Османи: Само две прашања нѐ делат од преговорите

МНР реагирало до француската амбасада за нарекувањето „Северномакедонци“ од страна на претседателот Макрон, на што тие одговориле - дека било ненамерна грешка 


Фото: Б. Грданоски

 

Ако билатералниот Протокол остане во заклучоците на Европскиот совет и ако Бугарија не отстапи од тоа и од ставот за непризнавањето на јазикот, Македонија ќе ја отфрли одлуката на Брисел – најавија денес министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ, на првата прес-конференција по враќањето од Брисел.

Без тие два елементи, вакви какви што се, преговарачката рамка и заклучоците, рекоа тие, се прифатливи за нас, и процесот може да добие шанса. Во спротивно – со Протоколот внатре, прашање е дали некој политичар од Македонија воопшто ќе седне на преговарачка маса со Софија и било што да договара, од страв дека сето тоа може да биде злоупотребено подоцна во преговарачкиот процес со ЕУ. Двајцата опширно ги презентираа сите детали од преговорите и без задршка.

Според Османи, дилемата дали спорот со Бугарија влегува во преговарачката рамка како билатерално прашање или не – не држи, бидејќи во параграфот 5 од рамката стои дека ќе се оценува остварувањето на Преспанскиот договор и Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, а Протоколот е дел од него.

„Значи, дилемата дали билатералните прашања се дел дел од преговарачката рамка или не, не држат,  бидејќи секогаш биле таму“, рече тој, споменувајќи дека во текот на преговорите Бугарија всушност барала повеќе – да има посебно поглавје за нив, а сега тоа сака да го компензира притискајќи за споменување на Протоколот, иако е неусогласен и непотпишан од наша страна. 

Најмногу енергија, според Османи, ни одзело прашањето за јазикот, за кое сме одбиле пет бугарски предлози досега. Бугарската страна најпрво барала воопшто да не се споменува македонскиот јазик во преговарачката рамка, што не им успеало, бидејќи тој е таму, без било каква задршка. Притоа го користеле преседанот со Црна Гора каде што нивниот јазик не се споменува и со тој аргумент тропале на вратите на европските функционери изминатиот период. Откако не успеале, барале  да стои „официјалниот јазик на РСМ“, па стигнале до  барањето да се употреби „македонски јазик согласно Уставот на РСМ“ повикувајќи се на јазичната формула во Договорот за пријателство од 2017 година, која пак е реципрочна и важи и за бугарскиот, а правно важи само за билатерална комуникација. На крајот паднале, според Османи, на ѕвездичка, односно на формата за Бугарија да стои „јазикот според  Уставот на РСМ“,  но и тоа го одбила нашата страна.

Ставот на Македонија бил дека никогаш нема да прифатиме каква било квалификација  на јазикот,  но немало начин како да се спречи Бугарија да даде своја унилатерална изјава, бидејќи има право на тоа. Според Османи, францускиот предлог околу ова прашање е подобар и од португалскиот, бидејќи предвидува такви изјави и од бугарска и од наша страна, но не и од европска, како што нудел Лисабон да се „нотира“ во заклучоците за преговорите.

Тие изјави, според него, нема да имаат ниту влијание на преговарачката рамка, ниту правно значење, а „македонскиот јазик“ ќе остане чист во документот. Така што, според Османи, ова што го изгласале денес во бугарското Народно собрание за јазикот е надвор од тоа што стои во преговарачката рамка и во заклучоците на француското претседателство и, ако инсистираат на него – ќе ја прејдат нашата црнена линија. Имено, во тоа што се изгласа се бара ништо во документите на ЕУ да не сугерира признавање на македонскиот јазик во Унијата. 

На прашањето зошто тогаш премиерот Димитар Ковачевски го спомна јазикот како еден од условите, Османи рече дека ние го третираме предлогот во оптек во ЕУ како неформален, бидејќи не сме го добиле официјално, и практично ги повторуваме нашите позиции за него. 

За вклучувањето на Бугарите во Уставот, Османи рече дека сме виделе наш интерес да се направи тоа, бидејќи досега Софија инсистираше дека кај нас нема бугарско малцинство, туку Македонците се Бугари и всушност сме ист народ. Вака, се прави дистинкција. Тој спомена исто така дека малцинските права се дел од Копенхашките криетриуми, дека секоја земја ги има во преговорите и дека се дел од Поглавјето 23, така што и да сакаме – не можат да се избегнат.

