По поразот на Орбан акциите на компанијата 4iG паднаа за 17 проценти во еден ден
Уште првиот ден по поразот на Виктор Орбан на изборите се реди долга низа губитници во Унгарија. И во политиката и во бизнисот.
Најголем губитник на денот беше берзанската холдинг компанија„Опус“, чиј сопственик е најбогатиот Унгарец, Лоринц Месарош, инаку другар од училишните денови на Орбан. „Опус“ поседува радио станици, телевизии, весници, големи имоти во туризмот, земјоделството, енергијата. Акциите на компанијата паднаа за речиси 30 проценти.
Меѓу големите губитници на берзата е 4iG, компанија која многу блиска на Фидес и гигант во телекомуникациите, одбраната… и има голема државна поддршка. Нејзините акции паднаа за 17 проценти. 4iG по брза постапка стана трет мобилен оператор во Македонија, користејќи ги исклучително блиските врски меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фидес.
За разлика од бизнисите поврзани со економската аристократија на Фидес, компаниите што работат – во најголем дел – независно од државата, постигнаа исклучително добри резултати. Победник на денот беше банката ОТП, која е најголема во државата. Нејзините акции пораснаа за 8 проценти. И нафтената компанија МОЛ имаше добри резултати (7 проценти пораст), а добро помина и Маѓар телеком.