Политиката го создаде и му пресуди на СЈО


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА 

На 15 септември 2015 година, со 108 гласа „за“, во претходниот состав на парламентот, Катица Јанева беше избрана за специјална јавна обвинителка во новоформираното обвинителство кое треба(ше) да расчисти со големата афера „Прислушување“ и со низа криминални и корупциски случаи што произлегоа од сниманите разговори меѓу високи функционери од сите нивоа на тогашната власт. На 14 септември 2019 година сегашниот собраниски состав, со 102 гласа „за“, ја разреши Јанева од функцијата поради „нестручно, несовесно и незаконско работење“, во ситуација кога се бројат на прсти случаите од „бомбите“ што добија досега судска завршница, наспроти неизвесноста за тоа што ќе се случува со другите предмети, а посебно со аудиоснимките и нивниот третман како докази во постапките.

Тоа што редовното обвинителство ги презема предметите на СЈО може да претставува своевидна, ама не и целосна гаранција за нивно понатамошно процесирање. Особено ако се имаат предвид осцилациите низ кои поминуваше СЈО во изминатите четири години, а кои во голем дел беа условени од промените во распоредот на сили во политичката арена и политичките околности во даден момент.

Во тој контекст, може да се вброи и атмосферата во Советот на јавни обвинители. За разлика од пред четири години, кога таму Јанева од старт се соочи со силни опструкции, особено при комплетирањето на нејзиниот тим, во сегашниот состав на Советот мошне мазно и брзо беше донесена финалната одлука за разрешување на специјалната обвинителка. Како што денеска, веројатно, на сличен начин ќе биде констатиран и престанокот на мандатот на сите обвинители во СЈО. Разликата од само шест гласа во тогашниот и во сегашниот состав на парламентот (за тронизирањето, а сега и за детронизирање на Јанева), и покрај драматичните политички промени што се случуваа во изминатите четири години, како и разликата од само еден ден (поточно само неколку часа) од разрешувањето на специјалната јавна обвинителка до реалното истекување на нејзиниот мандат, се само уште некои од показателите за тоа дека политиката како што го создаде така и му пресуди на СЈО.

И кога е во прашање политичката реторика, за Јанева, која веќе речиси еден месец е во притвор за аферата „Рекет“, очигледно не треба да важи начелото за пресумпција на невиност, на кое на цел глас се повикуваа оние кои, од друга страна, ја поставија на ниво на апсолутна вистина наводна невиност на повеќето поранешни високи функционери за кои се водат кривични постапки за случаи што произлегоа од снимките од прислушуваните разговори. Оние што сите овие години систематски работеа за уривање на темелите на СЈО, и покрај тоа што во 2015 година – неволно и под притисок од надвор гласаа за неговото формирање, сега не само за Јанева туку и за сите обвинители од нејзиниот тим го наметнаа спротивниот принцип на пресумпција на вина, во обид да го реинсталираат концептот на „колективна одговорност“, кој до пред некоја година беше непишано правило во повеќето процеси во обвинителството и во судството, што некогашната опозиција ги посочуваше како политички монтирани. Целта, веројатно, е да докажат дека СЈО, како институција, е некадарнo и некредибилнo да расчисти со случаите што ја допираат претходната политичка врхушка, вклучително со нејзината партиска централа – односно раскошната бела зграда во центарот на главниот град.

На тој начин, сите тие предмети би можеле да заминат во историјата заедно со СЈО, независно од препораките што секојдневно доаѓаат од меѓународните фактори дека треба да се испорача правда и за „Рекет“, но и за сите случаи што произлегоа од масовното нелегално прислушување во периодот од 2008 до 2015 година. Посебна работа е тоа што необезбедувањето консензус и неисполнувањето на критериумите во делот на владеењето на правото може повторно да ја доведе во прашање европската перспектива на државата.

Всушност, има многу парадокси во траекторијата низ која поминуваше некогаш мошне славното, а сега стигматизирано СЈО. Почнувајќи од податокот дека дотогаш непознатата обвинителка од Гевгелија, која едно време беше доживувана како предводничка на „Чарлиевите ангели“, во домашна верзија, во последните месеци од мандатот се најде на другата страна од правдата. Друг парадокс е тоа што обвинителството за чие искачување на пиедесталот големо влијание имаа обидите на поранешниот државен естаблишмент за колективна амнестија се најде пред „стечај“ поради слични такви обиди на сегашната опозиција – да обезбеди амнестија по заобиколен пат за предметите од „бомбите“. Но тоа што поединци од СЈО, во меѓувреме, летајќи на „крилјата на славата“, можеби залутале во правдата не значи дека се неважечки сите оние случаи за изборни нерегуларности, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, за уништување на опремата во УБК или за провизиите за тендерите за изградба на патишта… или сите оние случаи што почнуваа на „Т“…

Промената на буквата на новите предмети што се отвораа по критичниот датум – 30 јуни 2017 година, на некој начин го навести и падот на СЈО.