„Прв до врв“ половина виртуелно, половина вистинска трка
Во согласност со најновите заострени мерки на Владата и Комисијата за заразни болести, трката Есенска 5К, која требаше да се одржи на 31 октомври, ќе се одржи во формат и времетраење прилагодени на околностите предизвикани од здравствената криза, информираат од здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје, организатори на трката.
Од Здружението појаснуваат дека наместо масовна трка на пет километри во еден ден, трката ќе трае цел месец и ќе се состои од два дела.
-Првиот, т.н. виртуелни квалификации, во кои учесниците почнувајќи од 31 октомври па се до 25 ноември, ќе се натпреваруваат преку свои индивидуални активности во трчање на 5 километри, а чии резултати ќе ги споделуваат во виртуелната платформа на ПРВ ДО ВРВ. Вториот дел, ќе биде реална финална трка со најдобрите петмина од виртуелните квалификации и ќе се случи на 29 ноември, велат организаторите.
Овој, како што потенцираат, изнуден модел има и свои предности, а пред се, што сега во трката ќе можат да учествуваат и натпреварувачи од цела Македонија, ќе можат да учествуваат за време на виртуелните квалификации со неограничен број на активности, а најдобриот резултат ќе им биде земен предвид при рангирањето…, но, пред се, ваквиот формат на трка во преден план ги става заштитата на учесниците од зараза и е во склад со пропишаните мерки за спречување на ширењето на вирусот.
-Сите пријавени учесници за трката, автоматски се пренесуваат во виртуелната трка, а сите оние кои го испуштија рокот за пријавување, сега можат да се приклучат кон натпреварот и можат да се пријават најдоцна до 15 ноември преку веб страницата www.prvdovrv.mk. Мерењето на времето е со користење на бесплатната апликација Strava, чии податоци автоматски се преземаат од платформата на Прв до врв. Секој учесник може да оствари повеќе активности, во било кое време во деновите додека трае трката, а најдобриот резултат ќе биде земен предвид при рангирањето, се вели во соопштението од организаторите на трката.