Париз калибрираше документ кој не може да го остават ни Софија ни Скопје

ЕУ подготви преговарачка рамка за Македонија од која двете страни не можат да бидат сосем задоволни, но можат да речат дека во неа се ставени дел од нивните услови


 

Одредени патриотски структури во Македонија и Бугарија промптно се возбудија од францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија зад кој стои ЕУ. Во одреден смисол тоа значи дека овој предлог е добро калибриран и дека не може да се нарече целосно „француски“, туку повеќе и формално на Советот на ЕУ.

Тој е напишан со оној европски бирократски јазик кој не ги кажува деликатните работи премногу јасно, но се подразбираат.

Некои македонски медиуми го објавија овој предлог, но ние го погледнавме и документот кој им беше испратен на членовите на комисијата за надворешни работи на бугарското собрание и претпоставуваме дека тој е оној кој земјите членки на ЕУ ќе го разгледуваат и ќе дадат свои забелешки. Во основа нема големи разлики меѓу тие два документи, но да видиме што пишува во „оригиналот“. Оној што е на работната маса на земјите членки на ЕУ.

На прв поглед изгледа дека во него се задоволуваат повеќе бугарски барања, но во него го нема клучот на сите нивни барања – рамковната позиција усвоена од бугарскиот парламент во 2019 од едноставна правна причина: тоа не е документ усвоен билатерално или на некој меѓународен форум (како што се споменуваат заклучоците од Брдо од октомври 2021 година).

Бугарската страна може да биде задоволна што вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав треба да влезе во преговарачката рамка, а македонската дека официјално не се поставуваат никакви европски дилеми околу македонскиот јазик.

Изгледа дека на овие детали работеле подолго време дипломатските екипи на премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, иако во меѓувреме изгледаше дека комуникацијата меѓу двете влади е замрзната. Сѐ до разговорите меѓу двата министри, Бујар Османи и Теодора Генчовска, викендот кога беше запалена влезната врата на бугарскиот клуб во Битола. Тогаш и двајцата министри изјавија дека дводневните разговори биле прилично продуктивни, како ретко кога претходно.

Накусо: промена на уставот пред почнување на преговорите по поглавја, флексибилна формула за јазикот, бугарската заедница, борбата против дискриминацијата и говорот на омраза – овие одредби се вградени во предлогот на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ.

Заедно со нацрт-преговарачката рамка – принципите врз основа на кои се водат преговорите со кандидатите – се и предлог-заклучоците на Европскиот совет за Македонија. Во нив, на бирократски јазик, практично е исполнет бугарскиот услов вистинскиот почеток на преговорите да биде по уставните измени во Мкедонија и вметнување на бугарската заедница во преамбулата, заедно со другите етнички заедници во Македонија. Како и и исполнување на одредбите од Договорот за добрососедство, но и Преспанскиот договор. Во одредбите за исполнувањето на овие два договори нема ништо што би изгледало како преседан, затоа што во речиси сите документи на ЕУ последните години се наведува токму тоа.

Во однос на јазикот, кој велегува во корпусот на идентитетски прашања, јасно е напишано дека заедничкото европско право ќе се преведува на „македонски“, без дообјаснувања или фусноти. И се наведува дека „ЕУ ги забележува соодветните намери на Бугарија и Северна Македонија да дадат еднострана декларација за македонскиот јазик“, кои, сепак, не влегуваат во преговарачката рамка. Ова значи дека македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ.

Документот не го содржи и не може да ја содржи рамковната позиција на Бугарија, бидејќи не е билатерален документ, туку унилатерален список на услови за кои бугарската влада во моментов официјално не преговарала со Македонија, ниту пак ги преговарала во последната година. Иако пакетот 5+1 синтетизираше важни точки од неа.

Дури и првото ставање на ветото во ноември 2020 година не можеше да се спори со рамковната позиција (кој не е обврзувачка за Македонија), туку само со Договорот за добрососедство.

Во документот се наведува дека Европската комисијата „внимателно ќе го следи напредокот на Македонија во сите области, користејќи ги сите расположливи инструменти“ и „ќе посвети посебно внимание на обврските за добрососедските односи и регионалната соработка“.

Ова не е конечен документ, иако според некои информации, Берлин не сакал веќе ништо да се менува во него. Бугарија и натаму може да стави вето на овие заклучоци, иако тогаш ситуацијата би била неподнослива за Софија – ЕУ да ги стави на кандидатската лента Украина и Молдавија, а да го запре почнувањето на преговорите со Македонија која е кандидат од 2005 година. Има уште неколку денови, па ништо не е завршено додека не се заврши.