Нема попис без партија


ГОРАН АДАМОВСКИ

Косово ќе спроведе попис во 2021 година. Спроведе и во 2011 година, но во меѓувреме, административно се преброи за да знае колку гласачи има и да го ажурира Гласачкиот список за избори. Државата може секогаш да пресмета колку жители има, доволно е, на пример, само да види колку важечки лични карти има издадено.
Но и таа навидум едноставна работа кај нас е тема на политичка дебата, формирање работни групи, пазарења и мачни преговори. Нешто што изгледа нормално за секоја држава, во Македонија е доведено до степен на толкав апсурд што директорот на Државниот завод за статистика буквално ги моли политичките партии да седнат, да се договорат и да го изгласаат законот за попис за да може да се реализира напролет.
Всушност, нема политичар што не разбира дека пописот на населението и на домаќинствата е исклучително важен за организирање на државата, за избори, за образование, за здравство, за социјални политики и за економски развој. Проблемот е што тие се заробеници на партиите и на етничките заедници што ги претставуваат. За жал, тие им се на прво место, далеку пред останатите интереси, па и оние на државата.
Во земја со толкава поделеност во сите сфери на општеството, на пописот се гледа само како на операција за да се види колку Албанци живеат, дали и колку се над фамозните дваесет проценти што им обезбедуваат низа погодности, меѓу кои и законот за јазици. И тоа е главната сопка зошто албанските партии се особено чувствителни на ова прашање и зошто опозицијата цело време наоѓа замерки кој, како и кога ќе попишува, особено во селата каде што не живеат припадници на доминантното население во земјава. И зошто власта планира идната пролет, на половина година пред завршувањето на мандатот, да се реализира операцијата што последен пат била извршена пред 17 години.
И, кога ќе ја погледнеме вистината во очи, ќе сфатиме лесно дека нашите политички елити не еволуирале многу изминатите три децении. Затоа сме таму каде што сме.
Дека пописот ќе се одржи во април 2020 година беше обзнането во декември 2018 година. Десетина месеци подоцна, партиите од власта и од опозицијата сè уште дебатираат дали пописот може да се одложи за 2021 година, колку е возможно за него да биде задолжено колективно тело составено од стручни лица, а не од директорот на Државниот завод за статистика, дали попишувањето може да се врши само со матичен број или ќе мора да биде со лична карта, извод или пасош, потоа кој ќе може да ги даде податоците за лицата што се надвор од државата, дали лицата што ќе се попишуваат електронски ќе се сметаат за резидентно население, колку попишувачи да има, дали на граѓаните ќе им се издава документ на самото место за да видат кои податоците се влезени во апликацијата…
Поточно дебатираа затоа што работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ не се сретнале од август. И сега мртви ладни велат оти не планираат да се видат, затоа што нивните ставови и натаму биле дијаметрално спротивни. А другарите од ДУИ, кои ја предводат парламентарната Комисија за европски прашања, не свикуваат седница.
Законот за попис е клучен затоа што без него не може да се распише оглас за попишувачи, простории и слично, иако веќе има обезбедено буџет. Тој може да се донесе со апсолутно мнозинство од 61 пратеник, што не е проблем за власта. Но, доколку нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, можно е опозицијата да повика на бојкот, па целата операција да нема смисла. А и зошто да се оди со ризична операција и да се стигне до бројки што никому не одговараат?
Впрочем, од тие причини беше одложен пописот во 2011 година, на само три дена пред завршувањето. Никола Груевски и Али Ахмети се прекомбинираа, па сфатија дека е подобро итно да свирнат крај на натпреварот. Можеби визионерски пресметаа оти за тоа еден ден ќе биде им побарана одговорност, но никогаш нема вистински да платат за тоа.
Доколку преку ноќ не се случи чудо и партиите најдат заеднички јазик, пописот и сега ќе го оставиме за некои други времиња. Се надеваме за некои подобри времиња, иако со партии како нашите прашање е кога ќе ги дочекаме.