка за досегашниот напредок.
– Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и поддршка – порача Рокас.
Титулата европска престолнина на културата 2028 не се сведува на едногодишна културна програма, туку претставува долгорочен процес насочен кон трајна трансформација на градот и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Ова беше главната порака на конференцијата која ги обедини скопските и културните власти. На настанот културата беше посочена како клучен двигател на урбаниот развој, социјалната кохезија и новиот идентитет на Скопје, а проектот беше оценет како заедничко дело на граѓаните, институциите и меѓународните партнери.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека европската престолнина на културата не смее да се сфаќа како изолиран културен настан, туку како заеднички проект што ја вклучува целата заедница.
– Ова не е само проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека „Скопје 2028“ може да биде нешто навистина посебно – истакна Љутков.
Тој посочи дека Владата обезбедува целосна и конкретна поддршка за реализација на проектот вклучувајќи и значителни финансиски средства.
– „Скопје 2028“ ја има нашата целосна и безрезервна поддршка. Поддршка која не е декларативна, туку институционална, финансиска и политичка – рече министерот нагласувајќи дека за проектот се обезбедени 20 милиони евра.

Љутков најави и конкретни интервенции во културната и урбаната инфраструктура со долгорочен ефект.
– Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна – и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа – посочи тој најавувајќи ревитализација на скопското Кале, конзервација на акведуктот и реконструкција на Универзалната сала.
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека титулата европска престолнина на културата претставува историска можност за суштинска промена на градот, а не само за зголемување на бројот на настани.
– Дали тоа значи само една година исполнета со настани? Или, како што значи за мене, нешто многу подлабоко – можност културата да стане трајна трансформација, јавна трансформација на инфраструктурата на градот – рече Ѓорѓиевски.
Тој ја поврза визијата за „Скопје 2028“ со историското наследство на солидарност по земјотресот во 1963 година.
– Ако во 1963 година солидарноста значеше обнова на разрушениот град, тогаш денес таа мора да значи обнова на јавниот интерес, на довербата во институциите и на чувството на припадност – нагласи градоначалникот.
Според него, културата мора да биде дел од секојдневниот живот на граѓаните.
– Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака, пред сè, да остане, каде што културата не е луксуз, туку секојдневие – рече Ѓорѓиевски.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, истакна дека титулата европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој.
– Европската престолнина на културата покажува дека културата не е само забава, туку катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија – рече Рокас.
Тој потсети дека оваа иницијатива постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки.
– Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите – нагласи тој додавајќи дека културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата.
Рокас оцени дека Скопје има уште многу работа пред себе, но изрази поддршка за досегашниот напредок.
– Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и поддршка – порача Рокас.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, ја истакна долгогодишната поврзаност на Обединетите нации со развојот на Скопје, од обновата по земјотресот до денешните програми за одржлив урбан развој.
– Скопје не е само град, туку приказна за солидарност и отпорност – рече Григоријан.
Тој најави конкретни проекти што УНДП ќе ги поддржи во пресрет на 2028 година.
– Заедно со Град Скопје ќе работиме на трансформација на коридорот на реката Вардар во зелен, активен урбан простор и на отворање на клучните културни знаменитости – посочи тој.
Григоријан потенцира дека европската престолнина на културата е можност за долгорочна визија.
– Овој момент нуди можност да се обликува иднина која е креативна, инклузивна и одржлива, вкоренета во европските вредности – заклучи тој.
Настанот продолжи со панели посветени на урбаните политики водени од културата, улогата на младите, механизмите за имплементација и примената на културата како двигател на урбана иновација во процесот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.
