Ох, моја татковино, толку убава и изгубена


АНЕТА ДИМОВСКА

Додека на телевизија оди пренос од прославата на Илинден 2019, добивам честитка за празникот и во прилог линк. Го отвoрам линкот на телефон и слушам: „Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат. Само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш. Векови, пеколни, заедно ќе минеме древна земјо македонска, така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене, јас без тебе…“

Паралелно на друг медиум веќе имав пуштено „Набуко“ на Џузепе Верди и се слуша почетокот на „Хорот на Евреите“: „Va, pensiero, sull’ali dorate, va, ti posa sui clivi, sui colli, ove olezzano tepide e molli l’aure dolci del suolo natal…“ (или „Летни мисло на златни крилја, оди низ падините, низ ридовите, каде топло и слатко ветре над родната земја се шири…“).

Во мигот кога пред мене на ТВ-екранот таму некаде на Мечкин Камен во бавни, мачни движења се извиваат играорците на „Танец“, ме уловија овие звуци… Какофонија од музиката која се мешаше, но и од мисли и чувства на страв, беспомошност и неизвесност.

Помислувам на еврејските робови во вавилонскиот егзил кои се претставени во „Набуко“, копнеат по татковината Ерусaлим… Во 19 век кога е создадена оваа опера во период кога италијанските патриоти се обидуваат да ја обединат својата земја и да ја ослободат од странска контрола, публиката ја доживува со националистички занес. Помислувам, ова парче од „Набуко“ е симбол на вљубеноста и копнежот за татковина.

Зошто на денот, кој е национална гордост, го имам истото чувство на копнеж и загуба?! Дали ја губам татковината?! Не, татковина имам, не можам да ја изгубам. Бидејќи татковината е родниот крај, чувството на припадност и да се биде на свое. Се сетив дека татковина имаат и Курдите, кои се народ од 30 милиони, Јоруба луѓето во Западна Африка (над 40 милиони), Ујгурите кои се разместени низ повеќе држави во Централна и Источна Азија, но и Палестинците, Шкотите, Каталонците, Андалузијците, Баскијците и уште 90-ина други етнички групи без сопствена држава.

Се сетив дека, всушност, стравот не е за татковината, туку за македонската држава. Ќе опстои ли мојата држава и уште колку „силување“ може да издржи?!

Создадена на 2 август 1944 година на АСНОМ, како резултат не само на 25.000 жртви во Втората светска војна од Вардарскиот дел на Македонија, туку и на идејата за сопствена држава и на организираниот и помалку организиран вековен отпор на македонскиот народ и на жртвите на целата географска македонска територија. На оние жртви што ги знаеме и славиме, но и на незнајните и неславените, на скриените под темниот плашт на историјата.

„Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби“ – кажа Панко Брашнаров на отворањето на собранието пред присутните делегати од сите краишта на Македонија, но и пред американски и британски воени претставници. Така се формираше македонската држава, а на 8 септември 1991 година само се потврди волјата на мнозинството македонски граѓани да живеат во сопствена држава.

Заклучувам дека државата е резултат на борба и дипломатија. Борбата и жртвите, всушност, се за создавање на сопствени институции кои имаат моќ да креираат правила кои владеат со луѓето во едно општество и за обезбедување внатрешен и надворешен суверенитет врз дефинирана територија, која ќе е прифатена од другите држави како еднаква во меѓународните односи. Што правиме ние во овие 75 години со сопствената држава?!

Градиме систем, па го уриваме, градиме институции, па ги уриваме… Правила има, но селективно се спроведуваат или воопшто не важат. Не постои институција или систем што не е полн со аномалии. Помислувам, па сите оние што се обратија на чествувањата на големиот празник, оние што беа во публиката и оние што останаа дома, зарем не го знаат тоа и зарем помислуваат дека накитените реченици по повод „денот“ се доволни за да се прослави државноста, а пред и по него може бесрамно да се продолжи со играње држава и со фатаморганични популистички драмолетки.

Затоа ли беше борбата за сопствени институции, за денес да ги силуваме станувајќи така најголемите сатрапи и непријатели самите на себе?! Голем дел од нашинците си заминуваат, бидејќи не се чувствуваат вредни овде, а од оние што остануваат делови се удавени во омраза и закопани секој во својот ров на илузии, плукајќи отров во „противничкиот ров“ и верувајќи дека ако го избербатат другиот, самите стануваат полични и попаметни. Докази за духовна, морална и интелектуална осакатеност на поединци има многу, па последното станува генерално карактеристика на народот. Делови остануваат настрана од процесите поради тоа што не ги делат вредностите на претходните, ниту веруваат во политичките елити, ниту во политиката. Молчат, а некои од нив имаат и знаење и интегритет.

Стутканите лица и исплакнатите погледи на луѓето овде кажуваат дека со мака го носиме товарот од сопствената држава. Се прашувам, ја сакаме ли ние денес воопшто?!

Ако ја сакаме, мора да се спроведуваат законите, да владее правото и да функционираат институциите. Секој што ја сака својата држава мора да разбере дека ова е нејзината основа и искрено и одговорно да се заложи за овие вредности, без „итарпејовски“ итроштини и маалски финти. Независно од тоа кој може да биде „жртва“ на правото, правосудниот систем мора да функционира, а за да се врати довербата во него, најнапред треба да се реформира. Секој поединец мора да одбива да биде соучесник во дејства кои се спротивни на законот и да се доведе од фазата на восхит и премолчено одобрување на криминални постапки кои од просечните создаваат „богови“, кон фаза на осуда и презир кон таквите.

Секаков граѓански активизам во овие услови ќе остане само декор, а секогаш клучот е во политичките партии, бидејќи тие се претенденти за власта. Затоа е неопходно да се реформираат политичките партии, со цел овозможување во рамки на системот во нив до израз да доаѓаат најспособните. Неопходни се и реформи во изборниот процес и овозможување на постоење отворени листи, за во Собранието да седат луѓе кои легитимитетот покрај од политичките партии ќе го „црпат“ и непосредно од граѓаните. Довербата мора да им се даде на тие што знаат и што можат да управуваат, тие мора да бидат водечка сила во општеството.

Да не претерав?! Помислувам дека сум патетична… Но, силно е чувството дека Македонија единствено самите може да ја погребеме и само од нас зависи дали ќе биде држава со сите атрибути или ќе остане најтемниот балкански вилает.

Сè уште е жива државата на македонскиот народ, секако, заедничка е со припадници на други народи, но за Македонците ова е единствената држава.

„Oh, mia patria sì bella e perduta! Oh, membranza sì cara e fatal!“ или  „Ох, мојата татковина, толку убава и изгубена! Ох, сеќавања, толку драги и толку фатални!“…

Потоа уште еднаш ја преслушувам „Заветна“.