Оставка и одговорност од „капо ди тути капи“


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Погледнете, почитувани читатели, што сè се случи во овие две недели од мојата последна колумна. Ако понекогаш изостануваат теми, овој пат изобилуваат и човек не знае за што побрзо да пишува, па решив да пишувам за сите заедно – затоа што има еден именител што ги спојува, една личност, еден „капо ди тути капи“ што е на врвот на пирамидата. Во овие две недели видовме како генералниот секретар на Владата договара и мести тендери, притоа навредувајќи цели народи и држави, видовме и како двајца обични комичари цела година си играле мајтап со премиерот на државата, и ај што си играле мајтап, туку и го навлекле да им кажува државни тајни, да изнесува безбедносно сензитивни информации, да даде согласност за подмитување, ни помалку ни повеќе, на водачот на православните христијани во светот, да дава телефонски броеви од луѓе на врвни позиции и да се среќава со контроверзни ликови гонети во своите земји. И конечно, видовме како во понеделникот јавно се обзнани тоа што сите го знаевме – дека оваа власт функционира само на принцип на корупција и изнуда.

Видовме како една медиумско-обвинителска спрега рекетирала многубројни бизнисмени во државава, прибавувајќи за себе огромна финансиска корист. Заеднички именител на сите три случаи е „капо ди тути капи“ – Зоран Заев, за кого не останува ништо друго освен веднаш да поднесе оставка и пред органите на државата да се испита неговата лична инволвираност во овие случаи. Ако за разговорите со двата комичари доволно слушнавме и нема што да се образлага, туку треба само да се дејствува од страна на обвинителството по најмалку две основи – одавање државна тајна и прифаќање да се понуди мито. Двете сериозни кривични дела.

Во однос на случајот со генералниот секретар на Владата, факт е дека изостана брза реакција на обвинителството. Во разговорите има сериозни индиции за криминал. Се фаворизира eдна фирма за сметка на други две, победничката фирма однапред се знае, се одржуваат средби со истата и на крај добива тендер, иако има дури за еден милион евра повисока понуда. Дури и сè да било во ред, а не е, спорна е улогата на генералниот секретар на Владата, кој нема никаква правна форма да биде дел од oваа постапка. Ниту е на каква било позиција во М-НАВ ниту набавката е извршена од Владата, туку е од М-НАВ. Доволно индиции за сериозни кривични дела. „Капо ди тути капи“ сериозно се вплетка во овој скандал обидувајќи се да го одбрани генералниот секретар на Владата, па прво кажа дека има заклучок од Владата да се задолжи генералниот секретар да ја тера таа работа, па кога виде дека таков нема, зашто правно е невозможно да има, кажа дека усно го задолжил, што, исто така, е правно проблематично. На такво бранење во јавноста легитимно е прашањето дали и Заев има личен финансиски интерес од спорниот тендер? Дали Драги Рашковски само одработувал за Заев, па затоа овој сега така го брани? Многу прашања, а ни еден одговор од надлежните институции.

И финално, скандалот над скандалите, корупцијата над корупциите, рекетот од сопственик на медиум и еден или повеќе обвинители од специјалната институција. Овој скандал како кула од карти ги руши сите лаги кои од првиот ден од првото т. н. објавување „бомби“ беа пласирани во јавноста. Тогаш многу граѓани беа гневни на претходната влада, најверојатно со право, си имаше свои грешки таа влада, како што имаше и многу добри работи. Тој нивен гнев беше злоупотребен од Заев, од „капо ди тути капи“ и тимот околу него под притисок да создадат пара институција, најавена како институција која ќе донесе правда, а во суштина институција кој требаше да рекетира во име на Заев.

Прво политички да му го исчисти теренот и да го донесе на власт, а потоа гледаме и финансиски. Секако беше додаден и медиум за да може пропагандата да работи и да се оцрнуваат или политичките противници или жртвите на рекетот. Сакам ексклузивно тука да споделам дека речиси и да нема лице кое е под истрага или обвинение на таа параинституција, а е член или близок на ВМРО-ДПМНЕ, на кој не му се случила директна уцена од тие што требаше да ја донесат правдата! Таа уцена, или според зборовите на тие што требаше да ја донесат правдата – „пријателски совет“ секогаш се однесуваше на одработување против ВМРО-ДПМНЕ. На пример, дај интервју во кое ќе го нападнеш ВМРО-ДПМНЕ за да не одговараш, сретни се со тој висок функционер на СДСМ, договорете како ќе го рушите ВМРО-ДПМНЕ од внатре за да не одговараш и многу слични понуди. Најголем дел од овие понуди се одбиени и затоа најголем дел од луѓето се влечат по судови под сомнителни и правно тешко докажливи обвиненија.

