Новиот светски поредок и македонските парадокси

Војната во Украина ги растресе досегашните правила и односи во светот. Со неа изгледа дека многу работи нема да бидат исти. Разбира ли Македонија што се случува?


Додека го слушаме крикот на загрижениот претседател на МАНУ дека претстои „истребување на македонскиот народ и македонштината“, додека опозицијата егократично бара референдум за францускиот предлог, а нејзините хералдични јунаци јаваат кон Крушево, светот размислува за новиот светски поредок чии последици ќе ги почуствува и Северна Македонија. Пред една недела стигна пораката од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, дека „НАТО и ЕУ се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во инструмент на антируската игра“ и дека постојат „впечатливи разлики меѓу тоа што чуствуваат Црногорците и Македонците и она што го прават нивните политичари под принуда на Брисел, ЕУ и НАТО“.

Дека нашата мала геополитичка „римланд“ позиција е значајна потсети пред неколку години и поранешниот државеn секретар на САД Џон Кери во февруари 2015 кога рече дека Македонија, Србија, Црна Гора и Косово исто како Грузија и Молдавија се наоѓаат на „линијата на огнот“ помеѓу истокот и западот. Со слични опсервации настапи и  Даглас Франц, помошник на државниот секретар на САД, велејќи дека „Русија има амбиции да влијае врз државите на Западен Балкан, но дека САД ќе се фокусираат да им понудат помош на балканските сојузници“. 

Со инвазијата на Русија во Украина, овие тези уште повеќе ја продлабочија атавистичката зависност на Европа и Балканот од геополитиката. САД ја лансираа формулата  „containment 2.0″ против Русија преку најшироките преземени санкции во досегашната историја на цивилизациите. Реторичкото прашање за сите е  „дали биле пресметани можностите на „бумеранг ефектот“ и последиците кои ќе произлезат од „раздвојувањето“ на глобалната економија, поларизацијата на меѓународната политика и јакнењето на Кина за сметка на САД. Санкциите против Русија влијаеа врз драматичниот пораст на цените на стоките на берзите, ја зголемија инфлацијата на ниво од 70-тите и ги пореметија глобалните вредносни синџири во снабдувањето на светот. Евидентно е дека Русија ќе претрпи силни економски удари,  но извесно е дека и Западот, и особено Европа ќе доживеат непријатни штети.

Светот на крстопат

На состанокот на лобистичкото здружение Business Roundtable, американскиот претседател Џо Бајден истакна дека „ светот е персонификација на крстопат низ кој се повторува драматични промени на секои три-четири  генерации“. Последен пат човештвото помина низ таква точка на расцеп во 1946, кога САД го воспоставија светскиот либерален поредок. Бајден најави дека „ќе биде создаден нов светски поредок“ и затоа инсистира на „обединување на остатокот на слободниот свет“. Од своја страна, Москва пушти пробен балон околу идниот светски поредок, истакнувајки дека „меѓународните односи би требало да се вратат на почетните темели кои биле прокламирани уште за време на Вестфалскиот мир (1648) и чии принципи се одржаа до 1914.

Од неодамнешниот самит во Техеран на Путин-Раиси-Ердоган (20.07.2022)  беше соопштено дека се создава „нов светски поредок“. Учесниците инсистираа на фактот дека не се работи за антизападна коалиција, со оглед на учеството на Турција која е членка на НАТО, а сите заеднички ја подржале идејата за „вистинската  (вестфалска) сувереност на државите“. Дали тоа значи дека се наметнува реторичкото прашање за воспоставување на рамнотежата на силите како и по Втората светска војна? Турција и Иран се држави кои тежнеат кон регионалното лидерство, исто како и Русија. Неовестфалскиот поредок е равенка со многу непознати, но е евидентно дека сите заинтересирани актери ќе поаѓаат од сопствените интереси во тој нов светски поредок. Точно е дека вестафалските принципи ја уредија Европа, но останатиот свет остана црна дупка за таквиот поредок.  

Од 1946 основните интереси на европските сили се реализираат преку заемно прифатливите вредности на евро-атлантизмот, слободниот пазар и демократските вредности согласно моделот на либералната демократија. Варшавскиот договор се потпре на тоталираниот режим, социјалистичкиот интервенционизам (Унгарија 1956, Чекословачка 1968) државното стопанство, еднопартизмот. Геополитичките решенија беа биполарни и одредени од судирите на либералниот американски и комунистичкиот советски модел. Овој систем исчезна во 1989, а како што ќе констатира Френсис Фукујама, „системот на либералната демократија излезе како победник од Студената војна“. Обединетите нации веднаш по паѓањето на „железната завеса“ за момент го добија долго заслужениот статус на авторитетна мултилатерална институција. Светот влезе во една оптимистичка варијанта, полна со верба во вечниот мир и благосостојба.

