Пелегрини: Ниедна земја не треба по скратен пат да влезе во ЕУ
Претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, смета дека ниедна земја, без разлика во колку тешка состојба и да е, не смее да има предност и по скратен пат да влезе во ЕУ. Таа треба да го изоди патот на преговори и реформи и потоа да стане дел од Унијата. Затоа, смета, земјите што имаат право да станат членки на Европската Унија, првенствено се оние од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија.
– Што се однесува до предлогот на канцеларот Мерц, постои целосна усогласеност меѓу претседателот и премиерот на Словачка бидејќи јас лично мислам и ѝ го кажав тоа и на претседателката за време на нашите официјални разговори дека во процесот на пристапување не треба да има скратени патишта. Ниедна земја, без разлика во каква тешка состојба се наоѓа, не може тукутака да добие предност за да биде прифатена пред оние земји што имаат изминато долг пат и многу години подготовки бидејќи ова навистина би било многу негативно во однос на земјите од Западен Балкан и за луѓето таму, доколку Украина веднаш стане земја членка или има асоцијативно членство и може да седи на масата за време на преговорите и состаноците на Европската Унија – изјави Пелегрини во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
ЕУ, додаде, има свои правила и тие правила треба да се следат. Во случај Украина да ги исполни овие услови и да го следи тој пат, Словачка, додаде, секако ќе ја поддржи Украина во тој процес, но нема да поддржи никакви скратени патишта ниту, пак, привилегии што ќе им се понудат на одредени земји пред други.
– Затоа сум убеден дека земјите што имаат право да станат членки на Европската Унија, првенствено се оние од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Имаше самит на министрите за надворешни работи на групата Пријатели на Западен Балкан и никој не го смени своето мислење. Словачка и понатаму ќе продолжи гласно да зборува за ова на политичко ниво. Нешто друго што разговаравме со госпоѓата претседателка – не можам да замислам дека ЕУ би се проширила со земја што е во војна со Руската Федерација. Таа беше нападната од Руската Федерација. Ова би можело да значи дека земја што не е дел од ЕУ би станала дел од неа во такви услови. Кога размислуваме за иднината на Украина, првиот услов е да се преговара праведно и да се прекине војната. Потоа може да се зборува за потенцијалното членство на Украина во ЕУ. Овој конфликт треба да се реши на дипломатски начин и тоа треба да биде основен услов за каква било идна дискусија за пристапувањето на Украина во ЕУ – рече Пелегрини.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Македонија останува цврсто определена кон членството во Европската Унија, но очекува да биде третирана рамноправно и да биде оценувана според Копенхашките критериуми, а не преку билатерални спорови и идентитетски прашања. Според неа, Македонија предолго се соочува со пречки што не се во согласност со европските принципи.
„Европа е наш природен дом – географски, историски и културно. Она што го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми и да добиеме можност да се фокусираме на реформите и владеењето на правото, наместо на билатерални прашања“, порача претседателката.
Таа го поздрави словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања во процесот на проширување на Европската Унија, оценувајќи дека почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштински дел од европската идеја.
Сиљановска-Давкова додаде дека интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко, туку и безбедносно и стратешко прашање, особено во услови на глобални геополитички предизвици и растечки вооружени конфликти.
Таа нагласи исто така дека Македонија и Словачка имаат потенцијал за продлабочување на економската соработка, особено во областа на енергетиката, иновациите, зелената транзиција, инфраструктурата и туризмот, потсетувајќи на неодамнешните бизнис-форуми и отворањето на авиолинијата Охрид–Братислава.
Претседателката посебно ја поздрави поддршката од Словачка за македонскиот јазик и култура, посочувајќи го отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, како и воведувањето настава по македонски јазик и објавувањето на првиот учебник по македонски јазик за Словаци.
На крајот, таа изрази уверување дека разговорите во Братислава ќе внесат нова динамика во македонско-словачките односи и ќе придонесат за уште поинтензивна соработка во иднина.