Путин го чека бурен викенд: Опозицијата најави протести – полицијата спремна


Во Русија се очекува бурен викенд откако приврзаниците на уапсениот опозиционер Алексеј Навални најавија масовни протести ширум земјата на кои ќе бараат негово ослободување.

Од друга страна, руската полиција денеска соопшти дека во текот на викендот ќе преземе мерки против протиестите.

„Обидите за одржување неодобрени јавни собири, како и провокативни акции на нивните учесници, ќе се сметаат за закана за јавниот ред и мир и веднаш ќе бидат сузбивани“, се наведува во соопштението на московската полиција.

Навални (44) минатата седмица се врати во Русија од Германија, каде се лекуваше од труењето со нервниот агенс „новичок“ во напад за кој г обвини руските безбедносни служби и претседателот Владимир Путин. Путин негира вмешаност.

Веднаш по враќањето Навални беше уапсен поради кршење на прописите на условната казна по една поранешна пресуда која исто така се смета политички мотивирана.

Неговиот тим на почетокот на оваа седмица објави видео за луксузната палата на брегот на Црното Море која наводно е во сопственост на Путин. Претседателот негира дека таа е негова.

Двочасовната приказна е прегледана повеќе од 53 милиони пати од објавувањето во вторникот, со што стана најгледано видео на критичарите на Кремљ на Јутуб.

Во меѓувреме, Западот го јакне притисокот на Москва да го ослободи Навални.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска соопшти дека разговарал со путин и му рекол дека Европа е обединета во осудата на апсењето на навални и дека бара негово итно ослободување.

„Русија мора итно да продолжи со целосна и транспарентна истрага во обидот за атентат на него“, порача Мишел.

Неколку блиски соработници на Навални, вклучително и истакнатата активистка Љубов Собол и неговата портпаролка Кира Јармиш, уапсени се во четвртокот поради повикот до Русите да им се придружат на демонстрациите.

Собол (33) е обвинета за повторно кршење на законот за јавен собир, за кој е предвидена максимална казна од 300.000 рубљи (4.000 американски долари), рече нејзиниот адвокат Владимир Воронин.

Собол, која има и мало дете, веројатно нема да добие затворска казна, додаде тој. Но, предупреди дека властите, ако ја прогласат за виновна, подоцна ќе може да покренат криминална истрага против неа.

Јармиш, 31-годишна портпаролка на Навални, која ноќта ја помина во притвор, е обвинета за кршење на законот за јавен собир и наведе дека е осудена на девет дена затовр.

Пред и по апсењето таа повика на масовни протести.

„Нашата иднина буквално зависи од бројот на луѓе кои ќе излезат на улица“, рече таа.

Бројни сојузници на Навални исто така се уапсени во четврток и петок, меѓу кои и координаторот за канцелариите на опозицискиот политичар во источниот град Владивосток.

Обивинтелите ги предупредија Русите да не излегуваат на улица во текот на пандемијата од корона вирус, додека државниот регулатор за комунијации предупреди на социјалните мрежи, и преку ТикТок, да не ги поттикнуваат малолетниците да учествуваат на собирите.