Пријателите на Борисов и на ВМРО-ДПМНЕ ја шират бугарската пропаганда во ЕП

Гласањето за резолуцијата за Македонија во Европскиот парламент ги откри подземните политички игри околу спорот на Македонија и Бугарија


 

Гласањето за резолуцијата за Македонија во Европскиот парламент ги откри подземните политички игри околу спорот на Македонија и Бугарија. Покрај фактот дека известувачот Илхан Ќјучук ги поддржал амандманите на Групата на конзервативните и реформистички партии (во која припаѓа бугарското ВМРО  што во ЕП го преставува Ангел Џамбаски и други парламентарци), во одбрана на бугарската пропаганда застанал и Кристијан Сагарц од владеечката Австриска народна партија, членка на Групата на народни партии (ЕПП) на која припаѓаат ГЕРБ и ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, непосредно пред гласањето за резолуцијата на Ќучук, Сагарц поднел два контроверзни амандмана во името на Народните партии, од кои еден заврши во резолуцијата, а другиот не бил изгласан. Во изгласаниот стои дека ЕП „повторно повикува на историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е пропишано со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, додека во неизгласаниот амандман стои дека „ ЕП жали поради континуираниот недостаток на напредок во спроведувањето на неговите претходни препораки во врска со дискриминацијата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет и/или етничко потекло“.

Практично, по ваквите интервенции и обиди на мала врата да се бугаризира ставот на ЕУ кон Македонија и преговарачката рамка, групата на зелените во ЕП истрча со амандманот поради кој  ја преставува како успех изгласаната резолуција шефот на дипломатијата Бујар Османи, а во кој стои дека „ЕП ги охрабрува Бугарија и Северна Македонија да го решат својот културно-историски спор одделно од процесот на пристапување на Северна Македонија и веднаш да дозволат организирање на првата меѓувладина конференција бидејќи Северна Македонија ги исполни сите официјални критериуми“.   

Иако резолуциите на ЕП вообичаено завршуваат како микс или компромис на различни, па и спротивставени позиции  и не се обврзувачки за Европскиот совет кога носи одлуки, сепак гласањето покажува дека Македонија ја нема на своја страна најголемата политичка групација во Европскиот парламент и дека бугарската опозиција (ГЕРБ и Ќучук кој е од турската партија ДПС) наголемо и помага на бугарската влада да ги избоксува своите позиции во Брисел. Како изгледа тоа во документот може да се види од ставовите што се однесуваат само на ова прашање во изгласаната резолуција деновиве. 

Во неа најпрво се оценува дека „злоупотребата на процесот на пристапување за решавање на културните и историските спорови поставува опасен преседан за идните процеси на пристапување и го загрозува кредибилитетот, влијанието и трансформативната моќ на Унијата“, но потоа следуваат  европски спакувани некои од бугарските позиции за Македонија. Член по член во резолуцијата стои ова:   

2.  ЕП жали поради неуспехот на Советот официјално да ги отвори долго задоцнетите пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија; ја нагласува својата целосна солидарност и симпатии за граѓаните на земјите и смета дека овој неуспех, кој ги поткопува јавните ставови кон ЕУ и претставува сериозна опасност за проширувањето на политиката во целина, е штетен за угледот на ЕУ како доверлив партнер и сериозен геополитички актер; ЕП ги охрабрува Бугарија и Северна Македонија да го решат својот културно-историски спор одделно од процесот на пристапување на Северна Македонија и веднаш да дозволат организирање на првата меѓувладина конференција бидејќи Северна Македонија ги исполни сите официјални критериуми;

5. ЕП потсетува дека ЕУ е основана за надминување на регионалните спорови и тешкото минато со цел да работи кон подобра, мирна и просперитетна иднина; ЕП ги повикува Бугарија и Северна Македонија брзо да најдат договор со кој ќе се решат билатералните прашања со цел да се спречат понатамошни одложувања и бариери за напредокот на пристапувањето;

7. ЕП ја поздравува Северна Македонија за нејзиниот постојан напредок на патот кон членство во ЕУ, нејзината посветеност на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор за обезбедување мултикултурализам и меѓуетничка хармонија, како и за нејзините континуирани позитивни и кохерентни напори за решавање на нерешените билатерални прашања; 

