Прифатете ги различните, и тие се дел од општеството


Вероника Мароска-Леова

Тешко е да си непросечен, различен. Претпоставка во светски рамки од страна на организациите што работат со ЛГБТ-проблематиката е дека околу 10 отсто од населението има различна сексуална ориентација или родов идентитет. Точна бројка нема и во државава, оти е преголема стигмата кон овие луѓе, кои се кријат и сметаат дека не се прифатени од сите. И здравите, и болните, и граѓаните кои имаат попреченост, и различните етникуми, религии, но и оние со различни размислувања и различна сексуална ориентација треба да имаат еднакви права, еднакви можности при вработување и еднакви можности за лекување. Да не се чувствуваат дискриминирани кога се движат надвор, да бидат слободни и секое нивно човеково право да биде испочитувано. Само така ќе чекориме кон просперитетно општество, зашто убавината на животот е во доброто здравје, шареноликоста, различноста, љубовта…
Најавата на министерот за здравство Венко Филипче дека операциите за промена на пол ќе бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување, односно дека граѓаните нема да плаќаат од свој џеб како досега, на приватните клиники или во странство и дека зафатот ќе можат да го направат на Клиниката за детска хирургија и на Универзитетската клиника, наиде на жестоки критики во јавноста. Следуваа лавини реакции на социјалните мрежи – дека деца чекаат за операции, дека пари за нив се собираат преку СМС-пораки, преку донации, дека нема лекови, нема реагенси и дека во повеќето државни болниците условите се катастрофални. Бараа повлекување на одлуката, и тоа се случи за помалку од дванаесет часа. Во петокот министерот Филипче објави дека реакциите во јавноста биле причината поради која ретерирал, иако не станува за голем број пациенти, ниту за некакво големо одлевање пари, бидејќи се работи само за еден човек кој со години талка низ лавиринтите на здравството барајќи помош. Кусогледост и немање чувство на емпатија, е впечатокот од целата слика на социјалните медиуми. Таму зад тастатурите, пред компјутерите или телефоните, интелектуалци, политичари, креатори на политики во општеството, граѓани од различни професии направија врева до бесвест, ги истурија својот бес, омраза кон различните од нив, ама и кон министерот за идејата бидејќи ептен не им се бендисала.
Неспорно е, притоа, дека сите треба да имаат исти права, дека треба да има лекови, операции на товар на Фондот, во странство и дома, квалитетни здравствени услуги, пристоен терен до државните институции за лицата со посебни потреби… Но мора да се има предвид дека и претставниците на ЛГБТ-заедницата имаат желба да излезат од „затворот“, да шетаат слободно со своите партнери, да не бидат напаѓани на секој чекор, осудувани и пред сè дискриминирани. Правото на здравје и здравствена заштита е основно човеково право, а во законското решение за заштита на правата на пациентите е дефинирано дека секое лице има право на здравствено остварување без дискриминација, вклучувајќи го основот на сексуална ориентација.
Некои што сè уште се залагаат за патријархалниот свет можеби утре ќе дознаат за различната сексуална наклонетост на своето дете и дека се срамело да каже за својата определба. Што ќе направат? Можеби саботната Парада на гордоста ќе ги мотивира поинаку да размислуваат во однос за сексуалната ориентација и ќе престанат да им судат. Можеби допрва пред родителите дома, деца, сопрузи, ќе ја откријат својата различна сексуална наклонетост.
Но, за да не беше дочекана на нож најавата на министерот дека промена на пол ќе се прави на државна сметка, требаше сето тоа да го одработи ПР-тимот. За новите планови и политики треба стратегија, а доколку ја имало, надлежните требаше да ги бранат одлуките и ставовите, и покрај непријателски настроените неистомисленици. Филипче и овој пат требаше да остане конзистентен како за вакцинацијата, кога еруптираше епидемијата со морбили бидејќи не може на сите да им се допаднат одлуките. Министерот требаше со аргументи да ја одбрани идејата, за да ја разберат оние што не ја разбраа, а уште повеќе оние што не сакаат да ја разберат. Има такви на кои ништо не ми е по ќеф, имаат мислење за сè, но не и решенија, а уште помалку се разбираат за проблемите на другите.
Коалицијата МАРГИНИ и „Трансформа“ со право се вознемирија и се згрозија од степенот на омраза и трансфобија, укажувајќи за незнаењето со кое јавноста реагираше на информацијата споделена од министерот. Трансродовата заедница во земјава е разнолика група, со различни потреби за медицинско потврдување на родот. За дел од трансродовите луѓе ваквите операции се неопходен услов за ментално здравје и за да продолжат да живеат поднослив и достоинствен живот. Светските статистики во оваа насока се поразувачки, за што говори процентот на транс-луѓе кои извршиле обиди за самоубиство, односно речиси 50 отсто. Бројката на луѓе што годишно би побарале ваква медицинска услуга сепак е толку мала што може да се спореди со статистичка грешка. Овозможувањето операции на сметка на Фондот е поправање на досегашната неправда. Трансродовите луѓе, како и сите други, плаќаат здравствено осигурување и сосема е праведно во социјална држава како нашата да ги добијат услугите што одговараат на нивните потреби.
Клима за да бидат прифатени луѓето со различна сексуална ориентација се создава кревко. Не може да се попушта на притисоците, ако се процени дека тие политики се за нечие психичко и физичко здравје. Приоритети треба да има, но и овој е еден од нив, министре.