Откако „сечеа вени“ за Александар Македонски, ВМРО-ДПМНЕ сега ќе го политизира Гоце Делчев

Декларацијата на Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ е јасен обид за опструкција на преговорите со Софија, на начин што ова прашање ќе се исполитизира уште повеќе и повторно ќе се бараат патриоти и предавници во земјата, овојпат околу етничкото потекло на Гоце Делчев


 

Од свирежи за официјалната делегација пред „Свети Спас“, до најава за поднесување декларација во македонскиот парламент со која ќе се брани ликот, делото, а пред сѐ етничкото потекло на Гоце Делчев.

Вака ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски мислат дека треба да се решава спорот со Бугарија, омаловажувајќи ги македонските делегации, правејќи срамен настан и од ова одбележување како со Илинден и бранејќи го со иста контрапродуктивност Гоце Делчев како што „сечеа вени“ едно време за Александар Македонски, па сега не го споменуваат веќе.  

„Гоце Делчев за мене е Македонија. Тој со неговото дело и неговата борба за независна суверена македонска држава во срцето на Балканот нѐ задолжи да ја чуваме, негуваме и  развивме за генерациите по нас да се сеќаваат на неговото големо дело, и за Македонија и за македонскиот народ, чија нераскинлива алка е овој човек“, порача Мицкоски по положувањето цвеќе на гробот на Делчев, што неговите медиуми го нарекоа многу „моќен говор“.  

Запрашан дали на средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков биле побарани некакви отстапки од него и од неговата партија, Мицкоски истакна дека не станало збор за некакви отстапки, туку само барање за вметнување на дел од бугарскиот народ во Уставот, што веќе било кажано во јавноста. Не кажа дека тој, според неофицијални информации, се согласил на такво нешто ако Бугарија не го спори македонскиот јазик и идентитетот. 

„Никакви отстапки не бараа од мене Бугарите. Го споменаа тоа што го кажаа и во јавноста за промена на Уставот и да биде вклучен дел од бугарскиот народ, незначително малцинство во Македонија во Уставот. Тоа побараа. Но не се подготвени на реципроцитет за значителен дел на македонскиот народ што живее во тој дел кај нашиот источен сосед. И не се подготвени да ја тргнат понижувачката фуснота од македонскиот јазик што е кодифициран и засебен и различен од бугарскиот“, рече Мицкоски.

Според него,  суштината на сите барања на Бугарија, па и на заедничката историја е обид да да ја злоупотребат положбата на членка на ЕУ и да нѐ натераат да прифатиме дека од среден век – од првото бугарско царство до 1945 година имаме заедничка историја и сме биле еден народ – Бугари. Тоа, нагласи тој, нема никогаш да го прифатиме. 

Вчера, во пресрет на заедничкото одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Делчев со делегација од Бугарија, Мицкоски порача дека тој би учествувал во таков настан само ако бугарскиот премиер Кирил Петков се согласи „дека Гоце Делчев е Македонец и дека се борел за своја македонска независна држава“. 

Во обид да создаде дополнителна емоција околу ова прашање место да го рационализира, тој најави исто така дека денес, во македонското Собрание, неговата партија ќе поднесе предлог декларација за која ќе бара поддршка од сите политички партии,  парламентарни и вонпарламентарни, за „зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев“. Му фалеше само најава дека за истата декларација ќе побара поддршка и од бугарските политички партии, бидејќи тоа е најсигурен начин во Софија декларацијата да се сфати како провокација.

Декларацијата на Мицкоски сепак е насочена кон внатрешната ситуација и е јасен обид за опструкција на преговорите со Софија, на начин што ова прашање ќе се исполитизира уште повеќе и повторно ќе се бараат патриоти и предавници во земјата, овојпат околу етничкото потекло на Гоце Делчев. Обид исто така да се качи прагот на очекувањата во Македонија околу идното решение со Бугарија, во смисла без оглед што и да успее да реши македонската Влада преку преговорите, тоа и натаму да биде видено кај нас како пораз.  

Откако Красимиар Каракачанов падна од власта во Бугарија, Мицкоски како да нема на што да ја заснова својата патриотска реторика врзана со спорот, бидејќи премиерот Кирил Петков не дава таква инспирација. Да не е штетен, овој политички потег би бил смешен, бидејќи нѐ доведува во ситуација да ги спориме сами аргументите со кои настапуваме во спорот со Софија- дека треба да се занимаваме со иднината место да губиме време толкувајќи го минатото и дека со историјата треба да се занимаваат историчарите, а не политичарите. Вака, место да се повикуваме на европските практики и политики, сѐ повеќе наликуваме на бугарските политичари, на кои им се чудевме што при толку проблеми, корупција, пандемија и економска криза, расправаат со саати за декларации за Кирил и Методиј и за бугарското потекло на словенската азбука, за кои им се смееја сите словенски народи.   (Н.В.)