Контурите на новиот светски поредок

Меѓутоа по руската инвазија во Украина, Јапонија повика на укинување на Советот за безбедност на ОН каде Русија и Кина располагаат со правото на вето. Според премиерот Фумио Кашида, „неутрализацијата на кинеското и руското влијание, треба да прераснат во клучен принцип на глобалната безбедност“. САД не реагираа на овој предлог. За возврат, директорот на Советот за меѓународни работи на Русија, Андреј Кортунов смета дека Џо Бајден настојува „сегашниот светски поредок со кого сѐ уште доминираат САД, да се обнови, но без учество на Русија и Кина“.  За американскиот експерт Димитри Дробњецки јасно е дека „ерата на глобализацијата и апсолутната улога на доларот како единствена светска валута е завршена, затоа глобалниот западноцентричен свет ќе биде заменет со локални центри на моќ“.

Со инвазијата во Украина, Русија настојуваше да покаже дека нема да толерира туѓи правила освен оние што ги наметнува самата Москва. Претходно се проценуваше дека геополитичкиот радиус на Москва се протега до границите на ерменско-азајберџанската војна и миротворството во Казахстан. Русија заигра на картата БРИКС, но на дел од овие држави сметаат и САД. За САД најсигурни сојузници засега се Западна Европа, Канада и Австралија, а сериозно сметаат на Јапонија и Јужна Кореја, но не и на Индија. Под знак на прашање се дел од Европа, Латинска Америка и најбогатите земји на Блискиот Исток. Русија нема да го толерира американското присуство во пост-советскиот простор, а САД и Кина настојуваат да се изборат за доминацијат во азиско-пацифичкиот регион. Евидентно е дека украинската војна ќе се претвори во катализатор за бројни глобални трендови. Рамките на идниот свет сѐ уште не се јасни, но со сигурност може да се констатира дека ќе биде загрозен униполарниот свет.

Односите кои ги негуваат останатите држави во светот со Русија не би требало да се третираат како вид сојузништво. Индија, Мексико и Бразил ќе настојуваат да изнајдат секакви можности за да го унапредат сопствениот статус. Од друга страна, Кина, Русија и Индија неможат да се пофалат со почитувањето на универзално прифатените човекови и граѓански права. Човештвото на 21. век одбива да прифати таков модел во кој државата ќе ги одредува личниот статус и слободи на единката или групата.

САД претпоставуваат дека војната во Украина ќе потрае со низок интензитет а Бајденовата администрација нема да  го укине енергетското ембарго со амбиции да обезбеди пад на цените на нафтата сѐ до следните избори во 2024. Вашингтон ќе замижи и на увозот на енергенси од страна на ЕУ за да се ублажи негативниот ефект на санкциите. Русија ќе настојува да ги убеди Алијансата и САД да престанат да ја снабдуваат Украина со оружје и да ѝ гарантираат дека нема да ги примат Украина и Грузија во НАТО. Зеленски ќе ја прифати неутралноста  на Украина доколку петте членки на Советот на безбедност ја гарантираат безбедноста на неговата земја. Францускиотпретседател и германскиот канцелар, Макрон и Шолц, предлагаат широка мировна конференција која би се фокусирала и на контролата на вооружувањето помеѓу НАТО и Русија. Нивна цел е да се избегне нова студена војна. Вашингтон е против таква конференција, бидејќи дел од американската политичка елита смета дека Путин не платил доволна цена за агресијата во Украина. Згора, САД се убедени дека на долг рок Украина со воената помош на сојузниците ќе може да ги ослободи окупираните територии.

Со процесот на деглобализација, цената на нафтата ќе опаѓа, но ќе се задржи на висината помеѓу 75 до 95 долара по барел. Европа веќе ги интензивира напорите за обновливи извори на енергија вклучувајки ја и нуклеарната. Кина ја проширува прекуграничната банкарска соработка  за да им овозможи на своите сојузници да го заобиколат СВИФТ системот, воедно ги пере руските златни резерви од околу 100 милијарди долари и ги претвара во јуани кои ѝ користат на Русија за да купува кинески стоки. Кинескиот претседател Ши Џинпинг е задоволен од ширењето на студената војна со САД и ја интензивира националистичката реторика.

