Прилеп два дена без вода на 35 степени Целзиусови


Дел од Прилеп на 14 и 15 јули ќе има нарушено водоснабдување поради голем дефект на примарната водоводна линија на улицата „Леце Котески“. Екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ работат на санација, но поради обемот и сложеноста на интервенцијата, нормализирањето на снабдувањето не се очекува веднаш.

Дефектот настанал во раните утрински часови во понеделникот, кога пукнала главната водоводна цевка во близина на Територијалната противпожарна единица. Големо количество вода се излеало во дворот и во дел од објектите на противпожарната единица, а без вода останале населбите што се снабдуваат преку погодената водоводна линија.

Според првичните процени на јавното претпријатие, станува збор за дефект на главен цевковод со пречник од 300 милиметри. Точниот вид и обемот на оштетувањето можат да бидат утврдени дури по испумпувањето на водата и целосното откопување на цевката.

Во санацијата се вклучени екипи на ЈКП „Водовод и канализација“, Дирекцијата за заштита и спасување и прилепската противпожарна единица. За намалување на нивото на водата е поставена пумпа со капацитет од околу 1.800 литри во минута, додека проценетиот истек од оштетениот цевковод изнесува околу 1.500 литри во минута.

Работите се изведуваат со зголемено внимание бидејќи во непосредна близина на водоводната линија има подземни електрични кабли. Надлежните предупредуваат дека машинското копање мора да се спроведува внимателно за да не дојде до оштетување на електричната инсталација и загрозување на екипите на терен.

И покрај поплавувањето на дворот и дел од гаражите, противпожарната единица продолжува да функционира и располага со потребните возила и опрема за интервенција. Според информациите од терен, противпожарните возила не биле оштетени.

Од ЈКП претходно информирале дека првично бил запрен протокот на вода на помал опфат, но поради обемот на дефектот прекинот морал да биде проширен. Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, побара трпение од граѓаните и соопшти дека снабдувањето ќе се нормализира по завршувањето на санацијата.