Осум лица загинаа при искачување на руски вулкан
Осум лица загинаа при искачувањето на вулканот Клучевскаја Сопка на далечниот исток на Русија, а студените ветрови ги запреа спасувачките напори, јавува руската новинска агенција Интерфакс, пренесе Ројтерс.
Локалните власти првично известија дека шест лица загинале и дека уште шест се верува дека се блокирани меѓу група од 12, вклучително и двајца водичи, кои се искачувале на вулканот Клучевскаја Сопка на далечниот исток на Русија.
Меѓутоа, подоцна властите на регионот Камчатка известија дека загинале уште две лица, а оваа информација ја испратил еден од водичите кој со сателитски телефон комуницира со властите од вулканот.
Група од 12 луѓе во вторникот тргна да се искачи на вулканот висок 4.754 метри, но во саботата наиде на проблеми кога дел од групата загинаа при пад на височина од речиси 4.200 метри.
Спасувачите се обиделе да стигнат до нив во неделата, но морале да се вратат назад бидејќи силниот ветер го спречил нивниот хеликоптер да слета.
„Требаше да слетаат на надморска височина од 3.300 метри, но поради силниот ветер од 30 метри во секунда, не можеа да го сторат тоа и покрај двата обиди во рок од неколку часа“, велат спасувачите.
Тие рекоа дека утре ќе се обидат повторно да стигнат до групата, доколку времето дозволи.
Клучевскаја Сопка е највисокиот од над 160 вулкани, чии снежни врвови се надвиснуваат над рускиот полуостров Камчатка. Тој е дел од светското наследство на УНЕСКО поради неговата исклучителна природна убавина, пренесува Хина.
6 people have died climbing the Klyuchevskaya Sopka volcano in Russia’s 🇷🇺 far east and 6 more were believed to be stranded on Sunday (September 4) after severe winds forced authorities to abandon a rescue attempthttps://t.co/Fz10Y4dKD0 pic.twitter.com/dpl6DQQSuN
— Saad Abedine (@SaadAbedine) September 4, 2022
Температурите на планината во текот на ноќта можат да достигнат до -14 Целзиусови степени.
Спасувачите предупредуваат дека планината, која се состои од насипи од вулкански карпи измешани со снег и мраз, се смета за особено опасна за планинарите поради нејзината надморска височина и ризикот од вулканска ерупција.
Ерупциите се случуваат на секои четири или пет години, а научниците предупредуваат дека активноста на овој вулкан е значително зголемена во последните години.