Потсетувања и опомени


ЃОРЃИ СПАСОВ

Веројатно малкумина се сеќаваат дека Бранко Црвенковски во 2007 година во своето годишно обраќање пред Собранието како претседател на државата му честиташе на премиерот Никола Груевски за „вратената надеж“ кај граѓаните. Тоа беше обид на лицето Б. Ц., како што го нарекуваа вмровците, за некој вид помирување и успешна кохабитација со Владата во име на успешно остварување на националните интереси на земјата. Но таа подадена рака не им значеше ништо а Груевски и на неговиот тим, кои по преземањето на власта во 2006 година водеа битка за целосно уништување на СДСМ како партија преку наводна борба против корупцијата и криминалот „на претходната власт“ преку целосно изолирање на опозицијата од медиумите и систематско јавно омаловажување и оневозможување за нејзино реално политичко дејствување.

Кога по изборите во 2011 година Груевски сфати дека СДСМ, одново на чело со Бранко Црвенковски, зајакнува, тој на „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година пристапи кон најгрубо исфрлање на опозициските пратениците и на новинарите од собраниската сала, а Бранко Црвенковски, кој протестираше пред Собранието, беше јавно обвинет за организирање „пуч против легално избраната власт во Македонија“.

динаесет години за време на режимот на Груевски тој и неговите распашани пратеници и министри не само што го издигнаа криминалот и корупцијата на ниво на систем за ограбување на сопствената земја под маската на патриотизмот туку лустрираа невини и живи и мртви, говорот на омраза против опозицијата и независните мислители го издигнаа на ниво на врвна уметност, јавните клеветења на опозиционери со измислени работи беа нормална работа, нарачуваа лустрации и апсења, ја користеа тајната служба за највалкани операции и јавно ни продаваа некаква љубов кон татковината, чесност и способност.

За време на тој режим ја изгубивме надежта дека нешто може да се промени во Македонија.

Дури со проектот на Зоран Заев под наслов „Вистината за Македонија“, кој започна во февруари 2015 година, почна јавното демаскирање на лажниот патриотизам на сите клучни актери на тој режим. Граѓаните, но и меѓународната јавност, имаа можност да го видат не само нивото на алчност и вмешаност во корупција на многубројни актери од таа власт туку да го согледа и садизмот на таквата власт кон нејзините „политички конкуренти“ и „комуњари“, на кои не само што им биле крадени изборите туку биле и систематски прислушувани, ограбувани, тероризирани и апсени во низа наместени случаи.

Под притисок на јавниот гнев и револт, меѓународната заедница изнуди согласност од Груевски да се формира Специјалното јавно обвинителство за да ги испита криминалот и злоупотребите за кои се слушна од прислушуваните разговори и да се одржат предвремени парламентарни избори.

Криминалната тајфа на Груевски, во која беа и се многумина од сегашната пратеничка група и од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, не можеше да се помири ниту со промената на власта ниту да му дозволи на СЈО слобода да работи.      Веќе заборавивме дека сите свои инсталации во Собранието, во извршната власт, во судството, па и во подземјето ги спрегнаа во спречување на промената на власта и за оневозможување на работењето на СЈО. На 27 април се обидоа и со класичен терор и обиди за убиство на идниот премиер да го спречат изборот на нов претседател на Собранието и формирањето нова влада.

Претседателот Ѓорге Иванов во сето тоа максимално им помагаше.

Советот за јавни обвинители воден од Аневски, судовите и нивните претседатели како Владимир Панчевски во Скопје и Јово Вангеловски, обвинителот Зврлевски, на кого не му паѓаше на памет да поднесе оставка, па и Републичкиот судски совет, правеа сè да биде спречена, забавена и саботирана работата на Специјалното јавно обвинителство и правдата во целина.

И додека владата на Зоран Заев ја концентрираше сета своја енергија на новата надворешна политика на Македонија, од правдата, со помош на судовите побегнаа прво Горан Грујовски и Никола Бошковски, кои беа клучни актери во нелегалното прислушување и во уништувањето на опремата за прислушување а малку подоцна, еден ден пред да оди во затвор, побегна преку граница и главниот мозок и поттикнувач на сите злоупотреби и криминали, Никола Груевски.