Ова сум го слушал директно од најголем број од нив. Доаѓале и ми кажувале. Ако не верувате на еден, на двајца, но кога ќе го слушнете тоа од десетици луѓе веќе сликата е друга и поинаква. Секако, веројатно има и луѓе кои се огрешиле пред законот, но најголем дел од нив се дел од политичкиот прогон кој имаше за цел затворање на ВМРО-ДПМНЕ. Откако на „капо ди тути капи“ не му успеа преку оваа параинституција да убеди луѓе да го уништуваат ВМРО-ДПМНЕ од внатре, тргна кон фаза два – мастер план за затворање на ВМРО-ДПМНЕ, информација која првпат ја споделив со јавноста на дуел со Радмила Шекеринска. Таа информација до ден-денес не е демантирана, затоа што и не може да биде, таа параинституција отвори надвор од рокот случај против ВМРО-ДПМНЕ, чија цел е судска одлука за затворање на партијата. Значи, планот кој не му успеа на „капо ди тути капи“ беше и формално да ја затвори ВМРО-ДПМНЕ за да може на мир да си владее и да краде. Тој беше убеден дека со тоа што ќе го смени името на така предавнички начин на кој го направи ќе му биде дозволено да прави тоа што сака или како што рековме – менуваат име за да крадат!

Но, еве, не е така, а најдобар доказ за тоа е што оваа акција на обвинителството немаше никогаш да се случи и никој немаше да биде под истрага ако не беше притисокот на меѓународната заедница да се расчисти со овој криминал. Како што сум информиран, меѓународната заедница во понеделникот попладне извршила уште еден притисок кога видела дека намерата е да се затскријат главните и да одговараат само извршителите. Пораката е дека овој случај внимателно ќе се следи и нема да се дозволи криминалот да остане недопрен и неказнет. Тоа е така затоа што основа на меѓународните добри пракси на западниот свет е владеење на правото и тие никогаш нема да дозволат тоа да не се почитува. Може „капо ди тути капи“да лаже дома колку што сака дека има поддршка и да ја злоупотребува меѓународната заедница, но фактите и реалноста го демантираат.

Деновиве јавноста дознава како изгледала таа операција, како се крадело. Слично како и со ВМРО-ДПМНЕ. Измислуваш случај, потоа уценуваш. Кај ВМРО-ДПМНЕ политички, кај бизнисмените финансиски. Според она што се слуша низ чаршијата ова е само врвот на ледената санта која е многу подлабока и во која се вклучени врвни поединци од СДСМ на чело со „капо ди тути капи“ кој бил постојано информиран и во тек со сè. Знаел сè! Затоа обвинителството треба и него да го повика на распит и да отвори истрага за неговата вклученост во овој рекет. Најверојатно ќе се утврди дека е на врвот на пирамидата.

За почеток, нека погледнат во дневниците за средби на премиерот и безбедносните камери на Владата и на СДСМ, во просек еднаш до двапати неделно „капо ди тути капи“ имал долги средби со сега првоосомничениот. Што договарале на тие средби и што координирале. Дали можеби „капо ди тути капи“ му давал насоки која да биде следната жртва? Дали му давал упатства како еден негов градоначалник да се гледа со жртвите во Грција и таму да го собира рекетот. Овие и многу слични прашања ги зборува чаршијата и редно е да ги отвори обвинителството низ една правна процедура. Она што, пак, е факт е дека мајката на првоосомничениот токму на предлог на СДСМ беше избрана во февруари во Собранието за член на државната Комисија за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Ова што ѝ се случува на Македонија е врв на криминал и корупција кои мора да имаат правна и политичка завршница. „Капо ди тути капи“ треба прво да поднесе оставка, а потоа и правно да биде испитана неговата работа. Тоа е единствениот правец кој може да е само прв чекор кон враќање на нормалата во Македонија. Одговорност, политичка и правна!