Кина – најголемиот предизвик на денешницата

На 24 февруари 1972, американскиот претседател Ричард Никсон ја посети Кина со цел да создаде алијанса помеѓу САД и Кина со амбиции да го ослаби Советскиот Сојуз. Половина век подоцна, на 24 февруари 2022, руската армија ја нападна Украина со премолчена подршка на Кина. Пекинг не ја осуди инвазијата во Украина и апстинира од гласањето во Советот за безбедност и во Генералното собрание на ОН. Кина не ги подржа ниту санкциите, а аналитичарите сметаат дека голем победник на војната во Украина ќе биде Кина. Кинеското раководство смета дека „еден ден и нивната држава можела да стане геополитичка цел на НАТО“, како што тоа го протолкува Русија како изговор за инвазијата на Украина. Пекинг е на мислење дека во иднина, доколку се појави згодна прилика, алијансата ќе настојува да се прошири во Азија, со оглед дека одржува привилегирани односи со Јапонија и Јужна Кореја. Затоа и не зачудува фактот што во последниве десет години односите помеѓу Пекинг и Москва доживееа огромен пораст. Кина застана на страна на Русија во 2014 по анексијата на Крим, а односите меѓу двете суперсили прогресираа во насока на концепт на „алијанса“. Еден од индикаторите е дека претседателите Путин и Џипинг во изминатите дваесет години се стретнаа 37 пати. Тоа е рекорд на билатерални средби на лидери на големи сили во меѓународните односи откако се создадени ОН.

Со војната во Украина, пред кинеското раководствп се појави историска шанса за продлабочување на односите и економските интереси со Русија која обилува со природни богатства, рудни минерали и енергија. Експертите сметаат дека Кина е во состојба да ги увезе руската нафта и гас кои традиционално беа извозувани во ЕУ. Во 2021 трговските односи помеѓу Кина и Русија пораснаа за 35%, односно за 140 милијардги долари. Поранешниот државен секретар од времето на Џералд Форд, Хенри Кисинџер, кој пролетоска наполни 99 години, на конференцијата во Давос истакна дека е неопходно „САД и Кина да ги омекнат спортиставените обвинувања“ и да се посветат на мировната коегзистенција.

Американскиот претсеадател порача дека во случај на кинеска агресија САД ќе биле подготвени да го бранат Тајван. Кисинџер ја критикуваше оваа еднострана изјава која е во спротивност со стратегијата  на САД воено да не интервенираат во Украина. Тој порача дека „САД практикуваат политика на двојни аршини со Кина и Тајван. Од една страна, Вашингтон дипломатски ја признава позицијата на Кина дека има само една кинеска влада и држава. Од друга страна, Соединетите Држави имаат неофицијален однос со Тајван, кој вклучува снабдување со висококвалитетна воена опрема за да може да се брани и да ја одврати Кина од еднострано обединување на островот“.

Каде е Северна Македонија?

Чуден е ликот на претседателот на МАНУ кој дели политички лекции на целата македонска јавност, под изговор дека тоа бил негов личен став, иако опозицијата го толкува како став на МАНУ. Веројатно  ја запоставил лекцијата дека кога сте претседател на таква значајна институција, јасна е деонтологијата на сопственото ангажирање. Секое појавување во јавноста на првиот човек на институцијата е водено и негов личен, но и став на институцијата што ја претставува. Останатите академици не се согласуваат со „личниот“ став на претседателот и остануваат зачудени од леснотијата на неговите „научни“ политички дијагнози. Наместо МАНУ да организира дебати за актуелните  геополитички теми, тоа право го узурпираат физичари, медицински лица, книжевници, историчари, и се обидуваат преку националистички, „патриотски“ реторики, да ја спасуваат државата и македонштината и  да заговораат  прашања кои воопшто не биле во делокругот на нивниот академски бекграунд. Некако сѐ наликува на САНУ од времето на Милошевиќ и Добрица Ќосиќ, кога несреќниот психијатар Караџиќ застана на чело на силите на босанските Срби.

Секоја чест на експертизите во нивните домени заради кои ги понеле признанијата како академици или професори, но меѓународните односи, геополитиката, геостратегијата, се една поинаква материја во која е неопходно да се познаваат деталите и да се набљудува големата слика. Таа слика е едноставна. Претстојат големи промени на светскиот меѓународен систем, кои се резултат на геополитичките и геостратешките потези на големите сили. За малите држави како С. Македонија мошне значајно е да се членки на меѓународниѝ политички и воени организации како НАТО и ЕУ. Само институција како Алијансата може да го гарантира  територијалниот суверенитет и интегритет на државата. Токму благодарение на Преспанскиот договор, кој претрпе толку критики, С. Македонија стана членка на НАТО. И патот кон ЕУ се отвори со прифаќањето на францускиот предлог, инаку жигосан од истите лица како наводна  „продажба на идентитетот и јазикот“.  Слично беше и со Охридскиот договор и со Преспанскиот договор. Штета што на некои врвни интелектуалци им недостасува визија.

(Нано Ружин е универзитетски професор)