Раде Шербеџија и Милан Мариќ вечерва на сценатата на Драмски театар со „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“

За режисерката Ленка Удовички смислата на уметноста е да ги спојува луѓето, да се разменуваат креативни и добри енергии. „Се надевам дека ова ќе го има сѐ повеќе“, вели таа


Фото: Б. Грданоски

Смислата на уметноста е да ги спојува луѓето, да се разменуваат креативни и добри енергии наместо сето она што негативно се разменува во политиката. Се надевам дека ова ќе го има се повеќе и секако мислам дека сите кои сме овде со целите наши креативни битија и приватно, ја поддржуваме таквата соработка, вели режисерката Ленка Удовички, чија претстава „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од авторот Едвард Олби и во изведба на театарот Улисис од Хрватска ќе се прикаже на сцената на Драмскиот театар во Скопје.

Во оваа претстава играат нејзиниот сопруг, познатиот актер Раде Шербеџија, новата регионална ѕвезда Милан Мариќ, кој стана познат по улогата на Тома Здравковиќ во филмскиот хит „Тома“, како и Катарина Бистровиќ – Дарваш и Вања Ненадиќ. Претставата е во рамки на фестивалот „Рута“ – регионална унија на театри, во рамките на кој во наредните денови ќе бидат прикажани вкупно шест претстави од исто толку театри од регионот.

За Раде Шербеџија, е посебно доживување да се игра на сцената на Драмски театар – Скопје, за кој рече дека некогаш бил синоним во југословенски рамки.

„Посебно е возбудувањето вечерва да стоите на сцена на која некогаш стоеја навистина најзначајните глумци во поранешна Југославија. Тоа навистина беше така, Драмскиот театар од Скопје го имаше тој имиџ. Генерацијата со Ненад Стојановски, Мето Јовановски, Унковски, Горан Стефановски …“, рече Шербеџија на средбата со новинарите, додавајќи дека сака да доаѓа во Македонија и во Скопје каде што има многу пријатели, како и дека во седумдесеттите години на минатиот век играл во претстава токму во Драмскиот театар во Скопје.

„Постои некоја магија во воздухот во театарот, постојат емоции кои стојат во воздухот како заледени сталактити, кои се некаде, тоа се солзи, тоа се емоции, кои ги имаат оставено разни величествени глумци и глумици. Таа магија за мене вечерва навистина постои“, вели Шербеџија.

Надоврзувајќи се на прашањето за регионалната соработка младиот актер Мариќ рече дека таа е од суштинска важност и е логична работа.

„Уметноста е првата работа која ги демантира сите чудни обиди овие наши простори да се поделат и да бидеме сами за себе“, вели Мариќ додавајќи дека исконска е потребата да се работат регионални проекти.

„Во уметноста гледаме колку тие врски суштински се силни, колку ние делиме заеднички работи, делиме исти проблеми, ист менталитет, мали се разликите, а ги сакаме тие разлики кај другиот“, вели тој.

За Мариќ, можноста да се игра во иста претстава со Шербеџија е повеќекратно задоволство.
„Растев со неговите филмови и со неговите претстави, тој ми е глумечки пример. Таа можност која што ја отвора сцената е нешто што е одлика на големите глумци, да ги разбираат младите, да го разменуваат искуството, да те штитат и да те пуштат, но и да знаат кога да те вратат назад. Тоа е многу убаво чувство“, вели Мариќ.

Запрашани во што е разликата на оваа претстава „Вирџинија Вулф“ во споредба со онаа пред 30 години во режија на Душан Јовановиќ во Белградско драмско позориште и во која исто така играше Раде Шербеџија, одговорот беше дека секако има разлика меѓу двете претстави.

Удовички откри дека во претставата на Душан Јовановиќ таа била асистент на режија.

„Верувајте, тоа беше многу поинаква претстава. Јас тогаш бев млада и немажена девојка, ништо не сфатив. Сега, 30 години подоцна и 30 години во брак, мојот режисерски пристап во оваа претстава е радикално поинаков и мислам дека ова е една претстава за патологијата на хетеросексуален брак“, рече Удовички.

„Уметноста е жива. Театарската исто така, таа е уште пожива бидејќи, додека на филмот е еден момент кога си снимен, во театарот улогата која ја играте секогаш е ‘жива’. И се менува, некогаш успеваш да го достигнеш тој божествен момент на инспирација, некогаш не. Не сме машини, ние сме луѓе од крв и месо. Понекогаш сакаш нешто да направиш најдобро, но нешто не оди, можеби во релација со публиката, или со партнерот или со партнерката, нешто се случува. Можеби месечината е полна“, рече Шербеџија.

Претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ е вечерва во 20 часот во Драмски театар и со неа се отвора фестивалот РУТА Група Триглав. Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри – РУТА Група Триглав, во која се Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.

За утре е најавено гостувањето на Београдско драмско позориште со претставата „Диво месо“ од Горан Стефановски во режија на Јагош Марковиќ, а ден потоа, е претставата „Хероини“ по Овидиј од Месно гледалишче Љубљана и во режија на Александар Поповски.

На 17 октомври доаѓа Градско позориште Подгорица со претставата „Коњите убиваат, зар не?“ од Маја Пелевиќ и во режија на Кокан Младеновиќ, а потоа на 18 октомври е комедијата „Мирна Босна“ од Борис Лалиќ, во изведба на Камерни театар 55 од Сараево и во режија на Саша Пешевски.

Фестивалот ќе се затвори со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, на режисерката Зоја Бузалковска во изведба на Драмски театар Скопје.

Билетите за сите претстави се распродадени, соопштија организаторите.