Промоција на романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева
Промоцијата на романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева во издание на „ПНВ Публикации“ ќе се одржи денеска во 19 часот во Салон Империјал 2 во Културно информативниот центар – Скопје.
„Зара Зарина“ низ испреплетување на минатото и иднината ја раскажува судбината на главниот лик и нејзините родители, допирајќи ги националните, религиозните, традиционалните и современите идентитети. Романот започнува во Кабул и се развива во повеќе правци, опфаќајќи го времето кога странски студенти од арапските земји студираа во Македонија, студентскиот живот од тој период, како и актуелните приказни поврзани со мигрантската рута.
За книгата ќе говори проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Лилјана Пандева е македонска писателка со обемен опус од проза, поезија и драмски текстови за деца. Автор е на бројни збирки раскази, романи и поетски книги, од кои неколку се преведени на странски јазици. Добитник е на значајни книжевни признанија, меѓу кои наградите „Стале Попов“, „Григор Прличев“, повеќекратна награда за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“, како и престижната награда „13 Ноември“ на Град Скопје за култура.