Од Марк Твен до Џулијан Асанж


ЃОРЃИ СПАСОВ 

Кога еден американски весник објавил дека починал писателот Марк Твен, а тој жив и здрав ја читал таа вест за време на своето патување во Европа, писателот веднаш напишал писмо во свој стил до уредникот на тој весник во кое пишувало: „Ве молам, објавете дека веста за мојата смрт е малку преуранета“.

И додека  Марк Твен  сметал дека може да прави шеги на сметка и на дезинформациите објавувани во врска со неговата смрт, на  британскиот пратеник на Лабуристичката партија, Џорџ Галоу, кој се бореше против воената интервенција на Велика Британија и на САД во Ирак во 2003 година, не му беше воопшто смешна кампањата што против него ја водеа угледни весници.  Во таа кампања, едниот од тие весници, многу тиражниот лондонски „Дејли телеграф“, го обвинуваше пратеникот за нечесност и национално предавство со лажни тврдења дека „за поддршка на режимот на Садам Хусеин, пратеникот Галоу од програмата ‘Нафта за храна’ добивал за себе по 375 илјади фунти годишно од разузнавачките агенции на Садам Хусеин“. Пратеникот Галоу во судска постапка докажа дека таквите тврдења се неосновани и весникот беше осуден да му плати на пратеникот 150 илјади фунти како отштета и плус уште два милиони фунти за судски трошоци.

И американскиот весник „Кришчан сајанс монитор“, кој за Галоу во исто време ширеше вести дека примал десетици милиони долари од Садам Хусени и кој призна дека бил измамен со софистицирани фалсификати и јавно му се извини на Галоу, беше судски осуден да му плати голема сума пари на пратеникот за нанесената штета на неговиот углед. Пратеникот и судството на Велика Британија и на САД сметаа дека со високите парични казни треба да се обесхрабри намерното или ненамерното дезинформирање на јавноста, кое може да биде поттикнато од различни побуди и интереси, но кое може да доведе до уништување не само на нечии политички кариери туку и до загрозување на нивниот живот.

Слободата на говорот, на печатот и слободата на ширењето информации не е ослободена од одговорноста за вистинитоста на тие информации. Демократијата подразбира слободен пристап на граѓаните и на нивните посредници со власта (медиумите) до сите информации од јавен интерес за да се спречат злоупотребите на власта, овластувањата и државните пари. Таа подразбира создавање услови и давање гаранции за слободно информирање на јавноста и слободна јавна расправа и оценување на нештата, но подразбира и развиени и ефикасни механизми за заштита на секој поединец од лажни обвинувања и клевети, механизми за заштита на општеството од ширење дезинформации со кои се предизвикуваат  паника, омраза, конфликти или беспомошност која води кон политичка  апатија. Тој баланс меѓу слободата и одговорноста низ историјата и во разни земји денес се постигнува на различни начини и е од суштествено значење за опстојувањето на демократијата.

Битката за слобода на говорот во светот од самиот почеток до денес се одвива истовремено со битката за спречување на злоупотребите од таквата слобода, бидејќи како што е познато „зборот знае да ранува поостро од мечот“.

Клучниот проблем во сите тие дебати за слободата на говорот и за одговорноста бил одговорот на прашањето: Што е вистина? И како со инструментите на државата за заштита на јавноста од дезинформациите да не се доведе во прашање слободната јавна расправа околу тоа што е вистина, а што не е?

Уште во 1860 година британскиот филозоф Џон Стјуарт Мил во своето дело „За слободата“ говори за тоа дека „без слободна јавна расправа, нема можност да се дознае вистината. А таму кај што не постојат услови за слобода на говор и слобода на печат (објавување и ширење информации), општеството може долго да остане во канџите на религиозните и идеолошките догми, кои можат да го забават неговиот развој“.

Мил тврдел дека доаѓањето до вистината е можно само преку слободна јавна расправа од три причини:

Прво, секое мислење кое власта или граѓанското општество се обидуваат да го замолчат како наводно погрешно може да испадне дека е точно. Претпоставката за непогрешливост значи задушување на вистината. (Џордано Бруно бил запален на клада затоа што тврдел дека Земјата се врти, а Сократ бил присилен да испие отров затоа што се сметало дека ја расипува младината.)

Второ, ако некое мислење се покаже дека е погрешно, тоа често во себе, тврди Мил, содржи зрно вистина. Доминантното мислење често не ја содржи целата вистина.

И трето, ако некое мислење е целосна вистина и само вистина, ама ако не биде соочено со оспорување, тоа набргу ќе се претвори во предрасуда, во мртва догма, а не во жива вистина. Историските епохи не се помалку склони кон грешки отколку поединците и групите.

Токму поради ова, демократските држави во светот имаат изградено силни институции за одбрана на слободата на говорот и за пристап на новинарите до информациите од јавен интерес. Но, откритијата на Џулијан Асанж, на Сноуден, па и откритијата од нелегално снимените разговори во нашата земја, покажаа дека пристапот до информациите од јавен интерес е прилично ограничен и дека само со голема храброст и ризик на поединци може да се дојде до релевантни сознанија за можни злоупотреби на власта. Оттука, во сите земји се поведе и кампања, па се воведе и законодавство за заштита на „свиркачите“, односно на оние што со личен увид дознаваат и откриваат информации од јавен интерес, кои намерно се скриени од владини институции или корпорации, од причина што со нивното разоткривање би се дознало за некоја нелегална дејност и злоупотреби со кои се кршат човековите права или се загрозува здравјето на луѓето.

