„Ер Франс“ и „Ербас“ прогласени за виновни за падот на летот Рио-Париз во 2009 година
Авиокомпанијата „Ер Франс“ (Air France) и производителот „Ербас“ (Airbus) се прогласени за виновни за убиство од небрежност во жалбената постапка за падот на авионот во 2009 година на летот од Рио де Женеиро за Париз, во кој загинаа сите 228 лица во авионот.
Апелацискиот суд во Париз денеска им изрече парична казна од по 225.000 евра (260.000 долари) на двете компании, преиначувајќи ја ослободителната пресуда од првостепеното судење за двете фирми.
Судот пресуди дека француската авиокомпанија и европскиот воздухопловен гигант се единствено одговорни за несреќата и должни да надоместат штета. Паричната казна изречена од судот е максималната можна казна.
Авионот „Ербас А330“ на „Ер Франс“ на летот АФ447 (AF447) влетал во бура на 1 јуни 2009 година додека бил на пат од Бразил кон францускиот главен град. Авионот исчезна од радарските екрани додека паѓаше во Атлантскиот Океан. Ова е најсмртоносната несреќа во историјата на оваа авиокомпанија.
Во несреќата животот го загубија луѓе од 33 земји, иако повеќето од жртвите беа од Франција и Бразил.
Дури во мај 2011 година беа извлечени последните тела и црната кутија со податоците за летот од длабочина од околу 4.000 метри.
„Ербас“ беше обвинет за потценување на последиците од дефектите на сензорите за брзина на авионот, познати како Питоови цевки, кои се замрзнале за време на летот. „Ер Франс“, пак, беше обвинет дека не ги обучил соодветно своите пилоти за ваква екстремна ситуација.
На крајот од своето двочасовно образложение на пресудата, судијата претседавач зборуваше за „катастрофа што се очекуваше да се случи“, која влијателниот производител на авиони и реномираната авиокомпанија можеа да ја спречат доколку во тоа време предвидењето на ризиците го поставеа како приоритет. Дел од роднините во судницата се прегрнаа меѓу себе, пренесе ДПА.
Експертскиот извештај објавен во 2012 година заклучи дека екипажот бил совладан од ситуација која во принцип би требало да биде решлива.
На првичното судење пред две години, и „Ер Франс“ и „Ербас“ беа ослободени од обвиненијата за убиство од небрежност. Судот тогаш пресуди дека, иако компаниите во некои аспекти можеби постапиле со небрежност или невнимание, не може со сигурност да се утврди директна причинско-последична врска со катастрофата.
Пресудата сепак го критикуваше „Ербас“ за тоа што не ги следел соодветно претходните инциденти со сензорите и што прикривал информации. На „Ер Франс“ исто така му беше замерено што не ги предупредил доволно пилотите за потенцијалните проблеми со сензорите.
Во своето излагање по пресудата во четвртокот, судијката изречно го одбрани екипажот на кобниот лет. „Тие беа искусни пилоти кои ја познаваа рутата“.
Правната битка околу катастрофата се протега со години. Роднините на жртвите ја сметаа самата одлука за одржување судење во 2022 година како победа, откако истражните судии првично го отфрлија случајот во 2019 година.
Иако многу роднини веќе се обесштетени, по париската пресуда сега можат да следуваат граѓански постапки.
Постапките треба да почнат во најбрз можен рок, ги увери роднините судијата претседавач.