Полицијата со солзавец ги растеруваше француските антиваксери


Демонстрации на Денот на Бастиља во Франција против наметнатите мерки за борба против ширењето на Ковид-19, особено неодамнешното соопштение во кое се наведува дека здравствени пропусници ќе бидат потребни за да се користат одредени  услуги и дека вакцините ќе бидат задолжителни за здравствените работници.

Демонстранти се собраа во Париз и во повеќе други градови низ Франција вчера, а се планира да излезат на протести и во 14 и 17 јули.

Полицијата се судри со демонстрантите на неколку локации ширум државата, а употребен е и солзавец за да се растераат демонстрантите.

Демонстрантите, многу од нив без маски, не се задоволни од условот за вакцинирање на здравствените работници и здравствените пропусници за влез на јавни места, јавува „Ал џезира“.

Полицијата во Париз пукаше со солзавец и апсеше додека се обидуваше да ги растера демонстрантите, од кои многумина се скептични кон вакцините, т.н. „антиваксери“, кои маршираа низ цела Франција заради нови ограничувања поради корона вирусот.

Некои од протестите започнаа уште во средата наутро во Париз, додека по должината на Елисејските полиња се одржуваше годишното воено дефиле за Денот на Бастилја, што го гледаше претседателот Емануел Макрон.

Протестите продолжија во средата навечер, а демонстрантите беа прикажани на видео-клипови објавени на социјалните мрежи како нишанат со пиротехника кон полицијата.

Демонстрантите не се задоволни од одлуката објавена во понеделникот да се обврзат здравствените работници да се вакцинираат и луѓето да покажат здравствен пасош за вакцини за да влезат на повеќето јавни места. Оние кои не се вакцинирани, треба да покажат негативен резултат од тестот.

Соопштението беше причина рекорден број Французи да се соберат на улица.

„Ова е во име на слободата“ беше пораката од дел од демонстрантите.

Во една област на француската престолнина полицијата испука солзавец за да ја растера толпата.

Закажаната рута не беше почитувана, објави полицијата во твит, изразувајќи жалење за „фрлањето проектили“ и палењето огнови од демонстрантите.

Низ Париз протестираа околу 2.250 луѓе, додека други демонстрации се одржаа во Тулуз, Бордо, Монпелје, Нант и на други места. Француските власти сметаат декавкупниот број демонстранти изнесува 19.000.

„Здравствена сегрегација“

Министерството за внатрешни работи соопшти дека имало 53 различни протести низ цела Франција.

„Долу диктатура“, „Долу здравствениот пас“… скандираа демонстранти.

Еден од нив, Јан Фонтејн, 29-годишен нотарски службеник од регионот Бери во централна Франција, рече дека дошол да демонстрира во Париз тврдејќи дека здравствениот лист е еквивалентен на „сегрегација“.

„Макрон игра на страв, револтиран сум. Јас познавам луѓе кои сега ќе се вакцинираат само за да можат да ги носат своите деца на кино, а не да ги штитат другите од сериозни форми на Ковид “, рече тој.

„Тешко ми е да разберам, во земја каде 11 вакцини се веќе задолжителни… дека ова може да се сфати како диктатура“, рече владин службеник, додавајќи дека по една година проучување на вакцините „времето на сомневање е минато“.

Според анкетата за јавното мислење објавена во вторникот, големо мнозинство Французи ги одобруваат новите безбедносни мерки.

Приближно 35,5 милиони луѓе – нешто повеќе од половина од популацијата на Франција – примиле барем една доза на вакцина досега.

На почетокот на пандемијата, Франција имаше некои од највисоките нивоа на скептицизам во вакцините во развиениот свет.

Во декември 2020 година, истражувањето спроведено од анкетната група Одокса и весникот „Фигаро“, покажа дека само 42 проценти од француското население сака да се вакцинира. До април годинава тоа се искачи на 70 проценти, додека околу 14 проценти остануваат жестоко против вакцините.