Премиерот на Ирска бара да се сменат правилата во ЕУ – да нема вето за проширувањето

Михол Мартин во Давос изјави дека Македонија и Албанија „досега требаше да бидат членки на ЕУ“, а не да бидат блокирани од една земја-членка


Ирскиот премиер Михол Мартин на Светскиот економски форум во Давос заедно со претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард (Фото: АФП)

 

Ирскиот премиер, Михол Мартин, изјави дека неговата земја е отворена за промена на договорот на Европската унија врз основа на предлозите за ревизија на работата на Унијата, што сигнализира потенцијална поддршка за отстранување на ветото на земјите-членки за проширување на блокот и за воведување санкции.

„Ние не ја затвораме вратата против промената на договорите по Конференцијата за иднината на Европа“, рече Мартин за новинарите на Светскиот економски форум во Давос во средата. „Сметам дека треба да бидеме многу отворени за дискусија и да видиме колку далеку можеме да одиме во однос на тоа да ја направиме Европа поефикасна во однос на водењето на нејзината работа“, пишува највлијателниот весник во Ирска, „Ајриш тајмс“.

Мартин претходно во средата за време на панел-дискусијата на Форумот во Давос за европското единство рече дека е „надвор од разбирањето“ што обидите на Албанија и Северна Македонија да започнат разговори за прием во ЕУ се блокирани со ветото на една земја-членка.

„Не можеме да се жалиме на руската геополитичка манипулација ако не сме доволно проактивни во однос на справувањето со тоа преку промовирање и поддршка на оние во соседните земји кои се со европска наклонетост“ кон ЕУ, рече Мартин. Ирскиот премиер додаде дека двете земји, кои аплицираа за пристап во ЕУ пред повеќе од една деценија, „досега требаше да бидат членки на ЕУ“, јавува „Ајриш тајмс“

Сепак, ирскиот премиер вели дека претпочитаниот пристап на ЕУ е да се изгради консензус околу предлозите и дека е важно справување со конкретни прашања што ги имаат земјите, како што е Унгарија во случајот со планот за руската нафта. Тој, исто така, укажа на отвореност за промена на правилата за вето за проширувањето на ЕУ, додавајќи дека тој е политички „на страната“ на потребата да се биде попроактивен во приклучувањето на нови членки во унијата, „особено во Западен Балкан и Украина“.

„Ако сакаме да се прошириме, тогаш има очигледни последици, како што се зголемуваме, во однос на механизмите на управување со кои носиме одлуки“, рече Мартин. „Секако дека го разбирам тоа и мислам дека треба да се придвижиме, исто така“.

Весникот потсетува дека лидерите на ЕУ минатиот октомври го повторија ветувањето за првпат дадено пред речиси две децении дека шест балкански држави – вклучувајќи ги и Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово – на крајот ќе имаат место во најголемиот светски блок доколку ги исполнат критериумите за областите од судските реформи до економија. Сепак, нагласува „Ајриш тајмс“ патот на две од шесте земји, Албанија и Северна Македонија, во моментов е блокиран со бугарското вето, во услови на долготраен спор со Северна Македонија околу споделената историја и јазик. Апликацијата на Албанија за влез во ЕУ е официјално поврзана со нејзиниот источен сосед.

Членовите на Европскиот парламент минатата недела усвоија два извештаи, барајќи од лидерите на ЕУ да започнат пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија во заднина на руската инвазија на Украина. Украина поднесе барање неколку дена по војната да стане кандидат за членство во ЕУ, што, исто така, веројатно ќе биде долг процес.

Конференцијата за иднината на Европа, тело кое ги опфаќа политичарите до членовите на јавноста ширум ЕУ, а кое дебатираше за реформите на ЕУ од минатата година, препорача на почетокот на овој месец националното вето да се укине во речиси сите области на одлучување во ЕУ, вклучително и воените и безбедносните прашања.

Секоја промена на договорот ќе бара референдум во Ирска. Но премиерот Мартин одби да каже кои ќе бидат неговите црвени линии. Ирските влади традиционално го ценат ветото во области како што се одбраната и оданочувањето.

Мартин на панелот во Давос рече дека „силно се согласува“ со ставовите на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која исто така беше на таа дебата, дека не може да се зборува дека не може да му се понуди на рускиот претседател Владимир Путин „да го сочува лицето“ како начин да се заврши војната. Тоа доаѓа неколку дена откако поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер изјави на Форумот во Давос дека Украина треба да прифати да отстапи дел од својата територија за да постигне мировен договор со Русија.

Мецола во своето обраќање во Давос ги повика лидерите на ЕУ да го поддржат пристапниот статус на Украина. Во интервју за „Политико“ на маргините на СЕФ, кој завршува денеска, Мецола ја повика ЕУ да ѝ даде на Украина вистински билет за пристапување во ЕУ. „Украина е подготвена да го направи следниот чекор. А дали сме ние подготвени? Мислам дека треба да бидеме. Во спротивно, ќе ги изневериме“.

Мецола за „Политико“ зборуваше и за „симпатизерите на Путин“ во Европскиот парламент, без да именува имиња. „На екстремите, и од лево и од десно, имате симпатизери на Путин. Имате европратеници кои се или биле блиски до режимот на Кремљ“.

Но, според Мецола, Путин сега има многу помалку пријатели во Европскиот парламент а оние што останаа се многу помалку гласни. Зошто? „Затоа што нашето население бара од нас отчетност“, рече таа, додавајќи дека ќе ги повика гласачите „да бараат одговорност од тие членови за нивните одлуки и нивните изјави“. (Н.В.)