6. ЕП го поздравува одржувањето на пописот на населението во 2021 година во согласност со релевантните стандарди на ОН и статистичкото законодавство на ЕУ, што треба да доведе до подобрување на донесувањето одлуки засновани на докази; го поздравува објавувањето на неговите резултати и со нетрпение очекува нивно спроведување во креирањето политики;

31.  ЕП повикува на понатамошни подобрувања во спроведувањето на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, вклучително и самоидентификација и инклузивно интеркултурно образование; ја нагласува важноста од ажурирање на законите за образование со кои ќе се отстранат дискриминаторски и стигматизирачки содржина и ќе се усогласат со Законот за спречување и заштита од дискриминација;

37. ЕП ги поздравува тековните напори на властите на Бугарија и Северна Македонија да изградат односи со почит засновани на взаемна доверба, зближување и поблиски контакти меѓу луѓето; силно ја осудува запаливата реторика и повикува на зајакнување на меѓусебните напори за спречување и кривично гонење на сите случаи на говор на омраза и злосторства од омраза врз основа на национално или етничко потекло;

39. ЕП потсетува на потребата да се отворат архивите на југословенската тајна служба (УДБА) и тајната служба на Југословенската народна армија (КОС) низ целиот регион со цел темелно истражување и решавање на злосторствата и криминалните организации од времето на комунизмот; ЕП зазема став дека транспарентното постапување со тоталитарните злосторства, вклучително и отворањето на овие архиви, е чекор кон понатамошна демократизација, одговорност и институционална сила;

69. ЕП ја повикува ЕУ критички да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и на Западен Балкан во контекст на руската агресија против Украина; ги повикува земјите-членки да покажат европско единство со официјално започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, земајќи ги предвид и геополитичките импликации и исполнувањето на официјалните критериуми, како инвестиција во доверба, стабилност, просперитет и тековниот процес на помирување во регионот;

74. ЕП го поздравува тековниот процес на зајакнување на добрососедските односи со соседните земји и зајакната регионална соработка, олицетворени во Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија; апелира до сите страни да продолжат да водат конструктивен дијалог за да се обезбеди нивно целосно и доследно спроведување со добра волја, притоа воздржувајќи се од дејствија кои би можеле да ја поткопаат интеграцијата во ЕУ и пошироките интереси на ЕУ соочени со странско мешање; ја повикува Комисијата да ги засили своите напори за олеснување на дијалогот и на тој начин да го отвори патот за одржлив  договор;

75.  ЕП ги охрабрува Бугарија и Северна Македонија да најдат заемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања; силно го поздравува политичкиот поттик за широк опсег, конструктивен ангажман меѓу двете страни, барање нова заедничка основа во повеќе области од взаемен интерес, наместо повлекување дополнителни линии на поделба; ги охрабрува партнерите да го забрзаат овој ангажман со добра волја и во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и да ги започнат пристапните преговори, притоа решавајќи ги нерешените билатерални прашања содржани во мерките „4 + 1“ за да бидат доволно имплементирани и решени во текот на процесот на интеграција во ЕУ; ги повикува партнерите искрено да се стремат да постигнат заемно прифатливи, избалансирани и одржливи решенија за нерешените билатерални прашања што е можно побрзо; го поздравува продолжувањето на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, со што се зближуваат општествата преку овозможување заедничка иднина во ЕУ, без притоа да има никакво влијание врз процесот на пристапување на Северна Македонија;

76. ЕП го повторува својот повик за историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е пропишано со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка;

79. ЕП уште еднаш ги повикува сите регионални политички лидери да формираат Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и други груби повреди на човековите права извршени на територијата на поранешна Југославија (РЕКОМ), врз основа на значајната работа спроведена од Коалицијата за РЕКОМ;

80. ЕП силно повикува да се продолжи со работата на училишните учебници по историја во Бугарија и Северна Македонија; нагласува дека текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и бројки од заедничката историја на двата народи, врз основа на автентични историски документи/извори; смета дека тоа е основата на која двете земји треба да ги градат своите односи и дека односот меѓу идните генерации на Северна Македонија и Бугарија ќе биде одраз на образовните процеси во двете земји;

81. ЕП го осудува секој обид за замена на историските споменици и/или артефакти, вклучително и уништување на автентичното културно наследство и какви било обиди да се прави ревизија на историјата; нагласува дека ваквите инциденти предизвикуваат сериозна загриженост, вклучително и во контекст на недоволното спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.