Мицкоски ќе му каже на Кошта дека не сака „авантура без крај“
Не е фер и несериозно е да се очекува дека еве, сега ќе дојде висок европски политичар и ние наеднаш ќе ја промениме позицијата, и готово, сме ја завршиле работата, порача денес премиерот Христијан Мицкоски пред посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Тој јасно нагласи дека нема да поддржи „авантура без извесен крај“ и нема да направи поместување додека не добие гаранции дека во иднина ќе нема нови условувања од бугарска страна.
– Многу пати сме дале став по тоа прашање и нашиот став е непроменлив. Јас немам намера како претседател на влада да поддржам авантура без извесен крај. Покажуваме дека сме компетитивни, сакаме да го изодиме процесот бргу, но не сакаме брз неизвесен крај, не влегуваме во таква авантура. Три и пол децении сме сведоци на политички авантури и гимнастики и стоиме во исто место. Нефер е да се очекува дека наеднаш ќе ја промениме позицијата. Треба да се знае, без ВМРО-ДПМНЕ оваа работа не бива. Политички аналфабети на дневна основа артикулираат теми и мислат дека ќе добијат нешто, но само губат и ги нарушуваат позициите на Владата. И јас да сум од страна на бугарската влада би седел мирен и би чекал кога гледам дека некој од спротивната страна ги нарушува позициите одвнатре – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека процесот е двонасочна улица и дека е потребно да се изгради меѓусебна доверба меѓу страните и да се почнат разговори.
– Она што е пред нас е јасно. Минатата влада прифатила Француски предлог, прв протокол, втор протокол. Да видиме што има бугарската влада пред себе, а тоа се пресудите од Стразбур што не ги спроведува. Процесот е двонасочна улица, за да изградиме доверба, потребно е да има испорака од другата страна. Ако сите европски политичари се едногласни дека нема да има дополнителни условувања, да направиме нови заклучоци во кои тоа ќе го ставиме и така ќе се потврди поддршката и довербата. Да почнеме да градиме доверба, да разговараме, подготвени сме за разговор со ЕУ, тоа што можеме веднаш да го направиме е тоа што не обединува, а не разединува. Да се посветиме на испораката на реформската агенда. Да збориме за овие теми ако постои простор и да влеземе во друга фаза – рече премиерот.
Во однос на прашањето, дали постои можност за некаква трилатерална средба, Мицкоски со став:
– Дајте ни еден ден однапред, ќе стигнеме каде што треба. Ние не знаеме со кого да разговараме. Еднаш Софија вели ова е проблем меѓу ЕУ и Македонија. Одиме во Брисел, па велат како разговарате без нас. Сакаме да разговараме, сериозни сме, но треба ден однапред да ни кажат дојдете таму и ќе одиме. Свесни сме дека Бугарија се соочува со внатрешно реструктуирање после изборите, со висока инфлација, ете разбравме дека во Бугарија лажирале финансиски извештаи. Се тоа создава недоверба, внатрешни проблеми. Подготвени сме на добрососедска основа да помогнеме, остануваме посветени на овој процес и ќе бидеме конструктивни, рече Мицкоски.
Мицкоски ќе оствари тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следи состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Мицкоски и Кошта потоа ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.