Од Ковид почина композиторот и хармоникаш Тодор Трајчевски
Од компликации како последица на коронавирусот почина добро познатиот македонски композитор, аранжер и хармоникаш Тодор Трајчевски.
Трајчевски е роден 1954 година во Штип. Студирал на факултетот за музичка уметност во Скопје, а се вработил во 1983 во Народниот оркестар на МРТ. Потоа станал и негов раководител во 1988 година.
Тој е автор на повеќе од 200 песни од различни жанрови. Има над 400 аранжмани, како и на инструментални композиции за голем народен оркестар („Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“,„Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и др.), инспирирани од фолклорното наследство на Македонија.
Трајчевски на домашната уметничко-естрадна и концертна сцена е присутен повеќе од 30 години. Како редовен член на Народниот оркестар на МРТ има реализирано преку 3.000 аудио и видеоснимки за потребите на програмите на МРТ и околу 1.500 аранжмани за други автори.