„Правда“ за Ѓоко Поповски


Ако не можете по коњот, удрете по самарот, им рече на судиите поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски на едно од рочиштата на кое ја образложуваше жалбата на пресудата за набавката на луксузниот „мерцедес“. Жалба имаа поднесено и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска – сите тројца осудени за „тенкот“ на поранешниот премиер.

Но од тројцата во затвор заврши само Поповски, кој по нивна наредба ја потпишал набавката. Груевски се „бори“ за земјава да влезе во Европска Унија од Будимпешта, а Јанкулоска, една недела пред датумот определен за да оди во затвор, се спаси, може да се пакува и да оди на летен на одмор. Врховниот суд ѝ го прифати барањето за одложување на затворската казна сè додека токму овој суд не ја преиспита правосилната пресуда за Јанкулоска. По извесно време, судии од највисокиот суд повторно ќе се состанат и ќе одлучат дали пресудата, со која поранешната министерка е осудена на четири години затвор, ќе ја укинат, ќе ја потврдат или случајот ќе го вратат на повторно судење.

И додека судиите ја преиспитуваат пресудата и додека се спроведува нивната одлука, Јанкулоска најверојатно ќе почне да се појавува по телевизии со експертски мислења и тези, а нејзиниот шеф ќе ни испраќа пораки од Будимпешта. И тој поднесе барање до Врховниот суд да му го одложи затворот, но предметот доцна стигна до таму и наместо Врховен, него го спасија Унгарците.

Поранешниот помошник на Јанкулоска, пак, не поднел ни барање за одложување на затворската казна, најверојатно затоа што веќе ја издржува во затворот „Идризово“ на негово барање, откако беше осуден и за набавката на полициските возила. И сега кога двајцата протагонисти на набавката на „мерцедесот“ се слободни, се потврди народната на Поповски, но и сомневањата на јавноста дека за сиот криминал на минатата власт кој се откри ќе настрадаат само ситните риби. Одлуката на Врховниот суд само потврди дека оние што ги трошеле недомаќински народните пари и прислушуваа илјадници граѓани тешко дека ќе влезат во затвор.

Ако се погледнат сите случаи на Специјалното јавно обвинителство што се во судска процедура, може да се заклучи дека ниту еден поранешен висок функционер не е во притвор, освен Миле Јанакиески и Кирил Божиновски кои се во домашен притвор. За прислушувањето нема ниту еден осуден, а случајот „Империја“, преку кој требаше да се вратат најголем дел од украдените пари, најверојатно нема да стигне ниту до обвинение.

И овој случај го запечати Врховниот суд на чело со претседателот Јово Вангеловски, кој го водеше судот и за време на Груевски и сега. Цела јавност го слушна неговиот разговор со Јанакиески, СЈО пишуваше посебни извештаи за него и ниту една институција не најде докази против него. На власта како да ѝ одговара Вангеловски да биде главен виновник за одлуките против кои се крева јавноста на нозе, а тие истовремено да имаат оправдување за закочената правда. Одлуката за неговата одговорност со години се влече во Судскиот совет, истрагата за АКМИС-системот со години не може да почне, а на извештајот на СЈО му поминал рокот.

Судскиот совет треба да утврдува одговорност за Вангеловски и другите судии кои го пуштија од притвор бизнисменот Сеад Кочан. Тој избега и се врати, а наскоро треба да оди во затвор. Во Врховниот суд не постои никаков предмет за Кочан, судот му конфискува и дел од имотот, а од друга страна не врати ниту денар од парите на граѓаните со кои се расфрлала претходна власт.

Судењето за случајот „Тенк“, кој го водеше судијката Добрила Кацарска, е еден од случаите кои заврши експресно, но покажа дека ако Кривичен донел брза пресуда, тоа не значи и брза казна. И тоа покажува дека системот не функционира за политичарите. Другите судења на СЈО ништо не ги забрзува, додека се преговара за статусот на СЈО обвинетите не се спроведуваат на судења, сведоците ги нема, поканите никако не стигнуваат.

Најгласен против судиите и обвинителите е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој постојано вели дека правда нема да има додека не почнат да се апсат судии и обвинители, исто како и функционери. Но Спасовски заборава дека токму неговото министерство е дел од тој систем, макар и МВР да не е виновно за бегството на Груевски. Единствена позитивна работа која требаше да произлезе од ова бегство е да се лоцира каде потфрлил системот. За неколку месеци ќе помине една година од ова бегство, а институциите ги немаат доказите со кои ќе го запечатат бидејќи на некој му одговара да се префрла вината за политички цели. Сè додека, како што вели Фатиме Фетаи, не се разводни целиот криминал.