Понудата на Мицкоски повеќе не важи


ЕРОЛ РИЗАОВ

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, го нема, го нема, па ќе се појави со сензационална изјава како во шоуто на Лила Филиповска. Вели, понудата што ја дал до премиерот Зоран Заев повеќе не важи. Заев ги отворил и ги потрошил сам сите кутии со главните премии и повеќе нема шанси. Сега Мицкоски ќе ги отвора кутиите. Оди на сè или ништо. Бравос, многу храбро. Понудата на Мицкоски до Заев, многу штедра, иста како на банкарот на Лила: „Не ни треба да влеземе во Владата да делиме влада со тебе, туку да ви помогнеме до октомври заеднички да успееме да ја донесеме Македонија пред добивање датум. Поминаа неколку недели и немаме повратен одговор. Оваа понуда не е со неограничен период, таа престанува да важи“.

И уште нешто, вие сакате да ме апсите поради тоа што ви помагам.

Кога го слушнав ова на ТВ Алфа ме фати паника, шу праиме сега, црно ни се пишува. Останавме без датум за преговори со ЕУ ако не се смилуваат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. И, види богати, Мицкоски оваа великодушност, без никаков надомест, ја побарал да му помогне на Заев и, се разбира, на Македонија, ама бидејќи нема одговор, решил да ја повлече понудата. Ете така, Северна Македонија ќе остане ем Северна ем без датум за преговори.

Што ни преостанува во ваква трагична и безизлезна ситуација. Ништо друго туку да го молиме Мицкоски како Господ, да се смилува и да ја спаси Македонија, да остави уште неколку дена можност Заев да се премисли. Тој лесно се премислува ако му стегнеме една саглам критика зошто го одбива спасоносното решение на Мицкоски. Слушам дури лично и претседателот на Франција, Емануел Макрон, преку својот премиер им испратил замолница до Мицкоски и до Заев да ја прифатат неговата понуда која воопшто не се разликува од нивната. Вели, штом вие двајцата се договорите, истиот ден, преговорите можат да почнат. Во тој случај, најверојатно на свети никогаш.

Шегата настрана, Христијан Мицкоски навистина ја има таа сила и моќ не само да ги одложи преговорите со ЕУ на неодредено време туку и да ги поништи штетните договори со Грција и со Бугарија, да го врати уставното име на државата и да го врати од политички прогон неприкосновениот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и најуспешен премиер во поновата историја на Македонија, Никола Груевски. Доволно е опозицијата да го напушти парламентот поради стравотната политичка пресметка на власта со неистомислениците и прогонот што го прави врз вмровските дејци и патриоти, па тоа да биде силен аргумент поради политичка нестабилност на државата да се одложат преговорите со ЕУ, додека власта и опозицијата не ја пренесат политичката борба во Собранието. Кога во една земја, која е 15-годишен кандидат за влез во ЕУ, не работи парламентот, не се можни никакви преговори.

Христијан Мицкоски има уште поголема моќ и пресудна улога Македонија не само да ги раскине туку и да ги почне преговорите со ЕУ и тоа до крајот на годината. Треба да направат само неколку мали потези, иако доцни, но никогаш не е доцна. Понудата за тоа сè уште важи. Прво треба јасно и гласно да се огради од оној меѓународен хохштаплер избеган во Будимпешта кој сè уште дели лекции кој што треба да работи во земјата. Да прифати и тој и неговата партија судска правда и владеење на правото за сите граѓани подеднакво и да даде зелено светло за непречена работа на специјалното и на редовното јавно обвинителство. Реформата на правосудниот систем мора да се донесе едногласно во парламентот за непречена работа на судството. Секое попречување на правдата од позиција на моќ и сила треба да биде строго санкционирана со повеќегодишна затворска казна. Воспоставувањето на доверба во јавноста при делењето правда е клучната обврска која води кон преговори со Европа. Таа работа сама не може да ја заврши ниту една политичка партија, па макар имала и двотретинско мнозинство во парламентот.

Владеењето на правото е суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може лесно да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура како што бевме сведоци и страдалници во период од 11 години за време на режимот на Никола Груевски. Основната функција на владеење на правото е ограничување на политичката власт и обезбедувањето на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права за кои сега толку гласно зборуваат и Мицкоски и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ со лелеци кои се доживуваат карикатурално поради фактот дека сега го бараат тоа што им беше главна алатка за време на децениско неконтролираното владеење. Удирањето на еден стап по грбот повеќе болело од сто стапа по туѓиот грб.

Тоа не значи и покрај ослободување на државата од тие стеги и покрај институционалниот механизам дека во практиката сè уште не постојат сериозни слабости во примената на владеење на правото. Сите политички партии и одговорни политичари мора да се заложат за преземање на најенергични мерки против присутните слабости и пресметката со организираниот криминал и корупцијата чие сузбивање се најважните предуслови за почнување на преговорите со ЕУ. Христијан Мицкоски со понудата да помогне да се добие датум за преговори ги нема овие предлози.

Мицкоски го нема ни предлогот за попис. Напротив, од врвот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат повици за бојкотирање на пописот како да станува збор за политичко изјаснување, а не за законска обврска да се спроведе конечно попис според сите европски стандарди. Заднината на ова повеќегодишно одлагање е опасна меѓуетничка порака за пребројување на фамозните 20 проценти Албанци. Ги има или ги нема во земјата, што би го отворило процесот на одземање на стекнати права кое директно води во сериозна политичка и економска дестабилизација, неминовна кога се одземаат стекнати права. Во ВМРО-ДПМНЕ уште е омилена стратегијата дека најдобро пливаат кога има меѓуетнички конфликти. Што побрзо ја избришат од арсеналот оваа доктрина подобро и за нив и за иднината на државата. Има голема вистина и во тоа дека стравот од пребројувањето на населението ќе ги покаже и изборните фалсификати на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ.

Доследната примена на Преспанскиот договор и политиката на добрососедство, оградувањето од криминалците во партијата, владеење на правото и непречена работа на целиот правосуден систем, неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата, согласност за беспрекорен професионален и стручен попис, се понудите кои треба да ги испорачаат и власта и опозицијата за да почнат и во догледно време да завршат преговорите со ЕУ. Ако Македонија тргне по тој пат, колку и да има опструкции и пречки однадвор, тие ќе бидат совладани.

Сега големо прашање е дали некој може да поверува дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се навистина подготвени да помогнат и заеднички да учествуваат во остварување на стратегиските интереси за иднината на граѓаните и на државата. Од она што го видовме во изминатите две години, по падот на режимот на Груевски, таква подготвеност нема. Напротив, сите активности одат во насока за попречување да се остварат тие цели. Тоа не ја намалува одговорноста на владата и на премиерот Зоран Заев и на другите коалициски партнери да ја завршат работата за која им е дадена довербата. Се разбира, тоа е многу потешкиот пат, но друго чаре нема. Излезот е поголемиот дел од јавноста да ја препознае вистината која води во прогрес и во Европа. Другата опција е погубна.