Рекетарство – професија на успешните


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

На секој чекор нè следи предизвикот постојано да ги постигнуваме најдобрите резултати во своето работење. Сите луѓе не се специјалисти ниту, пак, сите имаат постојано вработување, уште помалку ги има оние што ќе го достигнат врвот во уметноста или науката, многу од нив се погонски работници, работници на поле, на улица. Нема неважна работа. Секоја работа која му користи на човештвото е возвишена и важна и треба внимателно да се врши. Ако е човек чистач на улици, тој мора да ги чисти онака како што Микеланџело сликал, Бетовен компонирал или како што Шекспир пишувал стихови. Би морал да ги чисти улиците толку добро што сите жители на земјата и небото да застанат и кажат: „Овде живеел големиот чистач на улици кој добро ја вршел својата работа“ – Мартин Лутер Кинг.
Дали и ние ја извршуваме својата работа онака како што тоа го опишал Мартин Лутер Кинг? Дали сме толку предани и вредни, толку одговорни и свесни да ја вршиме својата работа најдобро што можеме за тоа да го препознаат другите?
Тешко дека одговорот е позитивен во која било денешна професија, особено тешко ќе препознаеме целосно вложување во својата работа, задоволство од неа и општествената корисност. Причините се многубројни и вткаени се како во изменетите општествени и економски вредности така и во урнисаните морални вредности.
Поразително е што во едно основно училиште на прашање на учителката кои се најплатени професии во нашата држава, одговорот како од пушка бил – рекетарство и дилерство. Уште повеќе поразува фактот што децата ова го сметаат за нормална појава, професии кои се доходовни и најмногу од сè што се во право.
Ова е слика на нашето денешно општество, слика која ја гледаат младите поколенија и нивното доживување на реалноста. Во нашата земја очигледно само овие две професии ја работат толку добро својата работа како што тоа го опишал Мартин Лутер Кинг, токму затоа што сите останати професии не ја работат својата работа.
Некогаш, во не така далечното минато, моралните и општествените вредности беа на цена, отстапувањето од нив резултираше со прекор и општествена осуда, одговорноста и отчетноста се подразбираа во работењето, а на прекршувањето на законските норми следуваше реакција на правниот систем. Денес моралните вредности се искривени и изопачени, општествените вредности речиси и да не постојат, институциите на системот не функционираат нормално туку на „буткање“ и по партиска нарачка, а правниот систем е заробен и нефункционален.
Во право се децата за најдоходовните професии и за нивната успешност. Ако тие професии, односно едната, рекетарството успеа да ја инволвира и „вработи“ и специјалната јавна обвинителка и кој знае уште колку луѓе на високи позиции, навистина можеме да зборуваме за успешна професија. Кога на финансиската успешноста ќе ја додадеме некадарноста на институциите и нивната партиската заробеност, некадарноста на обвинителството и послушничкиот и клиентелистички однос на судството, што сето заедно резултира со недопирливоста и неказнивоста, тогаш можеме да зборуваме за професија во вистинската смисла на зборот.
Оваа слободна и креативна професија не само што отвора нови видици и можности туку таа вработува и ангажира и други кооперанти, неопходни за успешното работење. Снимателите на аудиоснимките или тон-мајсторите заедно со снимателите се основа или база за оваа професија. Создадениот материјал доставувач уредно го предава на рекетарот. Полициската, обвинителската и судската заштита, испреплетена со политичката моќ претставуваат надградба која оваа професија ја прави и успешна и сигурна и привлечна.
Оваа професија во изминатиот период напредувала и од оружје, мускулести момци и гола сила стана професија на слабички, речиси анорексични момчиња, дотерани по последната мода со мемориска картичка во раката.
Покрај тоа што оваа професија ја намалува невработеноста и врши распределба на капиталот таа има и културно-забавна компонента. По дознавањето за успешно извршената работа рекетарот најчесто почнува да ги исполнува порталите, вестите и весниците со најразлични приказни, но вистински интересно станува кога серијалот ќе продолжи со приказните на обвинителството и политичките партии, тогаш и „Ѕвездените патеки“ стануваат образовно научна програма. Воспитниот аспект веќе го видовме преку одговорите на учениците.
Втората најуспешна професија е во подем и допрва ќе доживее процут, сега е во фаза на лиценцирана подготовка. За дилерството допрва ќе се чуе и пишува.