„Покрај толку делови од народи споменати во Уставот реално немаме ни аргумент да го одбиеме ова барање“, рече Османи, потенцирајќи дека за нас тоа е прифатливо само во Преамбулата, но не и во другите делови од Уставот. Но, до крајот на преговорите деновиве останало како спорна точка дали тој услов да биде исполнет пред или по почнувањето на преговорите, од што произлезе најавата само за политичка меѓувладина конференција со ЕУ, а вистинска – откако Бугарите ќе влезат во Уставот. 

Според министерот, во францускиот предлог имало само две суштински интервенции во однос на преговарачката рамка што иницијално доаѓа од Европската комисија, а која ние претходно сме ја прифатиле. Тоа е фактот дека текстот од Поглавјето 23  за малцинските права го спуштиле подолу од местото каде што стоел вообичаено во другите такви рамки , но дека во него воопшто не се споменуваат директно Бугарите. Тоа што ЕК ќе дава извештај дали го исполнуваме Договорот за соработка и пријателство за него не е спорно, бидејќи како што оцени –  од нив нема пофер известувач, и тоа сме го виделе во нивните извештаи за малцинските права изминатите години. Така што, единствено што е проблем за нас во рамката за преговори е ставањето на Протоколот  (во заграда) со инсистирањето на Бугарија тој формално да се спомене, како и ставот за непризнавање на јазикот кај нас. 

„Втор протокол не е потпишан, а тие инсистираат  да се спомене формално. Француската страна никогаш не го прифати тоа и затоа стои во заграда во документот. Без тој збор преговарачката рамка не е спорна за нас“, порача Османи. Во заклучоците пак пречи зборот „отворање “ на преговорите што Франција го ставила на инсистирање на Софија, а што според него легално не држи, бидејќи ние веќе имаме одлука за отворање на преговори. Ако се тргне и тој збор од нив,  пакетот е добро решение за нас, рече Османи.

За да биде појасно, тој нагласи дека во францускиот предлог јазикот останува македонски, и тоа е нашето највредно постигнување. Тој порача исто така дека преговорите сѐ уште траат и дека преговарале и додека биле во Брисел. 

Тој  се согласи делумно околу забелешката дека преку Договорот за соработка и пријателство  работата на Историската комисија индиректно е вклучена во Преговарачката рамка, иако не се гледа, и дека не вреди тогаш да пропадне одлуката за почеток на преговори – ако Протоколот остане  како услов што треба да се исполни и да се следи од ЕК, каде што е вклучена таа.

„Протоколот е инструмент на Договорот за соработка и пријателство со Бугарија. Суштинска разлика нема, но ѝ дава политички легитимитет на Бугарија утре да се повиикува на него. Ние сметаме дека на таквите прашања сепак не им е местото во преговарачката рамка. Нема легална суштинска разлика, но има симболика“, рече Османи. Тој додаде дека Протоколот е само календар за имплементација  на одлуките, кои се реципрочни, откако Комисијата  за историски прашања ќе донесе решение. Или поточно, кога некогаш ќе реши нешто,  посочувајќи дека практично рокови има само за имплементирањето на решенијата, а не до кога да се решат спорните прашања.

Притоа, Османи оцени дека е важно овој моментум што го наметна Франција да се искористи и кај нас, и дека сѐ она што се презентира во јавноста како решение специјално за Македонија  е повеќе политичка реторика околу што има значење. Тој тврдеше дека нема политички разлики во власта околу позицијата што ја застапуваше во Брисел  и дека сите во коалицијата биле едногласни, вклучувајќи ги и ДУИ, иако се појави информација дека тие ја поддржуваат преговарачката рамка. 

Што потоа, беше дилемата на која Османи рече дека финален предлог од ЕУ нема, а ако има корекции во овој што циркулира сега, ќе продолжиме со преговорите. Но, ако бугарската страна се „закотви“ во позициите за Протоколот и за јазикот, тоа ќе биде нова рамковна позиција на Бугарија и ЕУ ќе мора сама да го решава проблемот.

„Ако инсистираат на тие две прашања заради политичката динамика кај нив и каприциозност, ние ќе одбиеме“, рече Османи.

Маричиќ додаде дека и досега сме имале многу тешки ситуации околу евроинтеграцијата, но никогаш не сме отстапиле од процесот генерално. Ако има можност, порача тој, да ја искористиме, ако нема, да не паѓаме во очај.  Двајцата појаснија дека, ако сепак се стигне до договорена преговарачка рамка наредните денови, нема законска обврска таа да помине низ македонскиот парламент, бидејќи ова прашање е надлежност на Владата, но и двајцата сметаа дека би било пожелно, оставајќи за тоа прашање натаму да се расправа.

На крајот, Османи потврди дека имало формална реакција до француската амбасада за нарекувањето „Северномакедонци“ од страна на претседателот Емануел Макрон за што тие одговориле дека било ненамерна грешка.