Пиво за сончогледово масло? Паб во Минхен најде начин како да обезбеди залихи за пржење шницли


Еден паб во Минхен најде нов начин да го надмине недостигот на масло за јадење во Европа – дозволувајќи им на клиентите да го платат своето пиво со сончогледово масло и така да обезбедат обилни залихи за пржење шницли.

Со оглед на тоа што Украина и Русија сочинуваат околу 80 отсто од глобалниот извоз на масло од сончогледово семе, многу европски земји, вклучително и Германија, забележаа намалување на залихите откако Русија го нападна својот сосед во февруари.

Менаџерите на Гесингер, пиварница и паб во јужниот град Минхен, мислат дека можеби го имаат одговорот, нудејќи им на љубителите на пиво литар од нивниот омилен пијалок за иста количина сончогледово масло.


„Целата работа се појави затоа што едноставно ни снема масло во кујната и затоа мораме да бидеме инвентивни“, изјави менаџерот на пабот, Ерик Хофман, за ТВ Ројтерс.

Шишињата од маслодајна репка и сончогледово масло честопати недостасуваат на полиците на супермаркетите во Германија по руската инвазија на Украина, а многу продавници го рационализираат бројот на шишиња по клиент.

„Да се добие масло е многу тешко… ако ви требаат 30 литри неделно и наместо тоа добивате само 15, во одреден момент нема да можете повеќе да пржите шницла“, рече Хофман, додавајќи дека клиентите до сега замениле 400 литри.

Додека еден литар пиво чини околу 7 евра во германските пабови, едно литарско шише сончогледово масло се продава за околу 4,5 евра – што ја прави понудата примамлива за многу клиенти.

Клиентот Мориц Балер купил 80 литри сончогледово масло во Украина за време на патувањето за испорака на хуманитарна помош, заменувајќи ја својата пратка за осум гајби пиво за неговата роденденска забава.

„Кампањата е кул“, рече тој. „Можеме да добиеме евтино пиво и да, се помага и на пиварницата Гесингер“. (Ројтерс)