Од денес, „Априлско разлистување“ во „Матица“ – попусти до 80 проценти
Денес, првата издавачка куќа во самостојна Македонија, „Матица македонска“ почнува нова акција за поголема достапност на книгите до читателите – „Априлско размистување“. Со попусти до 80 проценти, во книжарницата на „Матица“ и онлајн, од денес, достапни се над 300 наслови, меѓу кои и најбараните книги последниве години, нови наслови во превод на македонски јазик што важат за дел од највредното во книжевната продукција во светот, книги од македонски автори и уште многу други категории изданија што треба да ги има во секој дом.
Акцијата се остварува по барање на читателите, по големиот интерес за зимската, традиционална акција „Книга во секој дом“. По повод 35-годишнината од своето формирање, „Матица“ е со јасна определба – постојано да јазасилува својата мисија книгите да се достапни до секој македонски читател, и тоа подеднакво – и квалитетните преводи од највредното од светската книжевност, и македонските автори.
„Замир“, „Куќата покрај фјордот“, „Клетата“, „Покајание“, „Империја на страсти“, „Момент на неизбежното“ и „Страниците што недостигаат“ се само дел од насловите од најновата продукција што се опфатени со „Априлско разлистување“, а во текот на акцијата се очекува да бидат објавени и неколку исклучително вредни, нови дела, и од значајни македонски автори, со оглед на определбата на „Матица македонска“ да го афирмира највредното од и за македонската книжевност.