Почина тајландската принцеза Бајракитијабха по три години минати во кома


Тајландската принцеза Бајракитијабха, најстарата ќерка на кралот Маха Ваџиралонгкорн, почина на 47-годишна возраст, соопшти кралскиот двор.

Принцезата, позната во Тајланд како „Ба“, починала мирно во Меморијалната болница „Крал Чулалонгкорн“ во Бангкок, по повеќе од три години поминати во кома откако колабираше во декември 2022 година.

Нејзината здравствена состојба значително се влоши во мај годинава. Според лекарите, таа страдала од повеќекратни инфекции на неколку органи.

Бајракитијабха има дипломирано право на Универзитетот „Корнел“ и извршуваше повеќе меѓународни функции, меѓу кои амбасадорка на добра волја на ОН и претседавачка на Комисијата на Обединетите нации за превенција на криминал и кривична правда во 2011 година.

Таа исто така беше амбасадорка на Тајланд во Австрија од 2012 до 2014 година и работеше како јавен обвинител во Канцеларијата на јавниот обвинител на Тајланд.