Совет за зелена градба: Многу малку правиме за зелена транзиција во градежништвото


Фото: Б. Грданоски

Сериозна поддршка на зелената транзиција во државата ќе има за цел новиот Совет за зелена градба на Северна Македонија, чие формирање се најавува во рамки на проектот „Енергетско ефикасно градење и реновирање во Западен Балкан“, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Советот ќе биде наменет за сите чинители кои се дел од градежниот сектор.

Овој проект е дел од програмата RECONOMY – инклузивен и зелен економски развој, што го спроведува ЦеПроСАРД.

Координаторот на програмата за енергетска ефикасност во Западен Балкан за Македонија, Игор Панчовски денеска пред почетокот на конференцијата за основање на Советот за зелена градба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери, изјави дека зелената транзиција како збор денеска го користат многу луѓе, секаде го наоѓаме, но нивните анализи покажуваат дека се многу мали познавањата и многу малку работиме во таа насока.

Советот за зелена градба ќе биде воден од Светскиот совет за зелена градба, со поддршка на консултанти од Хрватска.

Фото: Б. Грданоски

Панчовски напомена дека до крајот на 2026 година ќе ја имаат нивната поддршка како правилно да го позиционираат Советот и кои тела треба да се формираат внатре во него.

Како што рече, самиот Совет за зелена градба ќе ги вклучи сите оние организации, институции и компании кои се дел од градежниот сектор, вклучувајќи ја Академијата, градежните компании, инвеститорите, невладиниот сектор, државните институции.

-Преку Советот за зелена градба ќе се обидеме да ја пренесеме информацијата да го зголемиме знаењето во делот на зелената транзиција, да направиме напори да кажеме кои се следните чекори, свесноста кај граѓаните, што значи зелената градба како таква, додаде Панчовски.

Тој напомена оти ова го прават од причина што градежниот сектор е еден од секторите кој што троши најмногу енергија и ресурси во државата.

Зборуваме многу, но правиме малку за зелената транзиција, преку Советот за зелена градба ќе се зголемува свесноста

-Под ресурси велам во смисла на градежни материјали, челик, бетон, цемент. Тоа се сериозно енергетски интензивни градежни материјали, вклучувајќи и понатаму кога ќе се изгради самиот објект, електричната енергија и топлинската енергија кои што овие објекти ги користат. Наша цел е со овој проект да дадеме насоки, заедно со сите кои што се вклучени во самата градба, како да го премостиме овој јаз и Македонија да ја внесеме во ниско јаглеродни држави, додаде Панчовски.

Фото: Б. Грданоски

Според нивните истражувања, иако зборуваме многу за зелената транзиција, правиме многу малку за неа. Свеста, како што рече, е на ниско ниво.

-Целта на овој Совет е преку разни настани, во соработка со Комората денеска и со сите други институции сето ова да го подигнеме. Самиот проект и Советот за зелена градба ќе направи сериозна стратегија како да пристапи кон јавноста, државата доколку е расположена да и помогне во делот на зелената транзиција да го забрзаме темпото и да го направиме во вистинска насока, рече Панчовски.

На новинарско прашање дали е ова континуитет на веќе постоечкиот Совет за зелена градба од 2013 година или почнуваат од почеток, Панчовски одговори дека станува збор за нов Совет кој ќе биде направен на поинаков начин.

-Да, Совет за зелена градба постоеше. Беше формиран од страна на приватна фирма во Македонија и за жал на тогашните околности, тој Совет згасна. Овој Совет ќе биде ново тело, ќе биде направен малку на поинаков начин. Нашиот Совет ќе биде воден од Светскиот совет за зелена градба, со поддршка на консултанти од Хрватска, кои веќе се етаблирани консултанти, поточно, консултанти од Хрватскиот совет за зелена агенда, кој што ќе не води до крајот на проектот, рече Панчовски.

За начините на основање национален Совет за зелена градба, придобивките кој тој ги носи за општеството и самиот градежен сектор денеска на конференција ги презентираше Деан Смолар, извршен директор на Совет за зелена градба Хрватска. Тој потенцираше дека ќе продолжи да ги поддржува сите Совети за зелена градба во регионот, вклучувајќи го и македонскиот, во рамките на времетраењето на проектот.

RECONOMY е инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската развојна агенција за меѓународна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со ЦеПроСАРД и други од Источното партнерство и земјите од Западен Балкан. Активностите се спроведуваат во следните земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Република С. Македонија и Србија.