Рецесијата тропа на врата, како да се справиме со неа


Колкав ќе биде падот на БДП годинава - 0,4 отсто, 3,8 или 4 отсто

Првата помош стигна од ЕУ – 65 милиони евра, ММФ одобри кредит од 176 милиони евра, наскоро се очекуваат и околу 140 милиони евра од Светска банка, во подготовка е и еврообврзница… Но, дали ќе биде доволно?

Мирче Јовановски

Како да се подготвиме за живот во рецесија – е прашање што си го поставуваат барем 170 земји во светот, колку што Меѓународниот монетарен фонд пресмета дека годинава ќе се соочат со пад на домашниот бруто- производ. Меѓу нив е и Македонија. Без оглед дали станува збор за минус 0,4 отсто, колку што изнесува прогнозата на Светска банка од 20 март, или вчерашната на ММФ за пад на БДП од 4 отсто, или пак, нешто помеѓу, како на Фајнанс тинк за минус 3,8 отсто, заклучокот е единствен – ни претстои тешка и неизвесна година, затегање на ременот, поплитки џебови, помали плати, повеќе невработени и поголеми долгови. Првата помош стигна од Европската унија од 65 милиони евра, ММФ одобри кредит од 176 милиони евра со извонредна каматна стапка од 1,05 отсто, наскоро се очекуваат и околу 140 милиони евра од Светска банка, во подготовка е и еврообврзница… Но, дали ќе биде сето тоа доволно?

„Економијата се соочува со рецесија, со негативен раст за 2020 година од минус 0,4 проценти под оптимистичка претпоставка дека кризата ќе заврши до крајот на јуни и економијата ќе се врати во нормала“, пишува Светска банка во пролетната прогноза за земјите од Европа и централна Азија, под наслов „Борба против Ковид-19“.

Најмал пад на БДП споредено со земјите од регионот

Македонија, ако може така да се каже, помина дури и подобро во споредба со повеќето земји во извештајот, а особено во споредба со земјите од непосредното опкружување. Така, на пример, спред Светска банка, БДП на Албанија годинава ќе биде помал за 1,4 отсто, на Босна и Херцеговина ќе биде минус 1,9 отсто, на Бугарија минус 3,7 отсто Хрватска ќе забележи најголем пад на БДП од минус 6,2 отсто, Косово минус 1,6 отсто, Црна Гора минус 1,3 отсто и Србија 0,5 отсто.

Другата варијанта што ја спомнува банката, доколку кризата се пролонгира по средината на 2020 година, вели дека македонската економија би можела да заврши во подлабока рецесија од над минус 2 проценти што ќе биде придружено со побрз пораст на невработеноста и сиромаштијата и ќе бара посилна фискална и монетарна реакција. И додека напорите ќе бидат насочени кон ублажување на непосредните последици од кризата, критично ќе биде ако се изгуби фокусот за справување со долгорочните приоритети, како што се нискиот и опаѓачки човечки капитал, ниската конкурентност и неефикасното судство, намалувањето на продуктивноста и зголемувањето на миграцијата, предупредува банката.

Всушност, иако борбата против невидливиот непријател кој досега зарази повеќе од 1,7 милиони луѓе и одзеде над 108 илјади животи првенстено е здравствена, таа во голема мера е и борба против рецесијата.

Во случајот на Македонија, како што објаснува Светска банка во извештајот, најмногу се очекува да забави личната потрошувачка, а ќе се намалат извозот и инвестициите. Токму овие три компоненти беа едни од главните двигатели на економскиот раст на земјава во изминатиот период.

На другата страна, како што додава Светска банка, ќе се зголеми потрошувачката на владата во обид да се зајакне економијата и да се спротивстави на негативните влијанија на кризата. Но, тоа ќе резултира во повисок дефицит и поголемо ниво на задолжување во време кога условите за финансирање (домашни и надворешни) може да бидат затегнати.

Домашни економисти, но и меѓународните финансиски институции подолго време предупредуваат дека таканаречените бафери, или простор за натамошно задолжување се прилично ограничени. По годините на брз пораст на јавниот долг и неговото удвојување од 23 на речиси 50 отсто од БДП, последниве две години тој раст е стабилизиран на околу 48,6 отсто од БДП. Но, поради доспевањето на обврските кон странските доверители и без актуелната криза беше во план издавање на еврообврзница од околу 500 милиони евра. Сега, целата оваа математика е изместена.

