Правата на пратениците


Барањата за укинување на апанажите на кое било ниво за која било позиција, на доживотните пензии за поранешните претседатели, на паричните и други надоместоци за сите управни одбори, како и за драстично намалување на патните трошоци на функционерите веројатно тешко ќе се остварат, но се добар показател дека цивилниот сектор е згрозен од привилегиите за политичарите. Изгледа дека сиромашната земја веќе трета деценија опстојува само за да им угоди на тие што ја креираат политиката. Токму затоа и сите сакаат да бидат креатори. Тоа што не се успешни многу, не им пречи да уживаат во бенефициите додека се на функција, а потоа, и откако ќе паднат. Затоа што државата, односно законите што сами си ги донеле, се погрижила да бидат згрижени и кога нема да бидат главни.

Гневот на јавноста, иако оправдан, понекогаш знае да биде нерационален. Први на удар по инерција се пратениците. Најголем дел од граѓаните ги доживуваат единствено како „кревачи на раце“, сметајќи дека слепо ги следат директивите од централата, не борејќи се интересите на оние што ги избрале. Неинвентивните полемики во Собранието, нестручноста, незнаењето, маалските манири кај дел од нив, веројатно ја надополнуваат општата слика. И уште кога просечниот Македонец ќе разбере колкава плата земаат за „неработење“, па уште и за илјадниците евра што им следуваат за патни трошоци, нема теорија револтот да биде пренасочен кон друго место.

Сепак, народните избраници се оние што ги носат законите и тие, на некој начин, се најважниот инструмент во демократијата бидејќи од тоа што ќе го изгласаат зависи целиот амбиент во општеството.

Една од нивните задачи е да бидат во редовен контакт со своите гласачи. Тие што се од другите градови во земјава се хендикепирани затоа што поради обврските во Скопје не можат повеќе време да минуваат со сограѓаните за да ги чујат нивните проблеми. Поради тоа, државата мора да им обезбеди начин и време да го амортизираат отсуството.

Во таа насока, меѓу другото, беше предвидено и плаќање на трошоците за бензин и за патарина доколку патуваат од дома. Секако, снаодливите македонски пратеници ја изиграа државата, па патот од Струмица до Скопје и назад знаеше да чини како авионска карта до некоја од европските метрополи. Па се направија законски измени со кои предвидените исплати за трошоци се намалија за една третина. Се ќари многу малку бидејќи пратениците пак добиваат високи следувања. На крајот, државата одлучи да им плаќа по 400 евра месечно за кирија во Скопје само за да не патуваат и наплатуваат боговски за пат до дома. Демек така ќе биде поевтино.

Но и тука законодавецот не помислил оти и за тоа ќе се најде лек, па така сега пратениците што решија да останат во Скопје, се сетија оти можат да ги изнајмуваат становите на нивните роднини. И, затоа, повторно се вртиме во круг. Оти народните избраници навистина имаат потреба да бидат во своите средини, со нивните гласачи, како и со семејството. Држат и нивните оправдувања оти тоа што сами возат е потенцијален ризик, а и амортизацијата на возилата е дополнителен трошок. Дали кога веќе преку цела недела се отсутни, барем во викендите можат да бидат дома?

Пратениците се на своите работни позиции благодарение на тоа што ние ги гласаме. Тие се наш избор. И тие го знаат и го ценат тоа. Нивната задача е исклучително одговорна. Тие ги оставаат своите работни места за да ѝ служат на државата. Партијата не им е на првото место. Работат чесно и совесно за доброто на граѓаните.

Кога навистина би било вака, веројатно никој не би се грижел за кириите и за патните трошоци.

Горан Адамовски