Падот на Катица: Само уште една банална случка


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева си даде оставка. Тоа е веста со која деновиве се пополнуваат ударни термини и страници во медиумите и социјалните мрежи. Тој нејзин чин може да биде промислуван како настан пар екселанс, или како само уште една „дешавка“ од сретсело. Самата Катица Јанева сака де нè убеди дека станува збор за настан, досега невиден. Настан кој најавува нешто ново. Јас, пак, сè си мислам дека станува збор за сосема вообичаена, дури и банална случка, и дека и по нејзината оставка се ќе си оди по старо. Всушност, најавеното заминување на Јанева од функцијата специјален јавен обвинител така како што е изведено направено е токму со таа цел – за сè да си остане по старо. Работите во оваа земја се одвиваат по логиката на наглавечки поставената реалност. Тоа е реалност во која криминалци стануваат главни сведоци, не речи и свиркачи, осомничени за криминал стануваат премиери и обратно премиери стануваат криминалци, реалност во која во фаза на претходна постапка редовното јавно обвинителство држи помпезни прес конференции со кои се одрекува принципот на пресумпција на невиност, реалност во која новинари, играјќи улога на полицајци и истражители, се покажуваат како подобри од вистинските полицајци и истражители.

Во краткото образложение Јанева вели дека оставката е поттикната од патриотски мотиви! Не сакала таа да биде пречка на европската интеграција на земјата. Следејќи ги „со месеци медиумските прилози за преговорите“ меѓу партиите за иднината на СЈО, Јанева сфатила дека токму таа лично е пречката за договор меѓу партиите. И навистина. Нејзината досегашна работа како специјален јавен обвинител беше една од главните причини за продлабочување на конфликтот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Првите јасно порачуваа дека не даваат поддршка за нејзино понатамошно останување на чело на СЈО. СДСМ, обратно, изјавуваа дека „апсолутно“ не ја даваат Катица. За првите Јанева беше инструмент во рацете на СДСМ како владејачка партија да врши прогон против нив. За вторите, Јанева беше симбол на надежта за „враќање на правната држава“. СДСМ со ваквиот став само ја реафирмираше својата позиција од 2015 година, кога се формираше СЈО. Тогаш и поголемиот дел од македонската јавност полагаше таква надеж.

Денес, според резултатите од најновите анкети, ставот на владејачката партија се разидува со ставот на мнозинството од македонската јавност. Падот на довербата кон јавните институции воопшто е драматичен, а губењето на довербата во правосудството и особено во некогашниот симбол на надежта за владеење на правото, е уште повознемирувачки. А најновата битка меѓу редовното и специјалното јавно обвинителство придонесува за понатамошно руинирање на довербата.

Во таков контекст ми се чини вредно докажувањето дека оставката на Јанева е само уште еден во низата банални случаи на организиран криминал и корупција со кои се повторува истата приказна. Вредно е затоа што за установувањето на институцијата Специјално јавно обвинителство во правосудниот систем кај нас, покрај граѓанска доверба во специјалноста на ова обвинителство беше инвестиран и еден од најзначајните ресурси на секое уредено општество – уставноста. А приказната која се плете и со овој случај е приказна за нашата стварност која живее одејќи си на главата наместо на нозете.

Тезата дека чинот на Јанева е само уште еден банален случај на таквата реалност, а не настан кој најавува на-стан-ување на нешто ново ја потпирам со аргументите на една политичко семиотичка анализа на нејзината оставка. Од таа перспектива оставката е еден говорен чин со кој се прави перформанс, а не промена. Таа не кажува дека заминала од позицијата специјален јавен обвинител, туку дека ќе замине. Нејзината оставка би можела да значи некаква промена, но во моментов таа не е тоа бидејќи оставката е условна. Јанева ќе си замине кога за тоа ќе се создадат услови, некогаш, а можеби и никогаш. Дотогаш таа ќе си функционира како „специјален случај“ – специјална обвинителка со еден одземен и еден наводно изгубен службен телефон и со тим на обвинители и истражители кои се оградуваат од неа како нивен шеф бидејќи не сакаат да бидат „колатерална штета“!

Во книгата „Што е настан“ (2017), современиот американски социолог Родни Вагнер-Пацифици од Универзитетот во егзил на Новата школа за општествени истражувања од Њујорк објаснува дека случувања како, на пример, 11 септември, Големата рецесија или Париската комуна од 1871 година и многу други еволуирале во настани бидејќи донеле прелом, трансформација на постојното. Без тоа би се свеле на банални случки на повторување на некој утврден образец на однесување на репродукција на зададените структури. Падот на Јанева не носи ништо од тоа. Оставката нема никаков потенцијал да покрене раздвижување со кое државата би се исправила и би проодела со нозе. Напротив, таа ќе придонесе државата и понатаму да ползи пред овој или оној повеќе или помалку организиран криминал/ец.

И покрај експлицитно даденото патриотско образложение дека ја дава заради откочување на преговорите за иднината на СЈО, оставката временски се совпаѓа со најновиот скандал со корупција и криминал на највисоко ниво. Катица Јанева како специјална обвинителка била вплеткана во политички асистирано рекетарството, а според она што пишуваше новинарот Бранко Героски можно е да играла и поистакната улога од обичен учесник.

Ако било можно во такви води да заплива првиот човек на институцијата која кај нас беше инсталирана со силен притисок и поддршка од нашите меѓународни стратегиски партнери, јавноста се прашува што остана за другите кои не се под таков мониторинг! Оваа дилема е блокирачка. Само луд, наивен и заинтересиран може и понатаму да ја брани специјалната обвинителка и неа да ја зема како симбол на СЈО и на надежта во владеењето на правото.

Говорниот чин на Катица Јанева наречен оставка не само што не буди надеж во борбата против корупцијата и криминалот туку дополнително деморализира. Ја дотолчува бездушната живеачка. Во тој чин не препознаваме ништо во настанување, ништо настанувачко. Напротив, препознаваме стара и многу пати видена методологија на замајување на масите. Настаните поттикнуваат чувство на неизвесност заради нивната експлицитна искреност. Во говорниот чин на Јанева нема искреност. Дури и премиерот Зоран Заев изгледа поискрено со неговото наивно признание дека самоиницијативно им се јавувал на пранкерите!