Потребно ни е масовно пошумување


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Оваа година повторно имавме многу пожари. Повеќе од „обично“. Од „Национални шуми“ до 26 август изброија 295 пожари на површина од над девет илјади хектари. Колку е тоа многу не кажува само проценетата економска штета од над седум милиони евра. Зборува и фактот дека во последните дваесет години, само во четири години имало поголема опожарена шумска површина (во 2007, 2008, 2012 и 2017 година). А пожарите продолжија и во септември. Оттука, вкупната опожарена шумска површина во оваа година, како и економската и еколошката штета од тоа ќе бидат поголеми од состојбата до август.
И додека нашите шуми горат – власта спие! Во ноември 2017 година, во една од годините со најголемо уништување од пожари, кога изгореа 13,4 илјади хектари шума, новата, прогресивната, некоруптивната, европски ориентираната власт – донесе одлука за престанок на акцијата „Ден на дрвото“. Како остаток од режимот на Груевски! Зашто тој ништо позитивно не направи! А новата власт, прогресивна, некоруптивна, европска, сè од корен ќе промени. Колку што тој, Груевски, беше катастрофа, толку овие ќе донесеа промени што живот значат.
Ова изгледа многу наивно, нели? Да, ама денес. Во 2017 година многумина поверуваа дека Заев е чиста спротивност на Груевски и, уште повеќе, беа подготвени очите да му ги ископаат на секому што ќе кажеше некој лош збор за Заев, етикетирајќи го како таен „одработувач“ за Груевски. Толку од многу фалената толерантност на Заевата либерална камарила.
Да се вратиме на одлуката за престанок на акцијата „Ден на дрвото“. Таа беше придружена со објаснувањето дека пошумувањето ќе се врши по друга програма. Од таа програма и по две години – ниту трага ниту глас. Поставија, со многу фанфари, две-три таканаречени „градски дрвја“ во Скопје и Тетово. „Дрвото“ во центарот на Скопје, близу плоштадот, ќе заменувало неверојатни 275 „вистински“ дрвја, а чинеше – 25.000 евра. Две години подоцна, ова чудо од дрво – зјае овенато. Го оградува наместо да го зазеленува градот. И изгледа уште пожално дури и од жалните врби среде Вардар поставени од власта на Груевски, за кои тој фрли во вода 320.000 евра. Колку лесно властодршците се расфрлаат со парите! Скулптурата „Грмушка“, вредна речиси 60.000 евра, очигледно „испари“ во воздухот. Ја нема. Важно ги „свртија“ парите, а после што ќе бидне со неа – помалку важно. Колку дрвја можеа да се засадат само со овие 400.000 евра! Со тоа прашање властодршците – не се замараат! Тие дишат друг воздух, очигледно.
Согласно (непостоечката) програма на владата на Заев, беше нанесен нов удар врз зеленилото на Водно. После мегапроектот на Груевски, „Сончев град“ за елитата, а во име на гасификацијата. Уште поважно, површината која беше пошумена во 2017 година изнесуваше само 553 хектари, а во 2018 година, нешто повеќе, 959 хектари. Колку е ова катастрофално малку, катастрофално ноншалантно, покажува споредбата со претходните години. Последните две години не се само години на најмало пошумување во последната деценија. Не само за време на Груевски, туку во последниот половина век немало година со помало пошумување од 2017 и 2018 година. Претходната година со толку ниско пошумување е далечната 1965-та!
Овој срам за сегашната влада не значи дека и претходната влада беше сјајна во поглед на пошумувањето. Да, на врвот од акцијата „Ден на дрвото“, во 2009 година беа пошумени речиси четири илјади хектари, четирипати повеќе отколку во 2018 година. Но за време на таа акција акцентот беше ставен на маркетингот наместо на квалитетното пошумување. Ако власта одбереше со помалку фанфари, а со поголема стручност да го врши пошумувањето, ефектот ќе беше поголем. Но не ѝ беше до пошумувањето, туку до рекламата. А таа ѝ беше исклучително важна за преку оваа акција да го засени масакрот на дрвјата во Скопје и во другите градови, што го вршеше во содејство со градежната мафија. Едно повеќедецениско дрво во градот произведува повеќе кислород од десетици, можеби стотици млади садници. И затоа ВМРО-ДПМНЕ не може да се фали дека тие, за разлика од катастрофите од СДСМ, имаат позитивно досие во поглед на пошумувањето.
