Пијани кокошки


ПЕТАР АРСОВСКИ

За нас малкутемина, кои по некоја случајност останавме да живееме на слепото црево на Европа наречено Македонија, не е големо изненадување фактот што живееме во време на контрасти кои се суштински непомирливи, а сепак коегзистираат секојдневно и паралелно. Соочени со таков калабалак на политички ставови и една општа рашомонијада на вистината, не би требало да нè изненадува што гласачите се разочарани, нервозни и збунети. Таква е и политичката елита, но таква е и реалноста.

На пример, завчера, Туск изјави дека сме шампиони на политичката зрелост во регионот и дека треба да послужиме како пример за тоа како се решаваат проблемите. Луѓето, пак, мислам, се прашуваат дали Туск слетал во истата земја во која ние живееме? Зарем ние политичка зрелост? Ние пример во регионот? Заглавени во длабока политичка поделба, распнати помеѓу желбата на електоратот за правда и очигледните обиди на некои политички елити таа да ја закочат, заглавени во бавни и болни реформи, без суштински политички дијалог, наплив на лажни вести и пропаганда, општа апатија и разочараност во политиката и системот воопшто, ваквите глорификации и пофалби изгледаат како да се наменети за некој друг, како да доаѓаат од алтернативна реалност, од друга галаксија.

Се прашувам дали и покрај фактот што пред сегашниот пробив скоро две децении чекавме на некое поместување, можеби промените нè затекоа неподготвени? Дали, сепак, и покрај сите подготовки, нè изненади „снегот во декември“? Контрастот помеѓу уверувањата дека глобално земјата се движи во вистинска насока и разочарувањето кое го чувствуваме интимно за недостатокот на квалитет во процесите дома, можеби создава контраст кој суштински има капацитет направи од нас нација со траен синдром на поделена личност. Зошто и како вакви длабоки и дијаметрално спротивставени вредносни системи и однос кон политичката и општествената реалност коегзистираат на едно местo и во исто време?

Прво, мислам дека кај нас револуцијата навистина има капацитет брзо да ги изеде сопствените деца. Последните превирања во обидот на воспоставување систем за владеење на правото претставуваат суштински, интимен пораз на критичката јавност. Кој е виновен за тоа сега е секундарно, депласирано прашање. Имам впечаток дека причините за ваквиот расплет и моралната криза која го следи, лежат во фактот дека по сè изгледа, барем по прашање на европеизацијата на државата, заклучокот се наметнува сам: непријателите сме ги потцениле, а пријателите сме ги прецениле.

Мислам дека некако прелесно очекувавме дека по големиот пресврт во вид на Преспанскиот договор, зачленувањето во НАТО и пробивот кон ЕУ, оние кои, и дома и надвор, се противат на овие процеси, уредно ќе прогласат пораз и ќе се предадат. Напротив. Дома, високата емотивна цена за Преспанскиот договор кај националистите, кои слепо би го растуриле овој процес од некакви романтични илузии, паралелно со канибализацијата на овие емоции од политичките елити кои се надеваат на тоа да соберат политички поени, прават приказната за вредностите кои ќе доминираат во општествениот дискурс ни оддалеку да не е завршена.

Понатаму, непријателите на овој процес надвор ги стимулираат лажните вести, центрите на пропаганда и политичките актери кои се противат на интеграциите, а паралелно ги вжештуваат националистичките митови во обид да го попречат, или барем забават, приближувањето на општеството кон европски вредности. Во таа смисла, битката не е завршена, а непријателите сме ги потцениле.

Од пријателите, мислам, дека сме имале превисоки очекувања и премногу доверба во нивниот капацитет и интегритет. Власта не може по овие прашања да испорача брз пробив каков што очекуваме: таа суштински нема капацитет да го направи пробивот со административен апарат, нема партнер ни во рамките на својата коалиција ни во опозицијата, за пробивот да го направи со консензус и политички дијалог, а нема ни доволно политички капитал пробивот да го направи „на сила“, самостојно. Оттаму, мислам дека не треба да се очекуваат чуда во политичка смисла, ниту во можностите на вака поставената политичка констелација за брз напредок. Дополнително на ова, имаме и едно преценување на моралниот интегритет на „револуционерите“. Во општата мобилизација која претходеше на политичките промени, мислам дека во тие редови, неселективно, се нашле и структури на кои етички и морално не им е таму местото. Цената за таа неселективност ја плаќаме сега.

Можеби е нормално, на прагот на почетокот на преговорите во ЕУ и зачленувањето во НАТО, елементите во државата и регионот кои се против овој правец, да ги вложат своите последни напори во обид да го попречат, да го закочат или да го направат овој процес што политички поскап. Ако на оваа стратегија се додаде и нормалниот процес на чистење на општеството од рецидивите на антизападните структури, нужното расплеткување на триаголникот бизнис-криминал-политика, како предуслов за нормализацијата пред членство, не е големо изненадување што дискурсот изгледа хаотичен, превртлив и шизофрен.

Можеби ќе звучи карикатурно, но јас овој процес си го замислувам како едно огромно јато кокошки во темен тунел. Јатото вкупно се движи накај светлоста на излезот, но внатре, има еден куп птици кои се обидуваат да се вратат назад, си скокаат едни други на глава, паѓаат, се тркалаат, се обидуваат да излезат од јатото скокајќи по страните на тунелот, сето изгледа како едно хаотично стампедо, но јатото сепак неумоливо се движи напред, иако летаат пердуви на сите страни. Зошто, тогаш, се чудиме на неизбежниот исход: ние од тунелот, сигурно ќе излеземе како пијани кокошки.