Политички амеби


ИЛО ТРАЈКОВСКИ 

Амебите ги сметаме за најпрости едноклеточни живи организми. Од друга страна, пак, се вели дека ги има насекаде. И покрај сите промени што се случиле на Земјината топка, тие опстанале стотици милиони години. Упорно ги исполнуваат сите води, сите организми! Тајната на нивната трајност и сеприсутност се наоѓа во карактеристиките на нивниот хабитус. Прво, тие се едноставни, поедноставни не можат да бидат. Второ, тие се флуидни. Својот лик, својата форма ја приспособуваат на околината во која се наоѓаат. Трето, тие се асексуални. Се размножуваат без губење време за сексуална предигра и игра. Сите тие карактеристики на амебата произлегуваат од телеологијата на нивното постоење. Ако прифатиме дека секое нешто на оваа планета има одредена цел, одреден телос (оттука и телеологија) – целта на постоењето на амебите е самоодржувањето. Ништо повеќе и ништо помалку.

Некои други суштества на планетава Земја имаат други цели во животот. За луѓето, на пример, како засебен жив организам веруваме дека имаат повозвишени цели. За нас не се во прашање само голата егзистенција и одржување во живот. Исто така, луѓето како живи организми се далеку посложени од амебите. Тие се највисоко на скалата на родот цицачи. Луѓето, откако ќе се очовечат и пред да се расчовечат, по форма се двоножни суштества. И третата различност од амебите е во тоа што за луѓето сексот не е просто репродуктивно туку и самопоетично искуство.

А сепак поимот за амебата, погоре назначен со трите основни црти, многу често се користи за опишување на одредени човечки карактери. За таа цел зборот „амеба“ се користи метафорично. Во светот на политиката, на пример, еден познавач на јапонската политика зборува за јапонска „амеба политика“. Еден американски аналитичар во екстремната поларизација на американската политичка класа препознава „амеба синдром“ на делење поради нејзино самоодржување. Еден промислувач на австралискиот политички живот развива „амеба теорија за австралиската политика“. И кај нас во една неодамнешна остра полемика меѓу двајца репрезентативни претставници на македонската политичка и образовна елита метафората за амебата најде свое место.

На релевантноста на оваа идеја за разбирање на однесувањето на луѓето се навраќам деновиве. Поради стек на повеќе околности се намножија амебични истапи на истакнати луѓе од светот на политиката, но и од световите најтесно поврзани со неа – академскиот, културниот, спортскиот. Нив ги препознаваме во различните просдсмовски или провмровски искази. Може да се и од некоја друга про… партиска ориентација. Во основа, се препознаваат по нивната безрбетност. Да, точно е дека овој епитет најчесто го користи вмровската критика на СДСМ поради нивна „безрбетност и антимакедонизам“. Но, безрбетноста како феномен ја држеше во своите скутини и претходната власт. Да се потсетиме на критиката за безрбетноста на академиците, на пример, и други кои „во улога на забавачиња, седеа во своите столчиња и дозволија во храмот на белокосите мудреци… партискиот лидер… така помпезно да го промовира својот магистерски труд“.

Воопшто не е чудно што сегашните или минатите власти привлекуваат и хранат политички амеби. Тоа не е никаква новост. Она што зачудува во поново време се нивното намножување и побесрамно себепромовирање како просдсмовци. Во однос на оваа појава, може да се примени критичката оценка на еден од најпознатите француски интелектуалци на либералната десница, Рејмонд Арон. Тој, во предговорот на книгата „Опиумот на интелектуалците“,  вели дека неговата критика не е насочена кон комунистите туку кон прокомунистите, односно оние што шуруваат со комунизмот и комунистите. Тоа се интелектуалците што не припаѓаат на комунистичката партија, но јавно се пројавуваат како симпатизери и поддржувачи на творбата на таа партија, т.е. на Советскиот Сојуз.

Во нашиот случај, тоа се оние што шуруваат со власта. Зависно од тоа која партија е на власт, тие се декларираат како партиски неопределени бранители на творбата наречена „партиска држава“. Во овој момент тоа се просдсмовците. Сè што прават функционерите на дадената партиска власт се претставува ако не како апсолутно добро, тогаш барем како подобро од претходното. За нив секоја критика на актуелната власт е критика од позиција на претходната власт. Тие интелектуални амеби се најсилни апологети на постојното. Така тие стигнуваат и до највисоките партиски органи, а од таму само ќе доскокнат во некоја од државните јасли.

Спорот овде не е со сдсмовците или со вмровците како партиски построени членови. Тие како и сите доследни следбеници на одредена кауза – било да е таа политичка, верска или просто заговорничка – имаат одредена идеја и неа ја реализираат со конкретни постапки. Но, како да се бориш со просдсмовци. Тие во желбата да се докажат стануваат поголеми папи и од самиот папа. Ова е стар проблем на маргиналците кои се приклучуваат кон некоја група во подем или која е од скоро на власт. Како маргиналци, со цел да станат и да бидат прифатени од доминантната група, мора да преземаат потези со кои ќе ги убедат чуварите на партиските порти дека се и дека отсекогаш биле вистински партијци. Тие во докажувањето на својата лојалност демонстрираат енергичност и убедливост карактеристична за лица кои страдаат од дисоцијативно политичко-идентитетско растројство.

Тие денес, на пример, велат дека не требало да се критикува и да се бара одговорност од г-ѓа Тодевска за нејзиниот пропуст при изведувањето на националната химна, дека било малодушно да се даде оставка од позицијата заменик-министер за образование, дека премиерот правилно постапил што заштитувајќи го овој или оној јавно избламиран партиски кадар, дека…

За ваквите политички амеби секое потсетување на власта дека ја заборавила целта поради која дошла на власт (да донесе правда за сите) претставува спекулативен идеализам. Политичките амеби се приспособуваат на ситуацијата и притоа го инфицираат организмот во кој пенетрираат или веќе му се длабоко навлезени.