Криминалната тајфа на Груевски распоредена по сите институции и во Собранието, правеше сè да ја оневозможи реализацијата на клучниот проект на владата за надминување на споровите со соседите кои беа услов за прием на земјата во НАТО и за деблокирање на процесот за започнување разговори за членство во ЕУ. Владата на Заев се определи да му даде предност на процесот на интегрирањето на земјата пред истерувањето правда и објави амнестија за учесници во нападот на Собранието од 27 април, со цел да се постигне потребното двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

Успеа во овој компликуван инженеринг за постигнување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Тој во овој процес јасно ги имаше поставено политичките приоритети на својата влада, но можеби малку и наивно веруваше дека во Македонија истовремено со процесот на нејзиното помирување со соседите и нејзиното интегрирање во НАТО и во ЕУ ќе започне и процесот на внатрешното политичко помирување со опозицијата и внатрешното интегрирање околу заеднички декларираните стратегиски цели на земјата. Во својот обид тој дејствуваше помирливо, со христијанска милост, со почитување на пресумпцијата на невиност и сведување на притворите на минимум, прифаќаше лидерски ТВ-дуели со Мицкоски, организираше лидерски средби и натаму наивно веруваше и верува дека во интерес на земјата и добивањето датум за започнување преговори со ЕУ, криминализираната ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски ќе се согласи да поддржи нов закон за јавно обвинителство, попис на населението и промени во Изборниот законик за што е потребно двотретинско мнозинство.

За жал, одамна е јасно дека Мицкоски и старо-новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ со нивниот „задграничен комитет“ во Будимпешта бараат само смена на оваа власт и жестока политичка одмазда. И ништо повеќе.

Тие во голем мера успееја Македонија од заробена држава да ја претворат во блокирана држава, барем во сферата на правдата. Секој свој успех во сферата на блокирањето на власта го прокажуваат како неуспех на власта да решава проблеми. Секоја молба за соработка како слабост и немоќ на власта. Морално најсозреаните пратеници од таа партија, како Антонио Милошоски и слични на него, држат морални „придики“ и бараат оставки на пратеници од власта од морални причини.

Слободата на печатот ја искористија за слободно измислување на лажни вести, преку безбројни портали кои и натаму се финансираат од офшор-дестинации, креирањето афери и класични атентати врз карактерот на некои од носителите на власта. Ослободените од обвиненија Драган Павловиќ-Латас, Миленко Неделковски и многу други одново се главните произведувачи на лаги, омраза и афери. Јавноста како да им има сè заборавено и простено, тие одново се нудат како некакви спасители, уште попатриотски настроени од времето на големиот патриотски грабеж, морално супериорни и наводно способни да се справат со криминалот на сегашната власт.

А СДСМ сè уште ги смета и ги третира како некаков конструктивен политички коректив на власта. И тоа е големата опасност за СДСМ.

СДСМ како да не е свесен дека евентуалното враќање на власт во Македонија на тајфата на Груевски нема да биде обична промена на власта како тоа што се случи во Грција. Тоа ќе биде пораз на силите кои се бореа за повеќе слобода, демократија, правда и мир со соседите. Тоа ќе ги загрози сите придобивки од промените кои со тешка мака беа остварени, ќе значи триумф на неправдата врз правдата. Партијата и нејзините коалициски партнери ќе мора да поведат грижа за разочараните и незадоволните граѓани кои учествуваа во херојската промена на власта во 2016 на парламентарните и 2017 година на локалните избори.

Коалициската влада на СДСМ и на ДУИ не мора да брза со некакви предвремени избори, кои дополнително би ѝ го скусиле мандатот. Во Македонија под притисок на многу настани и афери се случува криза на довербата на само во власта, туку и во медиумите и во опозицијата. Сега е време да се поработи сериозно на поправањето на штетите од таа криза на довербата во институциите преку нивна одбрана од лажни вести и обвинувања и преку нивно поефикасно дејствување.

На Македонија во вакви кризни периоди добро би ѝ дошло за владини советници личности како Питер Ванхојте, Рајнхард Прибе, Ерван Фуере, кои ги запознаа методите на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ на свој грб и кои дадоа свој придонес за случувањето на демократските промени во земјава, а не да ангажира анонимуси. На Македонија и на Владата им се потребни сериозни авторитети за советници кои можат да помогнат во справувањето со политичка криза.

Опозицијата мора да биде оневозможена во блокирањето на институциите и ширењето на страв и политичка хистерија во земјата. Власта има многу малку време до крајот на следната година за да ја демонстрира својата способност за владеење и за справување со внатрешните предизвици.