Но, со појавата на интернетот, на мобилните телефони и на социјалните мрежи, светот на информациите станува многу посложен и позбунувачки. Навестувањето на Маршал Маклуан дека светот станува село во кое информацијата за сè што се случува во него се пренесува во ист момент и стигнува до секого кој сака да ја слушне, е веќе реалност. Можностите за влијание врз јавното мислење, па и за негова измама и манипулација, се исто така многукратно зголемени. Светот во такви услови станува свесен за својата меѓусебна упатеност на заштита од дезинформации кои можат да предизвикаат многу штетни последици.

Дезинформациите или кампањите со лажни вести биле отсекогаш дел од специјалната војна што ја воделе страните во војната една против друга. Но во денешниве услови, таквите дезинформации и смислени кампањи можат да предизвикаат не само промена на власта во некоја земја однадвор, или промена на политичкото расположение, туку и опасност од започнување на вистинска војна. Глобалната закана од ширењето дезинформации, или лажни вести, како што ги нарекуваат, станува како глобалната закана од глобалниот тероризам или глобалното затоплување и бара глобален одговор.

Тоа е веројатно причината што и Македонија се вклучува со преземање мерки од своја страна во спречувањето на таа глобална закана, бидејќи и самата беше посочена како земја од која се шират лажни вести (поради бизнис и профит) во време на изборната кампања на Доналд Трамп во 2016 година и земја што е изложена на кампања со лажни вести за спречување на нејзиниот обид да стане членка на НАТО и на ЕУ.

Од она што засега се навестува, на глобален план но и кај нас, се чини дека акцијата е насочена кон четири мерки:

Првата е да се регулира информативниот простор во земјава, во  соработка со учесниците во него за да се оневозможи т.н. „сива економија“ во областа на информирањето, преку оневозможувањето да дејствуваат медиуми со скриен идентитет, со скриени извори за нивно финансирање и со статус кој не подлежи на каква било одговорност, а кои со своите кампањи за дезинформирање на јавноста можат да нанесуваат неказнето штета на домашната, но и на јавноста во други земји.

Втората  мерка е создавање нови алатки кои ќе им овозможат на корисниците на социјалните мрежи да ги препознаваат навреме лажните вести кои им се пласираат од разни домашни и надворешни извори, да ги алармираат надлежните тела за медиумите во земјата, и администраторите на „Фејсбук“, „Твитер“ или „Инстаграм“ и тие портали и извори навреме да бидат означувани како лажни, па и отстранувани.

Трета мерка е да се инвестира во развој на институции и граѓански организации кои, како организацијата „Метаморфозис“ кај нас, ќе ги анализираат објавените текстови и анализи со методот „проверка на изнесените факти“ и ќе ги соочуваат новинарските организации и новинарите со потребата од почитување на новинарските кодекси и новинарската етика, а истовремено ќе ја подигаат медиумската култура на граѓаните за препознавање и ненаседнување на лажните вести и кампањите за дезинформација.

И четврто, да се подигне одговорноста за вршењето на една таква важна професија каква што е информирањето на јавноста и да не се дозволи ниту во еден случај поседувањето медиуми или имањето пристап до медиуми за водење на дезинформативни и клеветнички кампањи да стане извор на исплатлив криминал. Тоа секако подразбира преиспитување на казнената политика во таа област и усогласување на нормите за владеење на правото и во таа област со законодавството и со практиката на демократските земји во светот.

Битката против глобалното загадување на јавниот медиумски простор е само уште една битка за заштита на човековите права и за владеење на правото.

Во Германија пред последните  парламентарни избори веќе беше донесен закон со кој се предвидува казна во висина од 50 милиони евра за „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“, ако само во рок од 24 часа не отстранат содржина која е посочена од надлежна институција во Германија како лажна вест, како навредлива или со која се шири омраза.

Во многу други земји се заострува законодавството во однос на ширењето лажни вести. А во Русија, која беше оправдано или не обвинета за ширење лажни вести за време на кампањата на Доналд Трамп, но и за обид преку лажни вести да влијае врз исходот од референдумот во Велика Британија, донесен е закон кој предвидува казни до 1,5 милиони рубљи (22.750 долари) за ширење на лажни вести во Русија.

Некои новинари и новинарски асоцијации со право стравуваат дека оваа глобална битка против лажните вести, преку  воведувањето нови мерки за безбедност, во некои земји може да доведе до нови ограничувања на слободата на печатот, но смислата на оваа дебата за мерките е токму во тоа да се спречи глобалната закана од дезинформации и да се дојде до нов и поправеден баланс меѓу слободата и одговорноста во користењето на средствата и алатките за масовна комуникација, масовно убедување и масовна измама, како што ги нарекуваат во последно време, од страна не само на новинарите туку и од страна на власта, корпорациите, тајните служби и многубројните ПР-агенции.