Ни треба рециклирање и искористување на отпадот


МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ 

Отпадот значително ги загадува природата и нашата непосредна животна околина и поради тоа е наш голем секојдневен проблем – државен, градски и индивидуален. Овој тип проблеми можат да нè втурнат во голема еколошка криза, а таа веќе е детектирана во Скопје и во Тетово, додека во Струга и повеќе – таа е алармантна и е преокупација на јавните гласила, но без повратен ефект. Пред неа затвораме очи со години, иако последиците се видливи и многу опасни по здравјето и опстанокот на луѓето.

Од друга страна, отпадот стана интересен и вреден како суровина. Не дека е непознато за нас дека богатите земји постојано размислуваат како да се справат со отпадот ангажирајќи институти и стручен кадар кој треба да најде систематско и квалитетно решение.

Урбанистичките планови се чинители во еколошката криза поради густината на градбите, профилот на улиците, застарената инфраструктура и друго. Со архитектонските проекти е занемарена и евакуацијата на сметот. Овој проблем се запоставува иако одамна во напредните земји се вградени апарати во кујнските елементи, т.н. млинови за отпад на органскиот мек отпад. Франција, на пример, уште од 1970-тите години го применува тој систем. Рециклажата исто така крие голем потенцијал за обезбедување суровини. Соседните држави наголемо набавуваат технологија и го почнаа системот на рециклирање. Отпадот како суровински материјал има големи ефекти во индустријата, а рециклажата бара голема организација и синхронизација меѓу големите фирми кои организирано ја собираат суровината и ја доставуваат до соодветните преработувачи. Кај нас маркетите „Веро“ се обидоа преку сметките да ги едуцираат еколошки потрошувачите со следната порака:

„Еден тон рециклирана хартија спасува 17 дрвја. Еден тон рециклиран алуминиум заштедува 6.000 литри нафта. Со рециклирање на едно стаклено шише се штеди енергија со која светилка од 100 вати ќе свети четири часа“. Пораката завршува со апелот: „Селектирајте и рециклирајте“.

За рециклажата да се спроведе во дело, треба да има и производни програми, едноставно постројки, машини, каде што ќе се рециклира материјалот, поточно фабрики каде што тој ќе се преработува. Познато е дека градот се дави во отпад од стакло, од хартија и други корисни материјали депонирани во подрумите. Секојдневната хигиена на градот бара навремена евакуација на сметот, миење на улиците, како и хигиената од страна на корисниците на угостителски и трговски објекти, болниците и амбулантите.

Гасот што се емитува од меката структура на отпадот бара исто така селекција. Внесувањето стручна фирма ќе помогне да се покрене проблемот од мртва точка, а оттука ќе се црпи искуство и ќе се откријат сите можности кои ни се нудат од технологијата и домаќинското управување со сите можни ресурси. Притоа, не треба да се занемари стручниот кадар во Македонија кој го има од сите профили, кои за жал немаат можност технолошки да ѝ помогнат на државата бидејќи не постојат институции преку кои ќе го применат своето знаење. Сите земји се борат технолошки да го фатат чекорот, да ја подобрат сликата за својата земја и да избегаат од категоријата на неразвиени технолошки земји. На Македонија ѝ треба само добра организација и ангажирање на стручниот кадар за брзо да напредува и од овој аспект. Јапонија, на пример, го повика вкупниот пензиониран кадар, според стручната квалификација, да се пријави активно да учествува во обновата на земјата. Во Кина, од друга страна, се користи гасот од септичките јами од добитокот во рамките на домаќинствата, така што секое домаќинство со примитивна технологија го користи гасот за готвење, за осветлување, па дури и за греење во селските подрачја.

Стручното списание „Пресинг“ посвети еден број исклучиво на мерки со кои би се штедела енергијата, со примена на материјали во градежништвото за превенција и подобрување на енергетската потрошувачка. Тоа не се рекламни написи, напротив издржани и студиозно направени текстови. Фрапантен е податокот колку пари се одлеваат кај нас за набавка на сè и сешто, а најмногу за увезување стаклена амбалажа. Корисниците на тој артикл ако сакаат домаќински да се однесуваат треба да најдат начин како да инвестираат дома, бидејќи сега ние вложуваме во земјите од кои се увезува ова амбалажно стакло. Во Англија неколку приградски зони се греат со користење на сметот како енергенс, а Шведска загрева цел еден регион со истата технологија и сега дури увезува отпад. Ние имаме толку отпад што можеме да направиме сензација и целата држава да се затоплува со него. Како држава ние имаме голем број високообразовани стручни кадри, голем број доктори на науки, магистри, професори и среден стручен кадар кои треба да се ангажираат и да дадат придонес во технолошкиот напредок на земјава.

Проблемот со загадувањето во поголемите градови е особено алармантен, така што потребно е да се направи сериозно испитување на ниво на целата држава за да се добие картата на загадувачи, користење на истите за создавање енергенти, па можеби ќе се успее да се супституира електричната енергија и да се постигне многу повеќе со системот за рециклажа.

Акцијата за поставување филтри во индустриските погони загадувачи е скапа работа за сопственикот, но не е поскапа од здравјето на жителите. Во сите урбанистички планови во минатото имаше клаузула за типот на индустриското производство, какви загадувања емитува и на какво растојание во однос на градот треба да се гради. Во индустриските зони близу до градот препораката беше да се градат мали погони за прехранбено производство, како и погони со современа нештетна технологија.

Треба да се обрне особено внимание на Тетово каде што е алармантна ситуацијата, а загадениот воздух по течението на Вардар навлегува во градот Скопје. Генерално, потребно е да се детектираат крупните загадувачи и да се преземат итни мерки бидејќи загадениот воздух е флуид кој нема граници на движење. Изворите на загадување се познати: металната преработувачка индустрија и депониите, дали се урбани или рурални се подеднакво опасни. Картата на загадувачи на Македонија треба под итно да се направи. Треба да се посочат категориите на загадувачи, да се изготви методологија за нивно совладување, со приоритети, како и со паралелни акции за дејствување.

(Авторката е архитектка и урбанистка. Таа беше дел од тимот за изработка на мастер-планот и реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година)