Нема веќе „железарско“ парно, ЕСМ вели греењето ќе биде исто за сите потрошувачи, од 06 до 22 часот и температура меѓу 20 и 21 степен


 

АД ЕСМ соопшти дека спроведе промени во системот на греење на град Скопје во правец на стандардизирање и воедначување на греењето, односно исти услови за сите 62.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции). Од компанијата посочуваат дека промените значат дека одреден број потрошувачи приклучени на ЕСМ Енергетика сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот, како што се снабдува целиот град, и со средна дневна температура во просториите од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија.
Овие потрошувачи на Енергетика досега добиваа парно греење 24 часа.

Инаку, граѓаните од скопска Автокоманда кои што беа корисници на таканареченото „железарско“ парно, вчера беа затечени од оваа промена, бидејќи како што реагираа, биле префрлени од еден на друг извор на топлинска енергија без да бидат информирани за таквата промена. Последниот ден од минатиот месец поголем дел од становите биле без парно греење, или радијаторите биле млаки, и биле исклучени во 22 часот. Тоа беше и причина да закажат протестен собир, незадоволни што че останат без греење во ноќните часови, но и дека ќе плаќаат повисоки сметки.

Од ЕСМ, пак во соопштение до медиумите велат дека од 1 февруари, 2.000 потрошувачи од „Енергетика“, од вкупно 4.000, биле префрлени на мрежата на „ЕСМ Снабдување“ (главната градска мрежа на која се снабдува Скопје), додека за другите 2.000 кои остануваат на „Енергетика“ во следниот период ќе се направат технички подготовки од следната грејна сезона да добиваат греење како и останатиот дел од градот.

„По воведената промена, сметките во населба Автокоманда нема да се покачуваат како што се појавија шпекулации, а сметките на училиштата, градинките, деловните објекти и други институции и ќе се намалат до 45 отсто“, уверуваат од ЕСМ.

Причината за воведените промени е тоа што „ЕСМ Енергетика“ ќе ги стави надвор од употреба старите парни котли кои немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето беше испорачувано 24 часа со енормна потрошувачка на гас“, се посочува во соопштението.

„Котлите се градени во едно друго време и за друга намена, а тоа било снабдување со технолошка пареа на производните металуршки капацитети во комплексот Железара и од тие причини испораката на топлинска енергија преку нив со овие цени на гасот е неодржлива. Поради старата технологија, овие котли при работењето значително ја загадуваат и околина“. велат од ЕСМ, додавајќи дека доколку се продолжеше со истиот начин на работа, со овие цени на енергенсите, тоа ќе чинеше дополнителни 15 милиони евра од буџетот по грејна сезона.

„Тоа значи дека или сите граѓани преку буџетот ќе плаќаат за одреден број потрошувачи да добиваат греење 24 часа, или сметките на сите потрошувачи во Скопје ќе бидат значително повисоки“, се додава во соопштениеот.

Инаку, како што информираат од ЕСМ, од вкупно 62.000 потрошувачи во Скопје (домаќинства, деловни објекти и институции), 57.500 се снабдуваат преку новоформираните фирми ЕСМ Производство, Дистрибуција и Снабдување, односно преку главната градска мрежа која претходно ја оперираше БЕГ, 4.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата на ЕСМ-Енергетика, и 500 преку топланата Скопје Север, која е исто така управувана од АД ЕСМ преку прокурист и финансирано од АД ЕСМ со буџетски средства.

„Треба да се има предвид дека ако нема средства од буџетот за поддршка на АД ЕСМ во оваа енергетска криза, може да се случи и воопшто да нема греење, и затоа е потребно рационално користење на ресурсите“, велат од ЕСМ.