Почна бербата на тутунот во Пелагонија, берачи нема ни за „лек“

Тутунот годинава е со одличен квалитет, но проблем ќе претставува како да се набере


Земјоделците се задоволни, тутунот е со одличен квалитет

 

БИТОЛА – Почна бербата на тутунот во Пелагонија, ама берачи нема ни за „лек“, се жалат тутунарите кои го години наназад произведуваат поголеми количини на тутун.

Тутунот годинава е со одличен квалитет оти и расадот беше добар, а се погодија и временските услови за расадувањето.

Она што во континуитет години назад ги загрижува производителите на тутун е работната сила. Нема берачи на тутун, тешко се наоѓаат, а младите воопшто не се заинтересирани за физичка работа, особено што на тутун берење се оди од ноќе.

Сега според тутунарите, наемни работници се лица околу 60 години и повозрасни. И тие што претходно работеле сега откажуваат.

Годинава цената на берачите од час се движи околу 250 денари, или за пет часа работа на нива 1.500 на ден по работник. На тоа треба да се пресметаат трошоците за оброк, пијалак, превоз.

Марјанчо Цветкоски е млад земјоделец од прилепското село Марул, кој години назад произведува над 5 тони тутун. Годинава расадил тутун на 40 декари земја во парцели во три села и вели дека за нив во наредните два месеци најголем проблем се наемните работници.

„Аирлија нека ни е, почна сезоната на берење тутун во прилепско. Родот е одличен, задоволни сме, но нема кој да го бере тутунот. Нема интерес иако дневницата е примамлива. Јас за почеток најдов петмина берачи за цена од 240 денари на час. Со трошокот за храна и превоз, ќе ме чини по 1.500 денари дневно за еден работник. Имам 40 декари под тутун во селата Марул, Беровци и Лагово и сама фамилија не може да престигне, мора ангажирање на работници. За работа се нафаќаат само повозрасни луѓе“, вели Цветкоски.

Лани Марјанчо предал 5 тони тутун, годинава очекува да набере до 10 тони, а според трошоците вели дека килограм тутун не смее да биде откупен под 450 денари без субвенциите од државата. Но, за жал цените по класи на договорите склучени со откупните компании останале исти како лани.

„Многу тутунари се откажаа од производството на тутун заради високите трошоци, во Пелагонија остана голем дел од  полето ненасадено. Не се исплаќа, останаа најупорните. Но, што да правиме, вложивме многу во трактори, во механизација, направивме сушари за тутунот, изградивме објекти, сето тоа нѐ чинеше пари и сега каде да одиме, по фабриките, а цените во договорите никако да се сменат“, вели Цветкоски.

Бербата на тутунот допрва ќе се интензивира, во наредните два месеца, а за да се набере секој лист големите производителите што ангажираат и до десет намени работници дневно ќе ги чини и до 250 евра само за тој трошок. 

Тутунари кои долго време се занимавале со производство на оваа култура велат дека освен листот кој единствено се користи од тутунот, од него може да се користат и семето и стеблото, со што тутунарите дополнително ќе заработат. Семето на тутунот е погодно за производство на биогорива, а секоја година се заорува по македонските ниви. Според анализите направени во Институтот за сточарство, добиеното ќуспе ќе преставува извонредна основа за производство на храна за ситна, крупна стока, живина и риби.

„Компанијата ‘Филип Морис’, хартијата за цигари ја произведува од стеблото на тутунот. Но, и биомасата која може да се добие од единица површина може да се смета за значајна компонента во производството на биогас и органско ѓубриво. Ова зборува каков потенцијал има оваа култура, но за жал неискористен во вистинска смисла. Фактот дека производството на тутун за голем број македонски семејства е основен извор за обезбедување на егзистенција, но и важна и стратешка култура на државата време е владата посериозно да се позанимава со можностите и потенцијалите кои ги нуди тутунот како за дополнителен приход на семејствата кои го произведуваат така и за државата“, вели Игор Мирчески, земјоделец од Пелагонија.