Уште повеќе тој заклучок избива на површината ако се спореди пошумувањето во Македонија од воведувањето на капитализмот, под палката на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со пошумувањето за времето на социјализмот. Како течеа овие три децении независност, така ситуацијата се влошуваше. Во 1990-тите беше 32 илјади хектари. Во 2000-тите тоа падна на 20 илјади, а од 2011 до 2018 година уште повеќе падна на само 12 илјади хектари. Бројките во социјализмот се следните. Во 1970-тите беа пошумени дури 51 илјади хектари, а во 1980-тите – незамисливи од денешен аспект – 76 илјади хектари. И не треба да се нагласува, од пошумување до пошумување – има разлика. А кого и да прашате, ќе ви каже дека тогаш се пошумувало поквалитетно од сега.
И после, капитализмот бил подобар од социјализмот. Еве што кажуваат бројките за пошумувањето. Во однос на животниот стандард на обичниот народ, поинаков е заклучокот? Дури и во однос на корупцијата, после толку многу корупциски скандали по воведувањето на капитализмот, од октоподи преку бомби до рекети, има ли некој што ќе се дрзне да каже дека во социјализмот имало повеќе корупција од денес? Слично е и со нивото на криминал. Дури и во однос на демократијата и слободата на говорот, уште малку да се влошат состојбите, дури и овој адут ќе го изгуби капитализмот. Настрана што тој малку му вреди на обичниот човек, имајќи предвид дека не испорача подобрување на животниот стандард.
Но да се вратиме на темата. Целата катастрофалност на сегашната власт во поглед на пошумувањето не е во тоа што нејзиното годишно пошумување е пониско од која било година за време на Груевски. Не е ниту во поразителниот факт дека двете години на нејзиното владеење, 2017-та и 2018-та, се најлошите години во поглед на пошумувањето во последниот половина век. Неподносливата ноншалантност на сегашните властодршци е што така постапуваат во контекст на климатската криза, по ратификувањето на Парискиот договор за климата од страна на сегашната власт (парадоксално, ратификуван само еден ден пред донесувањето на одлуката за прекин на акцијата „Ден на дрвото“).
Огромен дел од нашите граѓани не се информирани за ужасните последици кои ќе се случат само по неколку години, ако не се преземат соодветни мерки во врска со климатските промени. Добар дел и од оние што имаат наслушнато нешто околу тоа, мислат дека тоа е нешто што ќе ги засега другите, но не и нас. Не е така, дури ниту според најповолното сценарио. Многу мерки треба да се преземат околу тоа, а една од најважните – потребно е да се отпочне масовно пошумување. Ништо помалку од нивото за време на социјализмот. Дали денешната „демократија“, дали денешната „пазарна економија“ е способна да го надмине „гнилиот“ социјализам во овој поглед?
Во духот на префрлање на одговорноста, за што ние сме мајстори, многумина ќе кажат дека малку работи зависат од Македонија, дека другите земји треба да преземат нешто, а не ние. Да, точно е дека ние сме мала земја. Но спроведувањето на акција на масовно пошумување во Македонија, иако ќе даде минимален придонес во борбата против глобалното затоплување, ќе има незанемарлив ефект на ублажување на ефектите од климатската криза во нашата земја. Во услови на пораст на температурите што ќе следи, особено во лето, не е неважно дали ќе имаме што повеќе дрвја или ќе ги искасапиме и оние што преостанаа од социјализмот. Есента е период кога е поволно да се садат дрвја. Да не ѝ дозволиме на катастрофалната власт ноншалантно да ги заобиколува своите обврски за креирање подобар живот за граѓаните, денес и во иднината.
(Авторот е аналитичар)