Помали штети со поголема заштита


ГОРАН АДАМОВСКИ

Стручни комисии на Општина Ресен излегоа на терен за да вршат проценка на направената штета од големото невреме што во средата вечерта го зафати Преспанскиот регион. Обезбедени се средства за основните потреби на населението, а објавен е и јавен повик за пријавување на штетите од природната непогода. Првичните информации се дека во овоштарниците е причинета стопроцентна штета, а допрва ќе се пресметува колку ќе чини поправката и реконструкцијата на урантите објекти и во автокампот „Крани“.

Не е тешко да се пресмета оти станува збор за милионски штети, без воопшто да се нагласува немерливата загуба од децениските дрвја што се откорнати од корен. И доколку прифатиме оти природни непогоди се случуваат редовно и секаде, нејасно е зошто ниту денеска, исто како вчера, и веројатно како и утре, не ги исполнуваме минималните услови за да ја превенираме штетата.

Имено, поплавувањето на огромни плодни површини е резултат и на големите пропусти при урбанистичкото планирање, неправилното управување со водите и неодржливите земјоделски практики, уништувањето на шумите, индустриското загадување и исфрлањето на токсичен отпад во области изложени на поплави.

Процените на штетите од поплавите, како што велат фармерите, покажуваат дека тие се сè уште многу повисоки од трошоците за спроведувањето на превентивните мерки. Преведено на обичен начин, превентивните мерки за заштита од поплави, како што се: регулирањето на речните корита, изградбата на насипи, пошумувањето… чинат помалку во однос на санацијата на штетите што можат да настанат со, на пример, поплавите поради топењето на снегот. Проблемот е во тоа што за превенција обично нема пари во буџетот, а подоцна мора да се најдат пари за санација на штетите, алармираат земјоделците.

Додуша, познатата македонска импровизација, па ако сакате и дрскоста и безобразлукот на сите власти кон обичните граѓани, е видлива и при исплатата на отштетите, па официјалните бројки велат во Преспа, која секоја година е погодена од поплави и невреме, се игра пар – непар. За непогодите во 2016 година не е исплатен ниту денар, за оние во 2017 година е речиси завршена исплатата (останало да се исплатат уште десетина проценти од земјоделците), а надомест на штетата не е воопшто почната за ланското невреме. Иако се ветуваше неколкупати.

Иако со одложувања што можеби за некои земјоделци ќе значи и крај на „бизнисот“, тоа што им следува мора да им биде исплатено, но можеби е конечно дојдено времето на проблемот да му се пристапи системски, а не по логиката „купи ден – продај“.

Друга работа што сигурно би била од корист е осигурување на имотот и на посевите, но и тука не одат лесно работите. Иако властите субвенционираат дури 60 отсто од трошоците за осигурување на земјоделските посеви, одѕивот кај земјоделците е многу мал и дополнително се намалува од година во година. Објаснувањата се дека земјоделците се на прагот на рентабилноста, трошоците за производство им се повисоки од продажните цени на производите поради што повеќето од нив работат без профит, колку да ги потрошат трошоците за производство и да им остане некоја пара за живот.

И така, вртејќи се во круг и во надеж дека властите конечно ќе им ги сфатат маките на земјоделците, а тие ќе имаат што да инвестираат во своите посеви, останува дотогаш да гледаме во небото.