Три сценарија 

Министерството за финансии подготви три основни сценарија – поволно, неповолно и најнеповолно за справување со последиците на корона вирусот врз економијата, според кои падот на приходите во буџетот би бил од 20 до 40 отсто, а минусот кај приодите 700 милиони евра, една милијарда евра, па се до 1,3 милијарди евра. Најголем удар се очекува токму во претстојните три месеци кога падот на даночните приходи се очекува да изнесува од 40 до 65 отсто во однос на 2019 година. Ребаланс на Буџетот се наметнува како нужност, а во него, како што вели Светска банка, е потребно да се направи „реприоритетизација на трошењата“.

Една од најболните последици од рецесијата ќе биде губење на ефектите од намалување на сиромаштијата, со оглед на проблемите што ги имаат фирмите во најпогодените сектори (туризам, угостителство и производство што придонеле најмногу за намалување на сиромаштијата во минатото).

Сепак, во извештајот на Светска банка провејува и оптимизам, бидејќи, како што се вели, откако ќе заврши кризата, членствот во НАТО и почнувањето на пристапните преговори со ЕУ треба да помогнат во забрзување на закрепнувањето во 2021 година. Според ова сценарио, се очекува растот во 2021 година да изнесува 3,7 проценти, како резултат на обновената доверба на потрошувачите и инвеститорите и следствено на тоа – зголемување на личната потрошувачка и на приватните инвестиции. Сиромаштијата може да го продолжи падот, достигнувајќи 15,6 проценти до 2022 година, со оглед на очекуваниот раст на реалната плата и подобрувањето на пазарот на трудот.

Слични се оцените и од ММФ, со тоа што од таму предвидуваат пад на БДП од 4 отсто оваа година како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка, но и поради негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови. Од ММФ наапоменуваат дека македонските власти ветиле дека по завршување на кризата предизвикана од Ковид -19, ќе се заложат за обновување на фискалните бафери и за спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија.

Двете институции, Светска банка и ММФ, меѓу другото, го посочија извозот, односно надоврешната побарувачка, како еден од факторите што ќе влијае врз длабочината и должината на рецесијата. Тоа не чуди имајќи предвид колку македонската економија е зависна од надворешно-трговската размена, особено со земјите до Европската унија, а најмногу со Германија.

Најголемите економии пред историска рецесија

„Голдман Сакс“, деновиве излезе со прогноза дека европскиот БДП годинава ќе падне 9 отсто, но ќе закрепне идната година со раст од 7,8 отсто. Италијанскиот БДП годинава ќе се намали 11,6 отсто поради корона кризата која беснее во оваа земја и која го парализира тамошното стопанство. Според банката идната година ќе дојде до раст на италијанскиот БДП од 7,89 отсто. Франција, според „Голдман Сакс“ ќе има пад на БДП од минус 7,4 отсто оваа година и раст од 6,4 отсто идната година, германскиот БДП ќе падне 8,9 отсто годинава и ќе се зголеми 8,5 отсто во 2021 година, а БДП на Шпанија ќе биде минус 9,7 отсто во 2020 година и плус 8,5 отсто идната година.

„Фајненшел тајмс“ деновиве пишуваше дека двете најголеми европски економии оваа година ќе влезат во историска рецесија. Германската економија ќе се намали за речиси десет отсто во наредните три месеци, пишува весникот, повикувајќи се на водечки германски економски истражувачки институции. Тоа е најостриот пад од 1970 година, кога почнале вакви квартални процени и е двојно поголем од најголемиот досегашен пад во 2008 година, за време на финансиската криза.

Обемот и брзината со која корона вирусот влијае врз економијата го покажуваат и податоците на ОЕЦД, според кои најголемите економии влегуваат во рецесија. Композитниот индекс на водечките индикатори кои се дизајнирани да ги идентификуваат пресвртните точки во економскиот циклус покажале во март најголем пад во повеќето големи економии, што е резултат на ставањето под клуч на производството, потрошувачката и падот на довербата.

Во меѓувреме и Светската трговска организација соопшти дека очекува намалување на надворешната трговија за 32 отсто како резултат на корона кризата, забележувајќи дека тоа е многу поголема контракција од 2009 година кога падот беше 12 отсто.

Ваквите црни прогнози за глобалната економија, макар и посредно не може да ја избегнат и македонската, која е вклучена во глобалните синџири на набавки, најмногу преку странските директни инвестиции кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија. А тоа, меѓу другото, ќе го одреди и периодот во рецесија што веќе тропа на вратата.